Култура
„Маша и Медо“ спектакуларната руска детска претстава премиерно во МНТ

Публиката ќе има можност да ја види спектакуларната детска претстава направена по истоимениот и многу популарниот цртан филм „Маша и Медо“.
Ова е идеална прилика нашата најмлада публика да ги види своите омилени јунаци во живо. Руската актерска екипа која специјално по овој повод доаѓа во Македонскиот народен театар, со оригиналните костими, на децата ќе им ги доближи авантурите на „Маша и Медо“.
Претставата ќе биде синхронизирана на македонски јазик. Изведбите се на 28 и 29 декември во 18 и во 20 часот.
Билетите се веќе пуштени во продажба на билетарницата во МНТ
Цени на билетите:
Прва галерија – 400 денари
Од 6 до 17 ред – 500 денари
Од 1 до 5 ред – 600 денари
Балкони до сцената и централна ложа – 600 денари/крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Без зборови“ – хуманитарен концерт на Македонската филхармонија

Концертот „Без зборови“ на оркестарот на Македонската филхармонија кој ќе се одржи в четврток, со почеток во 20 часот ќе биде хуманитарен, а средствата од продадените билети ќе бидат донирани во Фондот за настраданите и повредените во трагичниот настан во Кочани.
На програмата се Адаџо за гудачки оркестар, оп. 11 од Семјуел Барбер, Концертот за тромбон и оркестар од Анри Томази и Концертот за оркестар од Бела Барток. Како солист ќе настапи Џовани Скарпета од Колумбија, а како диригент за првпат пред оркестарот на Македонската филхармонија ќе застане маестро Габор Холерунг од Унгарија.
Габор Холерунг (Будимпешта, 1954) е успешен оркестарски и хорски диригент, добитник на наградата „Франц Лист“, а ја носи и титулата Заслужен уметник на Унгарија. Тој е извршен музички директор на Симфонискиот оркестар „Донани Ерне“, главен диригент е на Академскиот хор во Будимпешта и основач и уметнички директор на Меѓународниот
хорски конкурс во Будимпешта. Студирал на колеџот за музика „Франц Лист“, со специјализација за хорско и оркестарско диригирање, а потоа го продолжил образованието посетувајќи мастер-курсеви со Ерик Ериксон и Курт Мазур. Неговата диригентска активност во Унгарија му носи успеси, од кои се издвојуваат: втор диригент на Симфонискиот оркестар во Мишколц и главен диригент и извршен музички директор на Симфонискиот оркестар „Донани Ерне“ од Будафок. Чест гостин диригент е и на сцените надвор од земјата, диригирајќи со повеќе европски оркестри, а бил и прв гостин диригент на Симфонискиот оркестар во Ерусалим, гостин диригент на Израелскиот филхармониски оркестар, на Симфонискиот оркестар во Синсинати, Бразилскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар во Шангај, Националниот симфониски оркестар на Тајван. Добитник е и на наградата Витез на крстот од Орденот за заслуги на Унгарската Република.
Тромбонистот Џовани Скарпета почнал да учи тромбон со својот чичко и теорија на музика со својот дедо и бил член во Младинскиот симфониски оркестар на Колумбија, каде што свирел седум години како главен тромбонист. Четири години по ред ја добивал наградата за млади изведувачи „Роберто Мантиља“ на Националниот конкурс на Министерството за култура и оттогаш освоил повеќе значајни признанија за неговиот талент. Настапувал како солист со Симфонискиот оркестар на Колумбија, Боготската филхармонија, Националниот симфониски оркестар на Колумбија, Симфонискиот оркестар Санта Фе (Аргентина), Симфонискиот оркестар на Антиокија (Колумбија), Симфонискиот оркестар на Калдас (Колумбија), Оркестарот на Универзитетот во Барселона (Шпанија), Филхармонискиот оркестар на Венецуела, со кој пак, ја имал честа во таа земја да ја изведе премиерата на Концерт на Анри Томаси. Во 1996 година студирал на „Моцартеум“ во Салцбург, Австрија, а во 2010 специјализирал интерпретација на Конзерваториумот Лицеу, Шпанија. Како солист настапувал и во Германија, Австрија, Шпанија, Аргентина, Канада…, но исто така, свирел како соло тромбонист во најголемите оперски и балетски компании во Колумбија. Член е и основач на повеќе камерни брас-ансамбли, а успешна кариера изградил и како педагог. Повеќе од 20 години се посветил на формирање на нови генерации тромбонисти, предавајќи на најпознатите музички факултети во Колумбија. Од 2007 година редовно свири и предава на фестивалот „Тромбонанза“ во Санта Фе, Аргентина. Од 2015 е основач, член и претседател на „Колумбиската асоцијација на тромбонисти“. Бил член на Боготската филхармонија од 1994 до 2003 година како тромбонист и еуфонист, а од 2003 година е водач на групата и главен тромбонист на Националниот симфониски оркестар на Колумбија.
Култура
Вечерва изведба на балетската претстава за деца „Петар Пан“, собраните средства ќе бидат донирани за настраданите и повредените во Кочани

