Книги
Објавен еротскиот роман „Растењето на Лулу“ од Алмудена Грандес

Еротскиот роман „Растењето на Лулу“ од шпанската писателка Алмудена Грандес е објавен од страна на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.
Книгата е добитничка на наградата „Вертикална насмевка“ за еротска проза, а култниот шпанскиот режисер Бигас Луна во 1990 година сними филм според него. Емили Л. Бергман го нарече овој роман „пробив на еротизмот во женското писмо“. Преводот на македонски е на Огнена Никуљски.
Овој интензивен еротски ракопис ги претставува сексуалното будење и авантурите на Марија Луиза, млада девојка чие семејство ја вика Лулу. Како ученичка ја заведува далеку постариот Пабло, инаку пријател на нејзиниот брат. Подоцна, се среќаваат кога таа заминува на факултет. Тој сега е професор и ја бара својата студентка за жена, постепено воведувајќи ја во различни и необични искуства. Лулу развива чуден вкус кон сексуалните супкултури на Мадрид. Ехото на Де Сад може да се насети во романот, додека таа има секс со наставничката, ужива во кревет со Пабло и со трансвестит, опсесивно спие со хомосексуалци, со врзани очи и раце групно ја силуваат. Дали Лулу воопшто ќе се обиде да спаси нешто од бракот и од односот со ќеркичката Инес? Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Алмудена Грандес (родена 1960) е шпанска писателка. Студирала географија и историја. Во своите книги зборува за шпанскиот народ во последната четвртина од XX век и во првите години од XXI век. Нејзините дела имаат добиено многу награди и повеќето доживеале филмска екранизација. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
Промоција на романот „Писмо за Глорија“

В среда (1 март), со почеток во 20 часот, во киното „Фросина“ во МКЦ, ќе се одржи промоцијата на романот „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски како 216. издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“. Промоторка ќе биде писателката Фросина Пармаковска, која низ разговор со авторот ќе им ја претстави и доближи книгата на читателите.
„Романот „Писмо за Глорија“ е автифокциски обид за реобмислување и сублимирање на фрагментираното минато што се води од една навистина, благородна стремеж – испишување на реалноста, што честопати може да биде необична и себеиспишување, што секогаш мора да биде комплексно и трауматично. Може ли тоа да значи зацелување, соочување со траумата и нејзино надминување? Овој роман е еклатантен пример за тоа како (авто)фикцијата може да биде книга за себеспознавање, себесоочување и самопомош преку клучот и лавиринтите што тој ни го отвора преку бескрајните предели на убавата литература“, вели Пармаковска во освртот кон романот.
Живко Грозданоски е роден 1986 година во Кичево. Основно училиште завршил во Бигор Доленци и во Кичево, средно во Скопје. Дипломирал на Катедрата за италијански јазик и книжевност. Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, „Или-или“, 2014) и на италијански („Последното име на иднината“, „Антолог“, 2018) јазик. Преведува и препејува од и на италијански јазик.
Книги
Објавена првата рецензија за најновиот роман на Венко Андоновски – „Папокот на светлината“

