Изложби
Ноќни обиколки на музејот Tate Britain со очите на роботи
Проектот кој предвидува посети на лондонскиот музеј „Tate Britain“ со помош на роботи на почетокот од годинава ја доби инаугуралната награда на овој музеј IK Prize за дигитални иновации во износ од 60 илјади британски фунти што овозможи оваа идеја да се реализира во следните пет дена, кога љубителите на уметноста од целиот свет преку веб камери ќе можат да одат во ноќни посети на збирките на музејот со помош на водич – робот.
Проектот кој предвидува посети на лондонскиот музеј „Tate Britain“ со помош на роботи на почетокот од годинава ја доби инаугуралната награда на овој музеј IK Prize за дигитални иновации во износ од 60 илјади британски фунти што овозможи оваа идеја да се реализира во следните пет дена, кога љубителите на уметноста од целиот свет преку веб камери ќе можат да одат во ноќни посети на збирките на музејот со помош на водич – робот.
Во рамките на проектот „After Dark“ од среда до недела (од 13-ти до 17-ти август) сите заинтересирани посетители на споменатиот лондонски музеј ќе можат да се пријават преку интернет страницата aferdark.tate.org.uk за да преземат контрола над еден од четирите роботи и, по затворањето на музејот за посетителите, во периодот од 22 до 3 часот по британско време, (23 – 4 по средноевропско време) од удобноста на својот дом од која и да е точка на планетата да прошетаат во галериите на „Tate Britain“ . Во петок, 15-ти август, посетите со роботот кустос започнуваат во 19,30 часот и траат до половина час по полноќ.
Среќниците кои први ќе успеат да дојдат до управувачот на еден од роботите при неговото прво јавно користење во средата навечер, ќе имаа можност да прошетаат по сите главни галерии на „Tate Britain“.
Зад проектот под наслов „After Dark“ стои уметничкиот колектив и дизајнерско студио „The Workers“ кој го сочинуваат Томасо Ланза, Рос Каирнс и Давид де Дука, чијашто идеја се состои во тоа на посетителите да им се овозможи преку ноќ, управувајќи со роботи од својот дом, виртуелно да шетаат по галериите на музејот „Tate Britain“, и низ „очите“ на роботите ги разгледуваат таму изложените експонати. Роботите можат да се движат насекаде, а посетителите би можеле да зумираат сѐ што ги интересира.
Роботите се опремени со софистицирани сензори за да се избегне меѓусебното и судирањето со предметите и музејските артефакти од непроценлива вредност. Иако се прилично брзи, сепак не можат да ги користат скалилата. Подвижната глава на роботот е опремена со две камери и LED осветлување и е поставена на две тенки шипки заглавени во циркуларно тркало што овозможува нејзино неограничено движење. Опремени се со силна батерија којашто трае најмалку пет часови.
Прв ги тестираше пензионираниот командант на Меѓународната вселенска станица (ISS), Крис Хејнфилд од неговиот дом во канадската метропола Торонто.
Иако со роботите ќе можат да управуваат само мал број љубители на уметноста, нивниот напредок ќе може преку лајв стрим да го следат сите заинтересирани вљубеници во уметноста и во технологиите. Внимателно ќе ги следи и дизајнерскиот тим кој го осмисли проектот, и евентуално ќе пријде на помош доколку се јави проблем или застој
Наградата наречена по филантропката Ирене Крејтмен, којашто со години волонтираше во овој лондонски музеј и даваше парични прилози за галеријата, во 2014 година е доделена првпат, а во иднина ќе се доделува еднаш годишно за оригиналните идеи кој предлагаат поврзување на збирката на „Tate Britain“ со пошироката публика со помош на дигиталната технологија. Покрај финансиската поддршка за реализација на идејата, наградените уметници на свеченото доделување во февруари во Лондон добија и десет илјади фунти. Наградениот труд доби и изложба на готовиот проект во „Tate Britain“.
Основачот на Wikipedia, Џими Велс, еден од членовите на жирито, изјави при образложувањето на наградата дека станува збор за навистина возбудлив и оригинален предлог чијашто мисија е ширењето дека достапноста на уметноста со помош на дигиталната технологија. „Тој проект на луѓето низ светот на единствен начин ќе им направи достапен период од половина век британската уметност“, вели Велс.
Покрај Велс, во жирито беа и уметникот Марк Леки, директорката на технолошкиот оддел во весникот The Guardian, Џемим Кис, внукот на Ирене Крејтмен, Џон Портер, креативниот директор на креативната лабораторија на американскиот технолошки гигант Google во Сиднеј, Том Еглоу и директорот во одделот за публика и медиуми во „Tate Britain“, Марк Сандс.
Уметничкиот колектив Workers е формиран пред три години откако Ланза и Каирнс во 2011 година дипломирале на лондонскиот Royal College of Art. Во потесниот избор за наградата влегле уште три проекти избрани од подолгата листа од 51 предлог. Тројцата уметници, покрај другото, реализираа проекти и за лондонската Олимпијада во 2012 година и за Природонаучниот музеј во Берлин./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.

