Манифестации
Отворена 16. Литературна манифестација „Илинден 2015“
Во преполната сала на Домот на култура „Илинден“ во присуство на голем број писатели и љубители на пишаниот збор на свечен начин беше отворена 16. Литературна манифестација „Илинден 2015“.
Посакувајќи им добредојде на присутните пријатели на книгата, Манифестацијата ја отвори градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски.
„Наша крајна цел е да ја приближиме книгата до читателите, да создадеме што поголем број читатели, љубители на книгата и на поетската мисла и се она што преку своето перо ќе го создаде поетот. А, тоа значи збогатување на знаењето, кое понатаму е предуслов за напредок и развој и на локалната заедница и на целата држава“, истакна градоначалникот Стојановски.
Притоа, за особен придонес во унапредувањето на културно-образовните вредности градоначалникот Стојановски додели повеќе благодарници на поединци, стопански субјекти и институции.
За значењето на Литературната манифестација „Илинден“ зборуваше и писателот Раде Силјан.
„На оваа манифестација учествувам повеќе од десеттина година. Од година во година таа добива една многу поширока димензија. Општина Илинден прави многу во поглед на популаризирањето на културата и воопшто во поглед на анимирањето на нови читатели. Доказ за тоа е податокот што во последните години во Општина Илинден е формирана една од можеби најдобрите библиотеки во Македонија“, рече Раде Силјан.
Во рамките на свеченото отворање на манифестацијата беше претставен портрет на поетесата Гордана Михаилова Бошњаковска, како и промоција на нејзината книга „Слики“ за која промотивна реч одржа писателот Раде Силјан. Стихови од нејзиното творештво читаа повеќемина поети.
Присутните, во рамките на свеченото отворање на манифестацијата имаа можност да присуствуваат и на отворање на изложбата „Убавото и убавината го спасуваат светот“ на академскиот сликар Васка Дудин. За творештвото на авторката и за самата изложба зборуваше академскиот сликар Новица Трајковски.
Посетителите имаа ретка можност, покрај прекрасните слики да уживаат и во музичкиот колаж што за оваа пригода го подготви Пламенка Трајковска, трио.
Во рамките на манифестацијата во Домот на култура „Илинден“ од 12 до 16 мај се одржува саем на книгата под мотото „Денови на книгата“, каде што љубителите на пишаниот збор можат да најдат богат избор на книги и да се запознаат со најновите изданија. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор
Полската вечер во рамките на годинешното издание на „Охридско лето“ го носи концертот на гудачкото дуо Емануел и Емилија Салвадор.
За виолинистот Емануел Салвадор специјализираниот магазин „Страд“ пишува дека е еден од најдобрите виолинисти од неговата генерација. Студирал и на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Емануел Салвадор има снимено неколку албуми и реализирано успешни концертни турнеи во Југоисточна Азија, Кина, Јапонија и САД.
Емилија Гох Салвадор како уметник на виола има дипломирано со највисоки оценки на музичката академија „Јан Падеревски“ во Познан во класата на проф. Доминик Рутовски. Во 2008 година го основа гудачкиот оркестар „Балтик Неополис“.
Култура
Утре, во Трпејца, почнува 12. издание на манифестацијата „На зајдисонце“
Во организација на здружението „За Трпејца со љубов“ и под покровителство на Општина Охрид, од утре до 28 јули, 12. пат оваа туристичка населба и гостите ќе дишат во ритамот на новото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.
Утре, четврток, на отворената сцена во Трпејца, од 20.30 часот, во името на покровителот, Општина Охрид, манифестацијата за отворена ќе ја прогласи заменик-градоначалникот Перчо Божиноски.
Приустните ќе може да ја видат изложбата на дела од Интернационалната уметничка колонија, која се одржува во Трпејца, а во музичкиот дел ќе настапат Влатко Броз и диџеј Марама.
В петок во истиот термин публиката ќе може да се запознае со минатото на дел од околината на Трпејца. Младиот Петар Симоноски ќе прикаже видеопрезентација на тема: „Тврдина Осој од VI век“.
Викендот е резервиран за документарни филмови. В сабота навечер публиката ќе го гледа документарно-туристичкиот филм „Трпејца на дланка“, работен по сценарио на Милчо Јованоски.
Следната вечер од 20.30 часот публиката ќе се запознае со Љупчо Паункоски и неговиот документарен филм „Охридските пливачки легенди“.
Неделното утро е резервирано за традиционалната прошетка на домаќините и гостите по патеката Чоколско.
В понеделник, на 24 јули, во Трпејца ќе гостува бендот „3.0“ (три промили), а денот потоа е резервиран за традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање.
Вечерта е резервирана за прошетката „Со кајче по езерото“.
В среда, на 26 јули, од 19.30 часот, посетителите на манифестацијата „На зајдисонце“ ќе може да учествуваат на атрактивната трка со куфери по скалинадата во Трпејца.
Час подоцна, ќе следува интересната видеопрезентација „Пчелите ќе го спасат светот“ од Петар Стојаноски од фирмата „Органски природен мед“ од Трпејца.
Претпоследната вечер од културното лето во Трпејца е резервирана за драмското студио „Цвет 75 “ од Охрид, под раководство на Драгана Боцевска. Младите актери ќе ја одиграат претставата „Пепелашка од Охрид“.
На крајот од дванаесеттото издание на „Зајдисонцето“, охридскиот сликар, фотограф и филмофил Ѓоко Симјаноски ќе гостува со изложбата на портрети „Беше еднаш Холивуд“.
Летото во свој стил со пародијата „Дојдете во Трпејца“ ќе го затворат познатата македонска актерка Марија Кондовска и угостителот Марјан Митрески-Мац.
Култура
Заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп: „…Медеја“ е најдобра претстава
Синоќа со врачувањето на наградата за претставата „Се викам Медеја“ (My Name is Medeja) на Народниот театар од Битола за најдобро уметничко остварување во целина заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Награда за најдобра режија доби Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога – Илина Чоревска, за најдобра музика – Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал – Сашо Илковски.
Скопскиот Драмски театар и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ освои 5 награди, меѓу кои и за главна машка улога за Дамјан Цветановски и за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска.
Наградени беа и Турскиот театар за претставата „Човек перница“, како и Прилепскиот театар за „Мистерија Буфо“ и на Театарот за деца и младинци, за „Роња, ќерката на ограбувачот“.
Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“.
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.
Со свечената вечер со наградените на финалето на „Черондрински“ и со изведбата на „Последниот балкански вампир“ на Дејан Дуковски и Александар Поповски, на Српското народно позориште од Нови Сад, се спушти завесата на годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“, со најава за нова свежина и афирмација на македонската драма вгодина.