Изложби
Изложба на современата чешка уметност со наслов „Правило и исклучок“
Во рамките на Програмата на Националната галерија на Македонија, во среда, во 19.30 часот, ќе се отвори изложба на современата чешка уметност со наслов „Правило и исклучок“, а во четврток, во 12 часот ќе се одржи предавање апропо изложбата од страна на кураторката Мариана Серанова.
Настаните ќе се реализираат во објектот Чифте амам.Уметници вклучени во изложбата се: Алеш Чермак (Aleš Čermák), Ева Јиржичка (Eva Jiřička), Ева Котјаткова (Eva Koťátková), Барбора Клеинхамплова (Barbora Kleinhamplová) и Тереза Стејскалова (Tereza Stejskalová), Вацлав Магид (Václav Magid), Маркета Магидова (Markéta Magidová) и Јан Феифер (Jan Pfeiffer), Јан Манчушка (Ján Mančuška), Слава Соботовичова (Sláva Sobotovičová), Роман Штетина (Roman Štětina), Адам Вачкар (Adam Vačkář) сите одлични претставници на чешката современа визуелна сцена.Делата претставени на оваа изложба претставуваат само мала илустрација за перформативните пристапи кои често се применуваат во последниве неколку години, особено од страна на помладата генерација на чешки уметници. На изложбата има дела кои се создадени и документирани во разни автентични средини со помош на претставници на различни социјални групи и проекти во кои учествуваат професионални актери или изведувачи. Насловот на изложбата, Исклучок и правило, е позајмен од истоимената „драма за учење“ од Бертолд Брехт (Die Ausnahme und die Regel), чии хипотези, особено во смисла на пристап кон гледачот, општествен ангажман на уметноста како агент на социјални промени и ослободување на обесправените класи, се во врска со „социјален пресврт” и едукативни трендови меѓу оние кои најмногу се спомнувани од авторите во последните две децении.Куратор на изложбата е Маријана Серанова, која овој проект го организира во соработка со Ана Франговска и истата ќе биде поставена до 3 јануари 2016 година./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.
Изложби
„Фрагментирана интроспекција“ – изложба на скулптури на Слободан Милошевски во Неготино
На 23 мај 2024 од 19:30 часот во изложбениот салон на Музеј на град Неготино ќе биде отворена изложбата „Фрагментирана интроспекција“ од авторот Слободан Милошески.
Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 1 јуни.
„Фрагментирана интроспекција“ е технички умешна и концептуално богата изложбена поставка која ја истражува сложената врска помеѓу нашето Јас, перцепцијата и идентитетот. Го ангажира гледачот и на интелектуално и на емоционално ниво, поттикнувајќи подлабоко истражување на сопственото битие. Оваа изложба е доказ за умешноста на уметникот и неговата способност да пренесува сложени и длабоки концепти преку медиумот на метал, што резултира со прекрасни уметнички дела кои предизвикуваат контемплација.“ – вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.
До сега има реализирано 30 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година , нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година. и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски,
Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет, сите во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

