Култура
Последна фаза од обновата на манастирот „Св. Архангел Михаил” во Варош

Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп интензивно работат на третата, последна фаза од темелната реконструкција на источниот конак од манастирот „Св. Архангел Михаил” во Варош, Прилеп, која е предвидено да заврши до октомври годинава.
Третата фаза ги опфаќа активностите околу завршните работи на подовите, таваниците, поставување на санитаријата и монтирањето на вратите и прозорците на новиот конак кој се гради на површина од 292 метри квадратни.Проектот за обнова на источниот конак од црквата „Свети Архангел Михаил”, која е главната и единствена манастирска црква во варошкиот манастир, е дел од програмата на Владата на Република Македонија и Министерството за култура и неговата реализација е потврда за грижата за непроценливите културни вредности и културното наследството. Манастирскиот комплекс со црквата посветена на Св. Архангел Михаил се наоѓа во подножјето на Маркови кули во населбата Варош во непосредна близина на Прилеп и датира од периодот на 13 век. Црквата претставува еднокорабна градба со отворен трем и камбанарија. Конаците се изградени од двете страни на манастирот во 19 век, како дар од прилепскиот еснаф и претставуваат впечатлив пример на староградската прилепска архитектура. Монашкиот живот во манастирот е обновен во 1988 година./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почина Наташа Маневска, драматург во штипскиот театар

Со огромна тага ја споделуваме веста за смртта на нашата колешка Наташа Маневска, драматург во НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, соопшти штипскиот театар.
Маневска беше член на нивниот колектив од 2011 година и во периодот од 2011 до 2015 година беше на чело на институцијата како директор.
Од 2016 година беше на работното место драматург.
Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Штип в четврток, 27.2.2025, од 13 до 14 часот.
Комеморација во нејзина чест ќе се одржи во Театар „Штип“ в петок, 28.2.2025 во 12 часот.
Култура
Концерт на филмска музика на Кирил Џајковски

Првпат во живо со голем филмски оркестар премиерно ќе се одржи концерт на филмска музика на Кирил Џајковски.
Неговата работа како композитор на музика за филм беше придружен елемент на многу домашни и интернационални филмови, меѓу кои: „Големата вода“ (за која доби награда за најдобра музика на филмскиот фестивал во Валенсија, Шпанија), „Прашина“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, One more game, „Бал-кан-кан“, Piargy, „Трето полувреме“ и многу други. На концертот Кирил Џајковски придружуван со 30-член оркестар под диригентската палка на Џијан Емин ќе ги изведе легендарните музички теми, кои беа неизоставен дел од овие филмски остварувања.
Освен што е еден од најценетите електронски артисти од регионот, тој е и успешен композитор на филмска и театарска музика. Овој концерт претставува своевидна ретроспектива на 25-годишната филмска работа на Кирил Џајковски. Филмската музика на Кирил не само што ги надополнува и издига филмските сцени, таа и живее независно од филмот. Овој концерт ќе биде одлична можност еден од најпродуктивните композитори на музика за филм на Балканот пред македонската публика да го претстави својот извонредно големи и значаен опус.
Концертот e замислен како посебно аудио и визуелно доживување, а ќе се реализира на 6 април 2025 година во големата сала на Националната опера и Балет со почеток во 20 часот.
Култура
(Видео) Симон Трпчески го сефтоса клавирот, донација од Анѓушев за Факултетот за музичка уметност

Во преполна сала во Националната опера и балет, синоќа најпознатиот македонски пијанист, Симон Трпчески со колегите одржа спектакуларен концерт, изведувајќи повеќе дела од Моцарт, Брамс, ерменски фолклор, како и неговиот проект „Македонисимо“.
Настанот беше по повод новиот клавир „Feurich“- донација од бизнисменот Кочо Анѓушев, за потребите на Факултетот за музичка уметност, во соработка со австриската Амбасада и амбасадорот Мартин Памер.
Заедно со Трпчески синоќа настапија и пијанистката, Елена Атанасовска-Ивановска, виолинистот Момчило Куфујанакис, соло пејачите Иван Наумовски и Горан Начевски.
Круна на вечерта беше проектот „Македонисимо“ со кој Трпечески и неговите колеги ја кренаа публиката на нозе. Квинтетот ги вклучува и Хидан Мамудов (кларинет, алто саксофон и кавал), Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело) и Влатко Нушев (удиралки). Концертите на „Македонисимо“ со кои се промовирира македонскиот ритам наидоа на одличен прием во целиот свет,а многу реномирани критичари го опишаа како магично искуство.
Во салата синоќа беа присустни и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура, Зоран Љутков, а меѓу гостите беше и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер.
Како што изјави деканката на Факултетот за музичка уметност, Дарија Андовска, идејата за новиот клавир ја покренал амбасадорот на Австрија, инаку поранешен виолинист, кој самиот дошол во просториите на ФМУ. Потоа со Анѓушев била договорена донацијата на клавирот. Досега музичарите од овој факултет свиреа на инструмент постар од 50 години.
Памер кој важи за голем пријател на Македонија и огромен љубител на музичката уметсност, зборуваше на македонски јазик, а потоа и на англиски, како што рече, во интерес на времето. Кога пијанистот Трпчески му се заблагодари на германски, тој се огласи од публиката, довикувајќи: „Разбирам македонски“, што ги расположи присутните во салата.
Кусо обраќање имаше и Анѓушев, кој рече дека подеднакво голема донација е и онаа на Трпчески на големата сцена.