Култура
Министерството за култура: Нема промена на фасадите на МОБ и НУБ
Министерството за култура демантира дека националните установи Македонска опера и балет и националната и универзитетска библиотека Свети Климент Охридски во Скопје ќе добијат нови барокни фасади.
„Министерството за култура најостро ги демантира паушалните и невистинити информации кои ги пласираа некои од медиумите и некои претставници на политички партии, а кои се однесуваат за наводна барокна промена на постоечките фасади на националните установи Македонска опера и балет и националната и универзитетска библиотека Свети Климент Охридски во Скопје“, се вели во демантот.Понатаму од Министерството за култура напомнуваат дека станува збор за национални установи чии објекти се изградени според конкретни идејни решенија во втората половина на минатиот век и нивниот изглед е автентичен со тоа нема да има никаква промена на фасадите на овие објекти. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба „Точка на спојување“ на младите уметници Јоана Арсовска и Јана Николовска во КИЦ Битола
На 15 ноември, сабота, во 19:00 часот во Алтернативен галериски простор – КИЦ Битола, Офицерски дом ќе биде отворена изложбата „Точка на спојување“ на младите ликовни уметници, Јоана Арсовска и Јана Николовска.
Изложбата ќе претстави нови дела од нивното творештво, создадени во периодот после дипломирањето. Авторките се дипломирани сликари со конзервација и реставрација, и двете во класата на проф. Антони Мазневски. Јоана Арсовска истражува теми од секојдневието, додека Јана Николовска го насочува своето внимание кон спиритуалноста, теми кои ќе се обидат да ги спојат преку оваа изложба.

Алтернативниот галериски простор на КИЦ Битола се состои од три засебни простории, флуидно поврзани со што се формира една интересна целина и во исто време им овозможува на авторките да се претстават секоја пооделно со своите дела, сретнувајќи се во средишниот простор. Едната од Скопје, другата од Битола, иако различни во својот уметнички израз, во уметноста ја наоѓаат својата точка на спојување.
Јоана Арсовска и Јана Николовска се дипломирани сликари со конзервација и реставрација, дипломирале во 2023г. На Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Антони Мазневски. Своето уметничко образование го започнале во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ Скопје, на отсекот сликарски дизајн.
Во текот на нивното образование ги поставуваат основите на својот автентичен уметнички јазик и идентитет кој успешно го истражуваат и постојано надградуваат. И двете учествувале во групни изложби, како во текот на студирањето така и после дипломирањето. Учествувале и во други значајни проекти поврзани со нивната струка
Оваа изложба е проект на ЈОУ КИЦ Битола, финансиран од Министерство за култура и туризам, како проект од национален интерес од културата за 2025.
Култура
Недела на јапонски филм по осумнаесетти пат во Кинотеката на Македонија
Од 13 до 18 ноември Кинотеката на Македонија ги отвори својот простор и платно за уште еден исклучителен циклус на јапонски филм, нудејќи уникатно патување низ повеќе декади на јапонската кинематографија. Циклусот на јапонски филмови е еден од најзначајните филмски настани во годината, кој носи ретка можност за македонската публика да се запознае со длабочината, комплексноста и уникатната естетика на јапонската кинематографија.
Овој циклус нуди не само визуелно задоволство, туку и увид во културните, историските и социјалните промени што го обликуваат јапонското општество.

Програмата се состои од разновидни филмови кои опфаќаат жанровска разноликост – од драмски филмови до анимирани дела, претставувајќи ги новите имиња и таленти на јапонската кинематографија. Нивната креативност, посветеност на детали и инспирацијата од јапонската култура, социјалните прашања и модерниот живот го прават овој циклус особено актуелен и релевантен за денешната публика.
Преку овој циклус, Кинотеката нуди повеќе од само проекции. Тоа е културен мост меѓу Истокот и Западот, претставувајќи ги различните аспекти на јапонскиот филм и повикувајќи ја публиката да го открие светот зад екранот. Ова патување низ јапонската кинематографија е повеќе од само уживање во филмската уметност – тоа е повик за истражување на длабочините на културата, историјата и човечките искуства.
Култура
Биенална изложба на цртежи „Скици 2025“ во Кунаново
На 13.11.2025 / четврток / со почеток во 19,30 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура ќе биде отворена биеналната изложба на цртежи „Скици 2025“. На изложбата ќе бидат презентирани дваесетина цртежи од авторите: Тања Соларска – Темелковски, Марина Цветановска – Мартиновска, Дејан Арсовски – Бабата, Зоран Арсовски – Бабата, Александар Стефановски, Далибор Крстевски, Милена Арсовска, Миранда Беќири – Фазлиу, Валентина Илијевска, Стефан Анчевски.

Проектот „Скици 2025“ е замислен како една биенална презентација на современиот цртеж на академските ликовни уметници од Куманово и во таа насока по деветти пат пред ликовната но и пошироката публика ќе бидат претставени десет автори со своите дваесетина цртачки остварувања. Сметајќи го цртежот за важна компонента во реализацијата на едно ликовно дело, тимот на Секторот за визуелни уметности, архитектура и дизајн при НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово (носител на проектот) направи напор за вклучување на академски уметници од повеќе специјалности (сликари, скулптори, графичари). Оттука и резултираше разновидноста на понудените решенија пред сè во пристапот но и во негова конечна реализација.

Влијанието на специјалноста, авторскиот печат, индивидуалниот концепт во организирање на елементите на цртежот како и конструирањето на композицијата говорат за неверојатните можности на овој медиум. Иако првичната идеја беше да се стави акцент на почетните скицирани материјали (крокис), со коишто уметниците ја започнуваат реализацијата на својата идеја, во последните години се забележува трендот на пристапување кон цртежот како на самостојно завршено ликовно дело темелено на комплексен приказ со колоритни партии коишто, пак, му даваат финален изглед. Но мораме да забележиме дека не помалку присутна е и тенденцијата на експериментирање и излегување од рамките на цртежот па во таа смисла и создавање на дела со комбинирани медиуми.

И ако во реализацијата на секој проект е најважен првиот чекор, во областа на визуелните уметности тој прв чекор, тој прв импулс којшто ќе го почувствува уметникот и ќе го стави на хартија, е скицата којашто подоцна се трансформира во целосен проект. Се надевам дека од изложените дела на оваа изложба публиката ќе го осознае тој процес а авторите ќе ги мотивира и понатаму да му посветуваат должно внимание на цртежот.
Изложбата ќе биде поставена до 27.11.2025 година.

