Култура
Почина британскиот актер Питер Воган
Британскиот актер Питер Воган, најпознат по улогата во телевизиската серија „Игра на тронови“, почина на возраст од 93 години, објави во вторник неговата асистентка.
Воган ја играше улогата на слепиот Емон Таргеријан, во серијата на HBO.
Од самите актерски почетоци тумачел споредни улоги во бројни филмови, меѓу кои и господин Фримен во филмот „Жената на францускиот поручник Карел Реиз“ од 1980 година, како и во филмот на Џејм Ајвори од 1993 година, „На крајот на денот“ во кој го игра таткото на Ентони Хопкинс, што некои ја сметаат за негова најдобра улога.
Почина окружен со неговото семејство, рече неговата агенција Sally Long-Innes./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Биенална изложба на цртежи „Скици 2025“ во Кунаново
На 13.11.2025 / четврток / со почеток во 19,30 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура ќе биде отворена биеналната изложба на цртежи „Скици 2025“. На изложбата ќе бидат презентирани дваесетина цртежи од авторите: Тања Соларска – Темелковски, Марина Цветановска – Мартиновска, Дејан Арсовски – Бабата, Зоран Арсовски – Бабата, Александар Стефановски, Далибор Крстевски, Милена Арсовска, Миранда Беќири – Фазлиу, Валентина Илијевска, Стефан Анчевски.

Проектот „Скици 2025“ е замислен како една биенална презентација на современиот цртеж на академските ликовни уметници од Куманово и во таа насока по деветти пат пред ликовната но и пошироката публика ќе бидат претставени десет автори со своите дваесетина цртачки остварувања. Сметајќи го цртежот за важна компонента во реализацијата на едно ликовно дело, тимот на Секторот за визуелни уметности, архитектура и дизајн при НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово (носител на проектот) направи напор за вклучување на академски уметници од повеќе специјалности (сликари, скулптори, графичари). Оттука и резултираше разновидноста на понудените решенија пред сè во пристапот но и во негова конечна реализација.

Влијанието на специјалноста, авторскиот печат, индивидуалниот концепт во организирање на елементите на цртежот како и конструирањето на композицијата говорат за неверојатните можности на овој медиум. Иако првичната идеја беше да се стави акцент на почетните скицирани материјали (крокис), со коишто уметниците ја започнуваат реализацијата на својата идеја, во последните години се забележува трендот на пристапување кон цртежот како на самостојно завршено ликовно дело темелено на комплексен приказ со колоритни партии коишто, пак, му даваат финален изглед. Но мораме да забележиме дека не помалку присутна е и тенденцијата на експериментирање и излегување од рамките на цртежот па во таа смисла и создавање на дела со комбинирани медиуми.

И ако во реализацијата на секој проект е најважен првиот чекор, во областа на визуелните уметности тој прв чекор, тој прв импулс којшто ќе го почувствува уметникот и ќе го стави на хартија, е скицата којашто подоцна се трансформира во целосен проект. Се надевам дека од изложените дела на оваа изложба публиката ќе го осознае тој процес а авторите ќе ги мотивира и понатаму да му посветуваат должно внимание на цртежот.
Изложбата ќе биде поставена до 27.11.2025 година.
Култура
(Фото) Блескав пијано концерт на Гацева и Џорлева во Белград
Синоќа во преполна сала на Културниот центар на Белград, во срцето на градот, на улицата Кнез Михајлова, блеснаа со својата интерпретација нашите две реномирани пијанистки Ана Гацева и Татјана Џорлева.

Во едночасовната програма за четирирачно пијано, професорките Гацева и Џорлева одржаа вистински час за висока професионалност и исклучително сугестивна интерпретација на дела од Ерик Сати, Едвард Григ и Антонин Дворжак, а долги аплаузи измамија со интерпретацијата на дело од македонскиот композитор Дамјан Темков, за што беа вратени на бис.
Концертот го отвори директорот на нашиот КИЦ во Белград Васко Шутаров, а истиот е реализиран во партнерска соработка помеѓу нашиот КИЦ и Културниот центар на град Белград.

Проектот за гостување на проф. Ана Гацева и проф. Татјана Џорлева во Белград е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Култура
„Сина сенка“ во режија на Тамара Стојаноска премиерно в четврток
В четврток (13.11) во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одигра праизведбата односно премиерата на текстот „Сина сенка“ („Blue Shade“) од Брајан Рејнолдс во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „Златен Елец“ со почеток во 20 часот.
„Сина сенка“ е проект во соработка со американскиот автор Брајан Рејнолдс кој за првпат се поставува во Македонија. Делото продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстануваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Текстот отвора прашања за тоа како медиумите нè трујат со лажни вредности, како фармацевтската индустрија и големите бизниси го користат човечкиот страв за поголем профит, и како поединецот станува жртва, но и продукт на една болна општествена машина. Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. Може да се доживее и како ехо на култните драми за „малиот човек“, современ „Војцек“ или „Хинкеман“, каде хуманоста се губи под тежината на стравот, контролата и манипулацијата. Ова дело создава свет во кој реалноста и илузијата се преплетуваат, а секоја сцена пулсира со прашањето: дали навистина живееме, или само преживуваме? „Сина сенка“ не завршува со спуштањето на завесата, таa продолжува во секојдневието, во вестите, на улиците, во тишината со која го прифаќаме апсурдот како нормален. Но вистинската борба не е само против системот, туку против стравот во нас самите. Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка – вели режисерката Тамара Стојаноска.
Играат актерите: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ. Оригиналната музика е на Мајкл Хукер а новите аранжмани се на Лука Тошев, рекламниот материјал е на Бојана Цилевска. Преводот на оригиналниот текст е на Сашо Огненовски.
Проектот е финансиран од авторот Брајан Рејнолдс и Универзитетот во Калифорнија, Ирвин. После премиерата претставата ќе продолжи со редовни изведби , гостувања и учества на фестивали.

