Култура
Конзервација и реставрација на манастирскиот комплекс „Св. Никола“ во Љубанци
Тече реализацијата на проектот за конзервација и реставрација на манастирскиот комплекс „Св. Никола“ во скопското село Љубанци.
Проектот, чија целосна реализација е предвидена за 2016 година, предвидува конзервација и реставрација на конаците на овој комплекс кој датира од 19 век.
Во изминатиот период, надлежната установа, Конзерваторски центар – Скопје, заврши неколку активности, меѓу кои и демонтажата на оштетените и дотраени елементи на конакот во манастирот.
За годинава е предвидено геомеханичко испитување на земјиштето, по што ќе се дефинира основниот проект за конзервација и реставрација на манастирскиот комплекс и ќе започне изведбата на новиот објект.
Исто така, иконостасот во црквата, кој е изработен од познатиот мијачки мајстор Дичо Зограф, беше целосно реставриран и конзервиран од страна на надлежната институција.
„Непосредната заштита и реставрација на стариот конак на овој манастир ќе биде од големо значење и за граѓаните на село Љубанци и на целата општина Бутел, токму поради фактот што тие се доста чести посетители на овој споменик на културата кој е посветен на свети Никола“, информираат од Министерството за култура.
Манастирот „Св. Никола“ во селото Љубанци, сместен на падините на Скопска Црна Гора, е комплекс од градби од 19 и 20 век. До 1960 година функционирал како машки манастир, а од 1998 година бил возобновен како женски манастир. Поради погодноста на планинската клима, за време на Втората светска војна манастирот претставувал воздушна бања за болни од туберколоза. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Излезе од печат стихозбирката „Гороцвети“ од Зора Златева
Книжевниот трезор во Охрид е побогат за уште една стихозбирка.
Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“Охрид излезе од печат третата стихозбирка „Гороцвети“ од роднокрајната авторка Зора Златева.
Над триесетте песни и уште петнаесеттината минијатури се потврда за творечкиот и стилски растеж на поетесата Златева и се огледало на нејзиниот хабитус и ракурс на животот.
Дел од песните се лична експресија запишана на хартијата а останатите се собирани духовни приказни од околината и нечии судбини кои биле доволно инспиративни за авторката за таа да ги преточи во песни.
Претходно Златева во 2022 ја издаде стихозбирката „Блесок“ и две години подоцна „Сон“ а со свои песни е често застапена во збирки поезија издадени во Охрид и низ целата држава.
„Гороцвети“ веќе можете да ја зајмите во Библиотеката во Охрид.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.