Вечерва, 24 март со почеток во 19.00 часот ќе се изведе една од најпопуларните и најгледани балетски претстави за деца, „Петар Пан“ во продукција на Националната опера и балет. Претставата е од хуманитарен карактер, a собранитe средства од претставата ќе бидат донирани во фондот за настраданите и повредените во трагичниот настан во Кочани.
Кореографијата е на Џејмс Амар од Франција, а сценографијата и костимите се на Зоран Костовски и Марија Пупучевска. Во претставата настапуваат солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, кои ќе ја пренесат оваа возбудлива приказна на сцената.
Приказната за ‘момчето што не сака да порасне’ е една од најуспешните и најпопуларните детски приказни на сите времиња, раскажана на генерации деца. „Петар Пан“, лик кој го создаде шкотскиот писател и драматург Џ. М. Бери, ќе ги воодушеви малите и големите со својата авантуристичка приказна, во која главниот херој живее на магичниот остров Недојдија како лидер на неговата банда „Изгубени момчиња“ заедно со сирени, самовили и пирати.
Претставата ја плени најмладата публиката со прекрасната музика, костимите и сценографијата и децата ја следат со големо воодушевување. Безгрижното детство на Петар Пан, кој никогаш не сака да порасне, ќе ги потсети најмладите гледачите на важноста на фантазијата и слободата.
Култура
Со поетска реч во Шибеник се изрзува почит кон жртвите на трагичниот настан во Кочани

Хрватско-македонска тангента денес во 19 часот во Прес-центарот во Шибеник ќе одржи комеморативно-културна манифестација и оддавање почит на жртвите од пожарот во Кочани.
По повод Светскиот ден на поезијата 21 март, ќе биде организирана специјална вечер посветена на моќта на зборовите и споменот на оние кои повеќе не се меѓу нас. Годинава со писма и поетски интерпретации ќе им биде оддаадена почит на жртвите од трагичниот пожар во дискотека во градот Кочани, настан кој ја зави Македонија во црно.
„Во време кога се сеќаваме на трагедијата што погоди толку многу семејства, сакаме преку уметноста да изразиме солидарност, сочувство и вечен спомен на младите животи кои се изгубени. Поезијата не учи како да ја пронајдеме убавината низ тагата и како зборовите можат да изградат мост меѓу болката и надежта“ велат од Хрватско-македонска тангента.
Во рамките на културната манифестација „По стапките на пишаниот збор“, во соработка со Здружението Марија Јуриќ Загорка, ќе се одржи манифестацијата „Гласот на жената низ времето – Писма на Марија Јуриќ Загорка“. Писмата на Загорка ќе ги чита Дубравка Видовиќ, претседател на Здружението Марија Јуриќ Загорка, а своја поезија ќе читаат поети од Шибеник, кои се членови на Хрватско-македонската тангента.
Настанот ќе се одржи на 21 март во 19 часот во Прес центарот во Шибеник
Покровител е Советот за национални малцинства на Република Хрватска.