Објавена е првата рецензија за најновиот роман на Венко Андоновски, „Папокот на светлината“, кој за помалку од еден месец по промоцијата на првото, веќе доживеа второ издание. Критичкиот одглас за романот на Андоновски е на универзитетската професорка и книжевна критичарка, водечки познавач на современата македонска книжевност, Весна Мојсова-Чепишевска.
„За да не нè доживува преостанатиот свет како книжевност што постојано преџвакува една иста локална приказна, мора да се изнајде пат на кој ќе останеме свои на своето и во чии рамки ќе говориме за една универзална тема со цел да нè разберат и другите/преостанатите. Впрочем, тоа е природна потреба на секоја книжевност што не сака да умре. Овој најнов роман на Андоновски држи до таа девиза да се остане свој на своето преку универзалната тема за бесмртноста, верноста, суетата, гревот, зависта… И зашто тој не е ’веќе писател што сака да им се допадне на другите’, и зашто тој е ’лепослов што е служител само на убавината, а каде е убавината, таму е вистината, Он“.
Осврнувајќи се на „Папокот на светлината“, таа, како одличен познавач на опусот на Венко Андоновски, го коментира и претходното негово прозно творештво од збирката раскази „Фрески и гротески“, објавена пред триесет години преку „Папокот на светот“ објавен пред две децении до денес. Притоа и напоменува дека токму таму каде што заврши неговиот романот „Азбуката за непослушните“, почна „Папокот на светот“, објавен пред дваесет години.
Таа во рецензијата и го отвора прашањето дали со зборови припишани на еден од ликовите, во овој најнов негов роман Андоновски не развива и еден носталгичен однос кон старата добра форма на книга. Дали по малку не го покажува и својот страв од целосното исчезнување на книгата? И додека некој го фасцинира идејата „дека во едно чипче со големина сантиметар на сантиметар може да се „зипува“ сето знаење на светот“, него отсекогаш го фасцинирало „како во една книга, со димензии 15 x 21 сантиметар, може да се настани и сохрани цела една душа“, нагласува истакнатата книжевна критичарка.
Во рецензијата истакнатата книжевна критичарка напоменува дека и во овој роман доминира бројот три како и во првиот, при што се осврнува на трите приказни во „Папокот на светлината“. Првата е монолошки организирана и се чита како исповед на еден писател – има функција на монодрама. Втората е развиена низ две гледни точки на два женски лика и според Мојсова-Чепишевска како структура го има ехото на „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Во неа, според критичарката, како целосно да е имплементирана тезата од прочуената книга на Мартин Бубер, „Јас и ти“: „Јас настанувам во допирот со Ти, настанувајќи јас, јас говорам Ти. Целиот вистински живот е средба. Дијалогот, што е основата на втората приказна, како што истакнува Мојсова-Чепишевска, станува услов за да се развие и третата, која е најобемна и го носи насловот и на целиот роман.
Во рецензијата Мојсова-Чепишевска пристапува кон микрочитање на романот, во кое едновремено се присутни и книжевната теоријата и културологијата, но и историјата на светската книжевност преку многубројни компаративни исчитувања на најновиот роман на Андоновски.
Инаку, со беседа на Весна Мојсова-Чепишевска за дотогашното творештво на Венко Андоновски во декември минатата година почна и големата промоција на романот „Папокот на светлината“. Нејзината рецензија е прв одглас на македонската книжевна критика за ова прозно остварување на Андоновски.
Книги
Војната како мотив во уметноста во новиот двоброј 8-9 на „Зенит“

Десетина современи украински поети застапени во најновиот двоброј на „Зенит“ број 8-9. Автори кои изминатите десет месеци творат под татнежот на бомбите и под звукот на истрелите, својата најнова поезија со призвук на пркос ја објавуваат во Меѓународното списание за наука, литература, култура и уметност „Зенит“, благодарение на препевот од Звонко Димоски и Игор Станојоски.
„Кога војната доаѓа, покосува речиси сѐ пред себе. Но, колку што таа свирепо касапи, реже и граба, толку уметниците создаваат и со својата уметност ги лекуваат раните на светот. Воената инвазија во Украина беше поттик оваа тема да се набљудува токму од уметнички аспект, не само во овој контекст туку пошироко и подлабоко во минатото“, велат уредниците на „Зенит“, Ана Витанова-Рингачева, Сузана Мицева и Далибор Плечиќ.
Покрај литературни текстови, „Зенит“ во овој двоброј објавува и репродукции на ликовни дела повторно мотивирани од војната. Изборот на делата, велат уредниците, е на ликовниот уметник Никола Пијанманов.
Двобројот е поделен на две целини. „Слика 1“ со интервјуа, поезија, проза и репродукции во кои се зборува за војната, и „Слика 2“ со стандардните рубрики на списанието.
Корицата, како и на сите претходни броеви, е дело на ликовниот уметник и илустратор, Ване Костуранов.
„Зенит“ оваа година излегува во 500 примероци а е поддржан од Министерството за култура и од Општина Струмица.