Изложби
Патување, изложба на 39 современи уметници од Македонија и Ј.Кореја во Националната галерија на Македонија – Мала станица
„Патување“ е насловот на изложбата на која ќе се претстават дела од триесет и девет современи уметници од Македонија и Јужна Кореја, од каде гостуваат уметниците од групата Егзит. Изложбата ќе биде отворена во среда, 3-ти август во 2016, 20:30 во Националната галерија на Македонија во објектот Мала станица и ќе биде отворена до 20-ти август.
На изложбата ќе бидат поставени дела во најразчилни медиуми, инсталации, аудио‒инсталации, објекти, реди‒мејд објекти, фотографии, слики и цртежи. Изложените дела се од голем, среден и мал формат.
Од Македонија изложуваат голем број реномирани автори, како и млади талентирани уметници, а од Јужна Кореја се претставуваат уметниците од групата Егзит. Групата Егзит е формирана во градот Ченгчу во 2010 година и е отворена за соработки. Во неа покрај основачите, секоја година кон изложбите се приклучуваат нови членови, а исто така покануваат и гости од странство.
Изложуваат по двапати годишно, еднаш во Кореја, еднаш во странство. Во својот прв каталог ја цитираат мислата на Фрида Кало „Се надевам дека Излезот носи задоволство, и се надевам дека никогаш нема да се вратам”, што го појаснува значењето и поводот за избор на нивното име. Организатор и куратор на изложбата „Патување“ е Маја Кировска, уметник од Македонија, која соработката со групата Егзит ја започна во 2014 година на еден настан, во MC Gallery во Њујорк, каде со концерт во иста вечер беа отворени три изложби, две на македонски автори а една на автори од групата Егзит од Јужна Кореја. Потоа набрзо започнаа подготовките за гостување на групата Егзит во Македонија на заеднилка изложба со македонски автори.
Токму заради остварување контакти и соработки од ваков тип, практика на MC Gallery е отворањата на одделните изложби галеријата да ги одржува во една вечер, каде покрај контактите со посетителите, уметниците имаат можност меѓусебно да се запознаат. Преговорите со галерија од градот Ченгџу во Јужна Кореја, за пренесување на изложбата „Патување“ во Јужна Кореја веќе се во тек.
„Преку делата на оваа изложба, авторите ги прикажаа своите погледи на темата ’Патување’ разгледувана во најширока смисла на зборот, патување како движење од точка А во точка Б, земени како позиции во просторот и времето или преминување од една во друга состојба. Тие ги разгледаа условите со кои се соочува субјектот или објектот кој патува, влијанијата и промените кои ги претрпува, како и крајните позиции или резултати од ваквото патување.
Изборот на темата беше поттикнат од актуелните случувања и состојби во светот, од општите човекови состојби и принципи, непроменети стотици и илјадници години, како и од универзалните принципи на природата кои никогаш не се менуваат.
Она што прво ни паѓа на памет кога ќе го слушнеме зборот патување е патување во друга земја. И покрај состојбите во светот и бројните напади на локациите каде има голема концентрација на странски туристи како што се аеродромите, како ништо да не ги спречува патниците во нивната намера, аеродромите се пополни од било кога, штетите од несреќите се санираат со рекордна брзина а сообраќајот и протокот на луѓе продолжува како ништо да не се случило.
Патувањата ги прошируваат нашите видици. Патувањата се дел од работата на многу професионалци ширум светот. Тие се значаен дел и од работата на уметниците кои патуваат на резиденции, отвoрања на изложби и други професионлни престои. Комуникацијата носи нови идеи, а секој контакт со нова средина или нови луѓе носи влијанија кои најчсто резултираат со поинакви креативни решенија.
Денес најзастапени патувања можеби се туристичките, кои се разликува од истражувачките експедици, по тоа што туристите одат по проверен пат, користат воспоставени системи на активности и воглавно се заштитени од тешкотии и опасност.
Имајќи пасош со кој туристички можеме да патуваме во многу земји без виза, забораваме дека не сите луѓе на планетава ја имаат таа привилегија, привилегијата на слободата на движење која би требала да биде основно човеково право. Жителите на многу земји во светот не се во можност да извадат виза за да патуваат. И не беше толку одамна, пред 2009 година, кога на граѓаните на Република Македонија им беа потребни визи за да патуваат во земјите на Европа. Покрај пасошите и визите, материјалните средства се неопходен предуслов за еден човек да може да си дозволи патување.
Додека голем дел од популацијата ја има привилегијата да оди на безбедни патувања, денес среќаваме една поинаква категорија на патници, присилени поради прогон или војна, да тргнат на опасни патувања, на кои многу од нив го губат животот. Од минатата година и со сопствени очи бевме сведоци на најголемата бегалска криза после Втората светска војна, кога илјадници луѓе дневно транзитираа низ нашата земја. Само од почетокот на 2016 година, скоро 3000 лица го загубиле животот или се водат за исчезнати во водите на Медитеранот.
Кога ќе умре човек, кај народот се вели дека душата патува на оној свет, а смртта го означува моментот кога душата конечно ќе го напушти телото. Од ваквото поимање на смртта произлегува и терминологијата во повеќе јазици како и во македонскиот архаичен говор, каде често се срекаваат изразите, си премина, си замина, си отиде човекот.
Различно од реалниот живот, уметноста може да ни дозволи да креираме поинаква визија за светот, онаков каков сакаме да биде, онаков каков што предвидуваме дека ќе биде, онаков каков што стравуваме дека ќе биде… да не однесе на патување во иднината, во друга временска или просторна димензија, светот на соништата, во паралелна реалност, или во реалноста на уметничкото дело за која зборува Малевич.” – Маја Кировска, куратор на изложбата
Уметници: Александра Јовановска, Ана Ивановска, Ана Јовановска, Ана Лазаревска, Ангел Миов, Благојче Наумоски – Бане, Борче Богоевски, Викторија Попоска, Горазд Попоски, Горан Менков, Гордана Вренцоска и Далибор Тренчевски.
ЕГЗИТ: Loy Kim (Лој Ким), Kyusun Lee (Кјусан Ли), Jiyeon Mun (Џијан Мун), Insuk Ryu (Инсук Риу), Giljae Jeong (Гиљце Цонг), Dongrack Son (Донграк Сон), Iksong Jin (Иксонг Џин), Yuntaek Sa (Јунтек Са), Mijeong Lee (Миџонг Ли), Sunyoung Lee (Санјонг Ли)Changlim Lee (Чанглим Ли), Soongu Han (Сангу Хан).
Зорица Зафировска, Ивана Пирковска, Јана Манева – Чупоска, Јовица Мијалковиќ, Кристина Хаџиева, Маја Кировска, Марија Сотировска – Богдановска, Марко Георгиевски, Нина Нинеска, Перо Кованцалив, Петра Јовановска, Тони Димитров, Урош Вељковиќ, Христијан Санев и Христина Зафировска./крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.

