Култура
Koнцерт – Пијано дуо Мимоза Ќека и Јована Трајчева
Во сабота во Салон 19:19, во 19:19часот ќе се одржи Koнцерт – Пијано дуо на Мимоза Ќека и Јована Трајчева.
Мимоза Ќека и Јована Трајчева заедно настапуваат од 2018 година. Тие остваруваат успешни проекти како хуманитарниот концерт „Есенска бајка“ за СОС Детско Село, концертните турнеи „Пијанистички звуци“ и серијалот „Празнична рапсодија“ во Филхармонија. Во 2023 година настапија со концерт за две пијана „ФИДАН“ како дел од сезоната на Македонската филхармонија.
Мимоза Ќека е македонска пијанистка со меѓународна кариера, посветена на класичната музика, предавањето и музичкото истражување. Нејзиниот репертоар вклучува дела од барок до современа музика, а во 2022 година го издала својот соло албум „Non-Fungible“ со дела од Бах, Скрјабин и Барбер. Во 2021 година Мимоза ја одбранила својата докторска дисертација на тема „Употребата на дигиталните технологии во квантитативната анализа на пијанистичката изведба“, истражувајќи нови методи за анализа на музичките изведби што претставува значаен придонес во музичката наука. Студирала под водство на маестра Лилја Зилберштајн, со која го стекнала магистерскиот степен. Низ годините, таа настапувала на престижни фестивали како Охридско лето, Siena Summer Festival, Франкофонски Фестивал Солеј, Златна Лира, Денови на македонска музика, Есенски музички свечености, а под диригентската палка на Саша Николовски Ѓумар го има изведено Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од К. Сен Санс. Концертирала и во градови ширум светот, меѓу кои Париз, Рим, Бристол, Милано, Прага, Трст, Сиена, Скопје, Њујорк и Истанбул. Нејзиното учество во проектот TEME и усовршувањето на Академијата „Киџана“ во Сиена, Италија, дополнително ја збогатиле нејзината кариера.
Јована Трајчева започнала со музичко образование на седумгодишна возраст во класата на проф. Кармен Костова, а го завршила во класата на реномираниот руски педагог проф. Људмила Романова во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Во 2015 година дипломирала на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Нина Костова, а во 2017 година го стекнала магистерскиот степен по музичка интерпретација со истата професорка. Јована успешно настапува на фестивали како Скопско лето, Денови на македонска музика, Musica Viva и Есенски Музички Свечености, а остварува и солистички концерти во македонските градови Скопје, Охрид и Тетово. Особено значаен е нејзиниот рецитал во црквата „Св. Софија“ во Охрид во 2017 година. Надвор од Македонија, Јована настапува во Рим, Ибица, Милано и во Cite des Arts во Париз, а има соработувано и со Македонската филхармонија под диригентската палка на Ле Фи Фи. Од 2015 година, Јована е активно вклучена во педагогијата, работејќи како професорка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
Книгата „Мајсторот“ од Димитар Башевски објавена во Софија
Во издание на издавачката куќа „Изида“ од Софија, деновиве е објавена книгата раскази мајсторот од Димитар Башевски. Тоа е трета книга од Башевски објавена во Бугарија. Претходно објавени се неговите романи „Бунар“ и „Круг“. Преводот на книгата „Мајсторот“ од македонски на бугарски јазик е на Тања Попова.
Во текстот кон објавената книга се вели дека „Димитар Башевски го води читателот на книжевно патување низ длабоките слоеви на човечките емоции и вечните потраги. Со екстремна леснотија и чувство за јазични нијанси, авторот слика живописни слики на љубов, страст и копнеж кои се испреплетени со огромните прашања за смислата на животот и човечкото место во светот“.
Димитар Башевски е автор на дваесеттина книги проза и поезија. Добитник е на највисоките книжевни и општествени награди во земјата. Неговите книги се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици.
