Култура
Нови истражувања на локалитетот „Врбјанска Чука“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/11/vrbjanska_cuka-1.jpg)
Почна реализацијата на археолошкото истражување на локалитетот „Врбјанска Чука“ кај Славеј во општина Кривогаштани.
Овој локалитет од видот тумби е формиран во почетокот на шестиот милениум пред новата ера, односно пред приближно осум илјади години. Тој претставува една од најраните населби во времето на неолитот во Пелагонија, кога значително се менува начинот на живеење, со што се започнува со земјоделство и градење на првите куќи, изработка на керамиката, формирање на комплексен религиски систем итн.Иако се на самиот почеток, овогодинешните истражувања почнати пред една недела на „Врбјанска Чука“ приложија многу нови сознанија за овој исклучително важен и специфичен локалитет. Се открија остатоци од станбен објект изграден од колци и плитар, додека во него и неговата близина се пронајдоа мноштво садови што ги потврдуваат високите квалитети на неолитските керамичари, а коишто претставуваат уникатно обележје во рамки на Балканот и многу пошироко. Освен мноштвото на садови, во текот на археолошките ископувања се открија и секири од камен, кремени ножиња, кугли за праќа, мелници за жито, керамички тегови, жртвеничиња и антропоморфни модели, што говори за начинот на живеење на едни првите земјоделски заедници во Македонија. При истражувањата се применуваат нови археолошки методи со што се следат сите промени во населбата и нејзиниот развој во неолитот, но и подоцна во средниот век. Од средновековниот период (околу 12-от век) е пронајден гроб што говори за христијанските обичаи и начинот на погребување на луѓето од тоа време.Во текот на идните недели е предвидено археолошките истражувања да се прошират и интензивираат и да се дефинираат јасни архитектонски целини. Покрај истражувањето на објектите ќе се следат технологиите на изработка на керамичките предмети, како и одредени ритуални активности карактеристични за неолитот. Во соработка со археолози од Чешка се вршат палеоботанички анализи за видовите на растенија и изгледот на крајоликот во овој период, а ќе се добијат и податоци за земјоделските техники и храната подготвувана пред 8 илјади години. Примероци од јаглен ќе се испратат на лабораториска анализа во Швајцарија за да се утврди точната старост на оваа населба, од нејзиното настанување до самиот крај. Ваквите обемни и повеќенасочни истражувања ќе овозможат многу детални податоци за животот на едни од првите жители во Пелагонија.Археолошкото ископување на локалитетот „Врбјанска Чука“ ги реализира Центарот за истражување на предисторијата, со финансиска поддршка на Општина Кривогаштани. Градоначалникот Тони Заткоски изрази особено задоволство од досегашните резултати од истражувањата и ја истакна важноста на овој локалитет во македонската археологија и можноста за негово натамошно туристичко промовирање како еден од најзначајните претставници на предисториското културно наследство во Македонија. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Култура
„Синедејс 2025“ отвора повик за кратки филмови
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/thumbnail_Cinedays-2025.jpg)
Фестивалот на eвропски филм „Синедејс“, распишува конкурс за пријавување на кратки филмови кои ќе бидат прикажани во рамки на „MK Shorts“ програмата на 24. издание што ќе се одржи од 10 до 15 јули, 2025.
Пријавените филмови треба да се со времетраење до 20 минути, со година на продукција 2023/2024. Истите, може да се во формат на анимиран или игран филм.
Конкурсот е отворен до 1 јуни, по кој учесниците ќе бидат информирани во најкус рок.
За учество на конкурсот треба да се испрати мејл со основни податоци за филмот кна е-адресата [email protected].
Култура
Во Мадрид отворен музеј со повеќе од 170 дела на уметник што со години ја интригира јавноста
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/benksi.jpg)
Мадрид дополнително ја прошири својата културна понуда со отворање на музејот Бенкси, уникатен простор посветен на работата на овој енигматичен британски уметник. Музејот, кој беше отворен во јануари, се наоѓа во поранешна гаража во населбата Арганзуела и ја содржи најголемата колекција на делата на Бенкси во Европа.
Во музејот се сместени повеќе од 170 репродукции во природна големина на најпознатите дела на уметникот, вклучително и „Девојчето со балон“. Многу од овие оригинални дела повеќе не постојат на нивните оригинални локации, или затоа што се уништени или отстранети од улиците на градовите како Лондон, Париз, Њујорк или конфликтните зони како Палестина.
Изложбата вклучува мурали, слики во масло, принтови и инсталации кои ги носат посетителите во критичкиот универзум на Бенкси и ги повикуваат да размислуваат за темите што се повторуваат во неговите дела, како што се нееднаквоста, војната, животната средина и социјалната сатира.
Музејот се наоѓа во поранешна гаража претворена во простор од 2.000 квадратни метри кој ја задржува својата индустриска суштина. Дискретниот влез е означен само со сообраќаен знак изменет во стилот на уметникот, што ја одразува филозофијата на анонимност и изненадување што ја карактеризира работата на Бенкси.
Мадрид им се придружува на Барселона, Париз, Брисел и Њујорк со својот музеј Бенкси.
Култура
Португалската дива на фадото, Мариза, доаѓа во Скопје
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/thumbnail_Mariza_V3.jpg)
На својата долгоочекувана турнеја, Мариза ќе настапи на 5 април 2025 година во престижната сала на Македонската филхармонија, носејќи ѝ на публиката магијата на португалската традиција и современиот звук.
Мариза го започна својот музички пат во Лисабон пред дваесет години, а нејзиниот пробив на светската сцена дојде со албумот Fado em Mim во 2001 година. Оттогаш, нејзиниот уникатен глас одекнуваше на најпрестижните концертни сцени, вклучувајќи ја париската „Олимпија“, лондонскиот Royal Festival Hall и њујоршкиот „Карнеги хол“.
Овој единствен концерт нуди можност да уживате во виртуозниот спој на музиката, културата и сензибилитетот што ги освојуваат срцата ширум светот.