Книги
Излегува од печат книгата „Тивок хаос“ на Сандро Веронези

Во четврток, од печат излегува книгата „Тивок хаос“ на Сандро Веронези, во превод од италијански јазик на Калина Јанева. Ова е 136. издание во популарната едиција ПРОаЗА на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, чие излегување е дел од проектот „Креативна европа“ на ЕУ. По тој повод, традиционално, книгата во првите два дена, в четврток и впеток, во книжарницата ИЛИ-ИЛИ читателите ќе може да ја купат по промотивна цена.
Тивок хаос (2005) е роман на италијанскиот автор Сандро Веронези, со кој ја освои најпрестижната италијанска книжевна награда „Стрега“. Истоимениот филм, базиран врз романот, во режија на Антонио Грималди и со Нани Морети во главната улога, беше екранизиран во 2008 година. Главниот јунак на романот ја живее својата осаменост пред училиштето на ќерка си. По неочекуваната смрт на свршеницата, „мора да си го обнови животот пред местото каде што луѓето одат да учат“, додава авторот. Романот е прекрасно напишан, меланхоличен и духовит, и ги преиспитува и подрива очекувањата на читателите за тоа како изгледа жалоста. Сандро Веронези од секој детаљ прави уметност, создавајќи мозаик од хумор, надеж и длабока проникливост. „Веронези е успешен овој смел и тежок потфат, во кој создава недоверлив раскажувач што необично ја пројавува жалоста, иако поддејствата се толку сатирични што е нејасно каде завршува шегобијната сатира, а започнува реалистичната психолошка драма“, напишаа во Паблишерс викли, додека Шелф авернес потенцираа: „Како книжевен Фелини, Веронези оживотворува впечатлива човечка комедија како што би се осмелил само еден Италијанец, урнебесно смешно наспроти чистата трагедија. Читателско искуство што не смее да се пропушти“. Сандро Веронези е италијански романсиер, новинар и есеист. Дипломира архитектура на Универзитетот на Фиренца, градот во кој е роден во 1959 година, но потоа решава да ѝ се посвети на писателската кариера. Автор е на една поетска збирка, пет романи, три збирки есеи, збирка раскази, еден драмски текст и бројни предговори за романи и збирки есеи, интервјуа, сценарио и телевизиски програми.Неговиот роман Силата на минатото ги освои наградите „Кампиело“ и „Вјареџо“ во 2000 година. Во 2005 години излегува неговиот роман Тивок хаос. Делото е преведено на 20 јазици и е добитник на најпрестижната италијанска книжевна награда „Стрега“, како и на повеќе други награди во Франција и ШпанијаВо 2011 година ја објавува збирката раскази Бакнежи пратени на друго место. Пишува за италијански весници и книжевни списанија, а меѓу неговите дела од областа на документарната проза спаѓа и Око за око, студија за смртната казна на четири различни места во светот (Судан, Тајван, Советскиот Сојуз и Калифорнија).Сандро Веронези е основач и на италијанската издавачка куќа „Фанданго“, заедно со Доменико Прокачи./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори

На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.
Книги
Книгата „Мајсторот“ од Димитар Башевски објавена во Софија

Во издание на издавачката куќа „Изида“ од Софија, деновиве е објавена книгата раскази мајсторот од Димитар Башевски. Тоа е трета книга од Башевски објавена во Бугарија. Претходно објавени се неговите романи „Бунар“ и „Круг“. Преводот на книгата „Мајсторот“ од македонски на бугарски јазик е на Тања Попова.
Во текстот кон објавената книга се вели дека „Димитар Башевски го води читателот на книжевно патување низ длабоките слоеви на човечките емоции и вечните потраги. Со екстремна леснотија и чувство за јазични нијанси, авторот слика живописни слики на љубов, страст и копнеж кои се испреплетени со огромните прашања за смислата на животот и човечкото место во светот“.
Димитар Башевски е автор на дваесеттина книги проза и поезија. Добитник е на највисоките книжевни и општествени награди во земјата. Неговите книги се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга

Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).