Книги
Поезија на Димоски и документарен филм на Вељаноски на Охридско лето
Промоција на книгата „Поезија – ткаења“ од Славе Ѓорѓо Димоски и на документарниот филм на Антонио Вељаноски „Поет на мал народ“ ќе се одржи во петок вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“, во рамки на манифестацијата. Охридско лето
Во книгата „Поезија – ткаења“ во издание на Панили од Скопје содржани се досегашните објавени поетски книги на Славе Ѓорѓо Димоски: Гравири (1979), Проект (1982), Студен порив (1985), Последните ракописи (1988), Спореден пат (1991), Предмети и аргументи (1994), Форми на страста (1998 и 1999), Темно место (1999) и Мерач на зборовите (2007). Изданието е објавено во знак на 35 години поетско творештво, односно од објавувањето на првата книга Гравири (1979).
Во документарниот филм на Антонио Вељаноски преку три песни (Куќа, Траума и Ноќта е црна Liebe Maria) е раскажана духовната биографија на поетот Славе Ѓорѓо Димоски. Поетот зборува за поезијата како чувар на јазикот на малите народи бидејќи во неа е содржан исконскиот озон на јазичната традиција. Филмската приказна претставува еден отсонуван сон на недосонуваните копнежи.
„Со овај филм навлегов во еден специјален жанр во склоп на документарните филмови а тоа е поетичниот жанр, односно филмот има и неколку поджанрови, меѓу кои е и портретот, или можеме прво да го ставиме портретот, а потоа, преку поетичниот жанр би дошле до поимот Поетичен портрет. Голема инспирација црпев од сурреалниот стил на раскажување на големата светска документаристка Мартина Кудлачек, која што имав чест и лично да ја запознам на едно нејзино предавање за филмскиот портрет на националниот факултет за филм во Прага, каде што беше презентиран и нејзиниот филм Amour fou – Ludvík Šváb. Сметајќи дека поезијата е една сурреална дисциплина, играјќи со надреалните елементи кои што се во филмот го овековечив, овај наш поет на филмското платно. Како одговор на критиките од страна на еден филмски критичар во Чешка би сакал да се изјаснам дека овај филм не е, како што тој кажа дека сум се обидел да ја опишам поезијата општо, овај филм не е опис, овој ФИЛМ е еден мал дел во кој што преку неколку песни филмски го претставувам творештвото на само еден ПОЕТ; ова е ФИЛМ, а не е опис. Како сите други уметници, пред се размислувам за целокупниот скелет на филмот гледано според некоја драматуршка форма. А стилот го гледа гледачот и негово е да оцени дали тој стил му се допаѓа или не, инаку контурата на филмот е нешто што мислам дека успеав доста добро да го изведам но без него СЛАВЕ кои што со своите извонредни мисли за тоа како се конструира една песна им ги обогатува импресиите на сите оние кои што поезијата ги интересира. Овај филм и како сите филмови не би го држел вниманието на сите, за тоа сум свесен. За жал интересот за поезијата е се помал, но сметам дека ова дело е една филмска поема“, вели Вељаноски кој е апсолвент на престижната Академија за филм – ФАМУ во Прага.
Филмот по сценарио и режија на Антонио Вељаноски оваа година доби награда на фестивалот „Млада камера“ во Република Чешка.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.
Книги
„Матица“ ја заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ со голема донација за Македонците во Албанија
Со голема донација од книги за Македонците во Албанија, издавачката куќа „Матица македонска“ денеска ќе ја заокружи иницијативата „Подари книга, подари свет“ по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги и во рамките на чествувањето на 35-годишнината од нејзиното основање.
-Клучни книги за македонската историја, студии за македонскиот јазик, избрани дела од дел од најзначајните македонски поети и прозаисти, дела од и за македонската книжевна историја, монографски изданија за македонската култура и антологии се само дел од донацијата на „Матица македонска“ за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Друштвото е формирано во 2009 година со цел да се заштити македонското национално малцинство во Република Албанија и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија, соопшти „Матица“.
Издавачката куќа информира дека Македонско друштво „Илинден“ – Тирана упатува искрена благодарност за вредната донација со македонска литература.
-Оваа значајна иницијатива претставува силна поддршка и дополнителен поттик за зачувување, негување и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу Македонците во Република Албанија. Со вакви дела на солидарност и соработка се зацврстуваат културните врски и се создаваат нови можности за понатамошна поддршка и заеднички активности. Гестот и заложбата на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, Македонците од Албанија, вклучително и младите генерации да имаат можност да читаат и да се едуцираат на македонски јазик од вредни дела, притоа осознавајќи многу за македонскиот идентитет, е од суштинско значење за нас и за остварување на нашата цел, истакнува претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.
Во соопштението е наведено дека донацијата од „Матица македонска“ содржи изданија што ќе можат да ги опфатат сите предели каде што живее македонското национално малцинство во Албанија и каде што Македонкото друштво „Илинден“ има активности, вклучително и преку органокот во Голо Брдо.
-Оваа акција на првата издавачка куќа во самостојна Македонија се случува во клучен период на предизвици за македонското национално малцинство во Албанија, а непосредно откако Македонското друштво „Илинден“, на 6 февруари, одбележа 17 години постоење, соопшти издавачката куќа.
Во текот на изминатите недели, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ донираше книги и за Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција, за училиште во Света Недела, Хрватска, каде што се изучува македонскиот јазик, како и за Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана
-Во ова Друштво, покрај иселеници Турци, кои иако отселени во 1957 година сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, членуваат и нивните потомци – до најмладите генерации родени таму во 21 век, коишто имаат желба да го научат и да зборуваат, читаат и пишуваат на јазикот на земјата од којашто потекнуваат – македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација. Само еден ден откако беше објавено дека во уште едно училиште во Хрватска, во градот Света Недела во близина на Самобор, ќе се изучуваат македонскиот јазик и култура, веќе се случи првата донација од Македонија за училиштето. „Матица македонска“ испрати голема донација од книги во Хрватска, за учениците што ќе го учат предметот Македонски јазик и култура во Света Недела. На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, заедно со „Алкалоид“, „Матица македонска’ донираше капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана – првиот македонистички центар на универзитет надвор од Македонија. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик во светот, оваа донација е и првата поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка катедра по овој повод, соопшти „Матица македонска“.
Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори
На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.

