Манифестации
ИФФК „Браќа Манаки“ годинава од 18 до 27 септември со збогатена програма
Интернационалниот Фестивал на Филмска камера -ИФФК „Браќа Манаки“ и официјалниот партнер – Вип оператор во понеделник објавија дека годинава ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 18 до 27 септември.
Наместо седум, фестивалот ќе трае десет дена со збогатена програма. Директорот на фестивалот, Димитар Николов, ги истакна новите програми што ќе бидат вклучени во Фестивалот. Станува збор за „Нов европски филм“ и „SЕЕ Camera“.
„Реномето на фестивалот „Браќа Манаки“ ме мотивираше да создадам програма која само ќе го прави уште подобар, позначаен и модерно ориентиран. Фестивалот секако ќе си ја задржи својата основна линија – да ја промовира работата на „малите, незабележливите “ луѓе што стојат зад камерата. Фестивалот ќе трае десет дена, затоа што тоа е праксата на сите светски фестивали, а „Браќа Манаки“ не е ништо помалку од тоа. Фестивалот, освен со веќе постоечките и препознатливи програми, ќе го збогатиме со две нови програми. Станува збор за: „Нов европски филм“ и „Sее Camera“. Програмата „Нов европски филм“ ја воведуваме со цел да привлечеме млади филмски автори кои своите први филмови би ги прикажале премиерно, а на фестивалот би му овозможиле нови можности за финансирање од европските фондови, како и побрза категоризација . За оваа програма ќе се грижи селекторот Дејан Трајкоски. Со програмата „SEE Camera“ сакаме да ја промовираме работата на авторите и кинематографите од Југоисточна Европа, а за неа ќе се погрижи Саша Станишиќ“, изјави Николов.
На оваа конференција за печат беше објавено и продолжувањето на успешната соработка со официјалниот партнер на Фестивалот – Вип оператор, компанија која по шести пат се вклучува во поддршката на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“, и придонесува во унапредувањето на филмската култура во земјава.
„Ми претставува особено задоволство што годинава, по шести пат, го објавуваме продолжувањето на нашето партнерство со најреномираниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“. Нашата соработка прерасна во традиција од која ползуваат сите љубители на филмската уметност. Она што на сите нам во Вип ни е особено драго е што како резултат на нашето партнерство, во рамките на фестивалот, ја создадовме Вип детската програма, како и бројните работилници, со цел да им ги доближиме убавините на филмот поблиску на најмладите, и од нив да создадеме пасионирани креативци. И овој пат продолжуваме со истиот елан, и сигурни сме дека годинава ќе имаме уште едно успешно издание на ИФФК Браќа Манаки“, изјави Симона Стефоска – Дуковска, раководител на Одделот за маркетинг комуникации и истражување на пазарот во Вип оператор.
Беа промовирани и логото и мотото на фестивалот. Мотото на фестивалот годинава е „Филмот е убав“ (Film Is Beautiful). Фестивалот го претстави и создавањето на интернет-страницата www.manaki.mk /крај/мф/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор
Полската вечер во рамките на годинешното издание на „Охридско лето“ го носи концертот на гудачкото дуо Емануел и Емилија Салвадор.
За виолинистот Емануел Салвадор специјализираниот магазин „Страд“ пишува дека е еден од најдобрите виолинисти од неговата генерација. Студирал и на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Емануел Салвадор има снимено неколку албуми и реализирано успешни концертни турнеи во Југоисточна Азија, Кина, Јапонија и САД.
Емилија Гох Салвадор како уметник на виола има дипломирано со највисоки оценки на музичката академија „Јан Падеревски“ во Познан во класата на проф. Доминик Рутовски. Во 2008 година го основа гудачкиот оркестар „Балтик Неополис“.
Култура
Утре, во Трпејца, почнува 12. издание на манифестацијата „На зајдисонце“
Во организација на здружението „За Трпејца со љубов“ и под покровителство на Општина Охрид, од утре до 28 јули, 12. пат оваа туристичка населба и гостите ќе дишат во ритамот на новото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.
Утре, четврток, на отворената сцена во Трпејца, од 20.30 часот, во името на покровителот, Општина Охрид, манифестацијата за отворена ќе ја прогласи заменик-градоначалникот Перчо Божиноски.
Приустните ќе може да ја видат изложбата на дела од Интернационалната уметничка колонија, која се одржува во Трпејца, а во музичкиот дел ќе настапат Влатко Броз и диџеј Марама.
В петок во истиот термин публиката ќе може да се запознае со минатото на дел од околината на Трпејца. Младиот Петар Симоноски ќе прикаже видеопрезентација на тема: „Тврдина Осој од VI век“.
Викендот е резервиран за документарни филмови. В сабота навечер публиката ќе го гледа документарно-туристичкиот филм „Трпејца на дланка“, работен по сценарио на Милчо Јованоски.
Следната вечер од 20.30 часот публиката ќе се запознае со Љупчо Паункоски и неговиот документарен филм „Охридските пливачки легенди“.
Неделното утро е резервирано за традиционалната прошетка на домаќините и гостите по патеката Чоколско.
В понеделник, на 24 јули, во Трпејца ќе гостува бендот „3.0“ (три промили), а денот потоа е резервиран за традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање.
Вечерта е резервирана за прошетката „Со кајче по езерото“.
В среда, на 26 јули, од 19.30 часот, посетителите на манифестацијата „На зајдисонце“ ќе може да учествуваат на атрактивната трка со куфери по скалинадата во Трпејца.
Час подоцна, ќе следува интересната видеопрезентација „Пчелите ќе го спасат светот“ од Петар Стојаноски од фирмата „Органски природен мед“ од Трпејца.
Претпоследната вечер од културното лето во Трпејца е резервирана за драмското студио „Цвет 75 “ од Охрид, под раководство на Драгана Боцевска. Младите актери ќе ја одиграат претставата „Пепелашка од Охрид“.
На крајот од дванаесеттото издание на „Зајдисонцето“, охридскиот сликар, фотограф и филмофил Ѓоко Симјаноски ќе гостува со изложбата на портрети „Беше еднаш Холивуд“.
Летото во свој стил со пародијата „Дојдете во Трпејца“ ќе го затворат познатата македонска актерка Марија Кондовска и угостителот Марјан Митрески-Мац.
Култура
Заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп: „…Медеја“ е најдобра претстава
Синоќа со врачувањето на наградата за претставата „Се викам Медеја“ (My Name is Medeja) на Народниот театар од Битола за најдобро уметничко остварување во целина заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Награда за најдобра режија доби Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога – Илина Чоревска, за најдобра музика – Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал – Сашо Илковски.
Скопскиот Драмски театар и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ освои 5 награди, меѓу кои и за главна машка улога за Дамјан Цветановски и за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска.
Наградени беа и Турскиот театар за претставата „Човек перница“, како и Прилепскиот театар за „Мистерија Буфо“ и на Театарот за деца и младинци, за „Роња, ќерката на ограбувачот“.
Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“.
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.
Со свечената вечер со наградените на финалето на „Черондрински“ и со изведбата на „Последниот балкански вампир“ на Дејан Дуковски и Александар Поповски, на Српското народно позориште од Нови Сад, се спушти завесата на годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“, со најава за нова свежина и афирмација на македонската драма вгодина.