Култура
„И јас сум Сирма“ на Зоран Спасов-Ѕоф за еден месец стана најпродавана книга за 2024 година
Романот „И јас сум Сирма“ на хит-авторот Зоран Спасов-Sоф е најпродаваната книга за 2024 година според податоците на најголемиот издавач во државата „Арс ламина“ и неговиот синџир книжарници „Литература.мк“.
Овој контроверзен роман од жанрот историска фикција побуди незапаметен интерес кај широката публика и за еден месец стана бестселер за 2024 година.
Да потсетиме дека станува збор за книга со поднаслов: „Лектира, историска читанка и ‘Оче наш’ на секој Македонец“, во која херојката Сирма војвода патува низ времето и е сведок на многу настани од нашата историја, повеќето непознати за читателот. Авторот вели дека ова е „роман што ќе ве натера да плачете и да се смеете на глас, книга што предизвикува болка, љубов и радост“.
Заслужни за овој успех се и веб-страницата www.ijassumSirma.mk, големата кампања што ја реализира маркетинг-агенцијата „Медија хаус“, како и спектакуларната мултимедијална промоција, на која присуствуваа повеќе од 1.000 вљубеници во пишаниот збор.
Средствата од продажбата на книгата, како и секогаш кога станува збор за делата на Sоф, ќе завршат во добротворни цели.
Култура
Филмска програма за деца во Кинотеката – месецот неколку анимирани хитови, меѓу кои и „Јон Врадар против галаксијата“
Во рамките на јануарската програма, Кинотека ги кани најмладите и нивните семејства на специјалниот темат „Кино утро“. Оваа иницијатива нуди незаборавно филмско доживување за децата и младите, исполнето со авантури, смеа и инспиративни приказни преку внимателно избрани анимирани и детски филмови.
Во рамките на програмата на „Кино утро“ ќе бидат прикажани следните неколку остварувања:
Времето на прикажување на сите филмови, на ЛИНКОТ.
„Јон против галаксијата“ (реж. Гоце Цветановски)
Оваа македонска анимација ја носи приказната за храбриот Јон, кој мора да се соочи со вселенски предизвици за да ја спаси планетата Земја. Со многу фантазија и акција, филмот пренесува важни пораки за храброста и одговорноста.
„Мечето Падингтон“
Симпатичното меченце од Перу, кое се обидува да се снајде во Лондон, носи топлина и хумор во секој кадар. Оваа приказна за пријателството и прифаќањето е совршена за гледачи од сите возрасти.
„Божиќната магија на животните“
Анимирано ремек-дело кое ја истражува магијата на празниците преку очите на животните, истовремено нагласувајќи ја важноста на сочувството и љубовта.
„Кариран нинџа 2“
Возбудливо продолжение на популарниот анимиран хит, каде што карираниот нинџа повторно се враќа во акција за да им помогне на своите пријатели. Филмот ја нагласува важноста на храброста и верноста.
„Дедо Мраз супер херој“
Замислете го Дедо Мраз како суперхерој! Овој филм ја пренесува магијата на празниците преку необична и забавна перспектива.
„Соништата на еден робот“
Емотивна анимација која ја истражува темата за самоспознанието и технологијата, преку приказна за робот кој сака да го разбере човечкиот свет.
Тематот „КИНО УТРО“ има за цел да ги доближи најмладите до филмската уметност и да го разбуди нивниот интерес за киното како посебно доживување. Овие проекции не се само забава – тие се и можност за учење, развој на фантазијата и градење на емоционална интелигенција.
Денешните деца, кои растат во дигиталната ера, заслужуваат да ја доживеат магијата на киното – местото каде што светот на фантазијата оживува на големиот екран. Поттикнувањето на љубовта кон киното кај најмладите е не само едукативен, туку и културен чин, кој им помага да ја разберат важноста на уметноста и раскажувањето приказни.
Кинотека на Македонија со „КИНО УТРО“ ја исполнува оваа мисија и испраќа порака дека заедничкото кино искуство е бесценет подарок за секое дете.