Изложби
Мултимедијалната уметница Алма Идризи на парискиот Есенски салон
По поканата и учеството на Биеналето во Велс, каде што се претстави со четири фотографии, македонската уметница Алма Идризи доби покана за учество на интернационална изложба во најголемиот уметнички салон во Париз, Есенскиот салон, каде што исто така ќе се претстави со фотографија.
По поканата и учеството на Биеналето во Велс, каде што се претстави со четири фотографии, македонската уметница Алма Идризи доби покана за учество на интернационална изложба во најголемиот уметнички салон во Париз, Есенскиот салон, каде што исто така ќе се претстави со фотографија.
Алма Идризи е мултимедијален уметник чии дела се претставени преку дигиталната фотографија, сликарство, цртеж, илустрација, видео, анимација, мода и изработка и дизајн на накит.
Родена е во 1985 година во Скопје, Македонија, каде што живее и работи, почнувајќи со цртање и сликање од почетокот на 1998 година. Во годините 2010/2013 има учествувано на повеќе проекти за заштита на културното наследство во Македонија, финансирани од амбасадите на САД.
Својата работа почнува да ја изложува во текот на 2003 година во Музејот на современа уметност во Македонија, и оттогаш е претставена во бројни колективни и поединечни изложби и нејзините дела се дел од многу јавни и приватни колекции во Македонија, Албанија, Косово, Турција, Аргентина , Уругвај, Италија итн.
Интересите во уметноста за Идризи се движат во распонот од примената на класичната уметност до современите уметнички типови на изразување. Таа ги проучува сите начини на уметничко изразување, експериментирајќи со мешањето на материјали и уметнички јазици.
Кај Идризи користењето на медиумите се заснова врз потребата да се претставуваат делата во нивната целосна звучност, поради потребата за изразување во целосна неограничена слобода на постоењето, како резултат на внатрешен план моралната чистота на целите, која сама по себе предизвикува ментални вибрации кои ја стимулираат потребата за истражување на суштинско значење во секој од нас.
На 6-ти септември учествуваше на Биеналето во Велс, каде што се претстави со четири фотографии, и сега во Париз, исто така, ќе се претстави со фотографија.
Есенскиот Салон (Salon d’Autumne) одржува изложби уште од 1903 година. Салонот е значаен токму поради влијателните уметници кои го формирале и на него учествувале уште на првата изложба во 1903 година. Тој репрезентира имиња како што се Матис, Вијон, Бланш…. Во 1904- та на Салонот се претставени 33 слики од Сезан, 62 од Редон, и 35 од Реноар. Во 1905 – тата на него излагаат фовистите кои ги претсавуваат најголемите револуционери во сликарството во XX век. Во 1903 тата меѓу излагачите се Роден, Леже, Шагал, Де Кирико…
Во 1923година, во Салонот влегува Корбизие со својот современ град, а Кокто ја отвора вратата на седмата уметност – филмот. На оваа манифестација присутен бил и Пикасо, кој на овој Салон во 1945 година се претставил со 76 слики. Овие значајни имиња се дел од богатата историја на Салонот, поради која тој оправдано станува референца во историјата на уметноста на XX век./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.

