Култура
Македонски учесници на стрип фестивал во Албанија
Второто издание на стрип фестивалот „Легенди преку стрипови“ (Narracioni i legjendave përmes novelave grafike) се одржа во Тирана, а изложен беше стрип и на македонски автори.
Исто како и минатата година, претходно зададената тема на овој фестивал, отворен за професионалци и аматери, беше албанските легенди, фолклор и преданија. Во вкупно дваесет и деветте дела од официјалната селекција, изложени и објавени во каталогот, се најде и стрипот „Долг“ на македонските автори Дарко Богданов и Александар Стеванов. Со самото нивно учество, тие станаа досега единствените автори, учесници на овој фестивал, кои не се етнички Албанци, што беше нагласено и во дописот на Министерството за култура на Република Албанија.
На манифестацијата одржана во просториите на министерството за култура, присуствуваше и самата албанска министерка за култура, Мирела Кумбаро (Mirela Kumbaro), која истакна дека и понатаму ќе продолжи да дава поддршка на деветтата уметност – стрипот, која и покрај тоа што не е особено застапена во Албанија, сепак е сакана од авторите.
Жирито во состав Хелидон Халити (Helidon Haliti), Артур Даути (Artur Dauti) и Сеад Казанчиу (Sead Kazanxhiu), за победник на фестивалот го избраа стрипот на авторите Флориан Брегу (Florian Bregu) и Давид Криемади (David Kryemadhi).
Второто место, пак, му припадна на Ѓерѓи Жука (Gjegji Zhuka), а третото на Сара Требичка (Sara Trebicka).
За потсетување, минатата година член на жирито беше претставникот на Стрип центарот на Македонија – Томе Трајков, а минатогодишната победничка на овој прв албански стрип фестивал, Герта Опараку (Gerta Oparaku), пред неколку месеци престојуваше во Македонија, како гостинка на Интернационалниот стрип салон, одржан во Велес. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Зимски Македокс“ на „Синедејс“
Фестивалот на креативен документарен филм со настанот „Зимски Македокс“ ќе гостува во програмата на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“, кој од 3 до 10 декември ќе се одржи во МКЦ и во Кинотеката. Од 5 до 7 декември, во рамките на програмата на 24. „Синедејс“, ќе биде прикажан избор на долгометражни победници од 16-тото издание на фестивалот „Македокс“.
Програмата на „Зимски Македокс“ е составена од три наградени документарни остварувања. На 5 декември, во 19 часот, во МКЦ – Денсинг салата, ќе биде прикажан филмот „Ниедна друга земја“ на Басел Адра, Хамдан Балал, Јувал Абрахам, Рејчел Зар. Влезот на филмот е слободен.
На 6 декември, во 21 часот, во МКЦ – Денсинг салата, ќе биде прикажан филмот „Фиуме или смрт!“ на Игор Бежиновиќ. Билетот за проекцијата чини 200 денари.
На 7 декември, во 20 часот, во Кинотеката на РСМ, ќе биде прикажан документарниот филм „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ. Билетот за проекцијата чини 200 денари.
Настанот „Зимски Македокс“ е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија и од платформата Movies that Matter.
Култура
Македонскиот виртуоз на виолина Владимир Костов и камерниот оркестар „Профундис“ ја носат магијата на Candlelight во срцето на Битола
Илјадници свеќи ќе го осветлат Центарот за култура во Битола на 6 декември кога ќе се одржи првиот концерт Candlelight во овој град – исклучително музичко и визуелно доживување во изведба на камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестро Ѓурѓица Дашиќ.
На ова специјално издание како солист ќе настапи Владимир Костов, концерт-мајстор на Македонската филхармонија и еден од најценетите македонски виолинисти. Со својата префинета техника, емоционална длабочина и сценска харизма, Костов ја освојува публиката на сите континенти.
Во рамките на концертот ќе биде изведена ексклузивна програма составена од ремек-дела на светската и домашната музичка литература, меѓу кои: St. Paul Suite од Густав Холст, Четири годишни времиња од Антонио Вивалди и Македонско капричо бр. 1 од Драган Шуплевски.

„Овој концерт е особено значаен затоа што првпат ја носиме уникатната атмосфера на концертите Candlelight во Битола. Под светлината на свеќите музиката добива нова димензија – интимна, топла и полна со емоции. Програмата е внимателно избрана за да ја долови магијата на класичната музика во едно сосема поинакво светло“, изјави маестро Ѓурѓица Дашиќ.
Владимир Костов, роден во Битола, има блескава кариера со настапи на некои од најреномираните светски сцени: Берлинската филхармонија, „Концертхаус“ – Виена, „Линколн центарот“ – Њујорк, Универзитетот „Харвард“ и многу други. Добитник е на престижната награда „Георги Божиков“ и е основач на фестивалот „Виолин фест“. Со својот интерпретативен сензибилитет и извонредна техника Костов претставува симбол на современата македонска виолинска школа.
Инаку, концептот на Candlelight – концерт на свеќи, е светски признат тренд, кој ја трансформира традиционалната концертна атмосфера во интимно и емотивно доживување. Илјадници свеќи го обвиваат просторот во топол сјај создавајќи симбиоза меѓу звукот и светлината, која ја приближува публиката до суштината на музиката.
Култура
Овој декември филмот „Мајка“ ќе се прикажува во 𝟤𝟥𝟢 киносали во Франција
Филмот „Мајка“, најновото остварување на Теона Стругар Митевска, од 3. декември официјално почнува со дистрибуција во Франција. Премиерата во Париз помина со исклучителен интерес. UGC Bercy беше целосно распродаден, а проекцијата во Pathé Convention се одржа со висока посетеност, што го потврдува зрелиот интерес на француската публика.
Во рамките на промотивната турнеја, филмот беше претставен пред водечките француски медиуми меѓу кои Télérama, Europe 1, INA, Elle и Le Journal du Dimanche, со силно позитивни критики. Критичарите ја истакнуваат тематската длабочина, авторската зрелост и уметничката актуелност на филмот.
Само во октомври и ноември „Мајка“ беше прикажан на 26 меѓународни фестивали каде доби значајно внимание и позитивни оценки од стручните жирија. Филмот е веќе продаден за дистрибуција во повеќе од 40 земји, што сведочи за неговиот силен глобален досег.

Особено пофалени се актерските интерпретации. Номи Рапас се издвојува со една од нејзините најсилни изведби, а Никола Ристановски носи суптилен и емотивно комплексен настап кој остави длабок впечаток меѓу европските гледачи и критичари.
Филмот е потврден за прикажување во 230 киносали во првите две недели, во комбинација од arthouse простори и големи комерцијални кина. Дополнително, 600 киносали низ Франција го имаат вклучено филмот во своите долгорочни репертоари, што претставува редок и значаен опфат за регионален филм во францускиот дистрибутивен систем.
„Мајка“ оваа есен имаше силно присуство на меѓународната фестивалска сцена, меѓу другите во London FF, Ghent FF, Cannes Rencontres Cinématographiques, Arras FF, Geneva IFF, Mannheim Heidelberg, Seville FF, Haifa FF, Thessaloniki FF, Ljubljana FF, Tallinn Black Nights, како и на прекуокеанските фестивали во Рио де Жанеиро, Токио, Колката и Маракеш. Значајна е и селекцијата на Camerimage FF во Лоџ Полска, еден од најпрестижните фестивали за директори на фотографија.
Во декември филмот пристигнува и пред домашната публика. „Мајка“ ќе биде на редовниот репертоар во Кинотека на Македонија.

