Култура
Скопје стана дел од клубот на културни и креативни градови
Скопје од неодамна се придружи кон исклучително селективниот клуб на културни и креативни градови, коишто имаат статус на привилегирани партнери на Белгискиот град Монс – Европски град на културата за 2015 година.
Овој Белгиски град од околу 100.000 жители во јужниот дел на Белгија, не е само извонреден со своето културно богатство (особено со 4-те локалитети регистрирани на листата на Светското културно наследство на УНЕСКО), туку тој е исто така, исклучително динамичен центар на креативни и технолошки индустрии.
Затоа, е многу природно што оваа Европска културна престолнина одлучи да се претстави себеси во текот на 2015 година како место каде што “културата се сретнува со технологијата”.
Еден од водечките проекти на Монс 2015 ќе биде креирањето и анимацијата на мрежата “Café Europa”, синџир на поврзани Кафулиња, кои претставуваат високо технолошки места за средби на артисти и креатори низ цела Европа и чии што сврзани дигитални ѕидови ќе им овозможат на уметниците, дизајнерите, студентите и едноставно на сите граѓани да се сретнат со нивните колеги и сограѓани, да разговараат и разменуваат идеи, да започнат заеднички проекти и да соработуваат со нивните сензибилитети, различни, но кои што се дел од единствениот Европски идентитет.
Благодарение на соработката помеѓу BRIDGES – Институтот за истражување на развојот, управувањето и праведното општество во Балканските држави и МКЦ – Младинскиот Културен Центар од Скопје, и особено благодарение на поврзувањето на одличното познавање на македонската уметничка сцена од МКЦ со важната мрежа на меѓународни контакти од BRIDGES, големиот културен и креативен потенцијал на градот Скопје им беше претставен на организаторите на Монс 2015, кои што срдечно го поздравија приклучувањето на Македонскиот главен град кон нивната мрежа на културни европски градови – Cafe Europa.
Скопје ќе им се придружи во оваа мрежа на неколку предводници на светската култура како што се: Париз, Рим, Сиена, Рига, Монс и Плзен, Сан Себастијан (Европски град на културата за 2016 година), Авињон (најголемиот светски театарски фестивал) и многу други. Меѓу сите градови од Југоисточна Европа, а покрај Скопје, само градот Сараево беше примен во оваа исклучително ексклузивна иницијатива.
Младинскиот Културен Центар од Скопје ќе биде домаќин на Кафулето – Skopje Cafe Europa. Неговото официјално отворање ќе се одржи на 12-ти Март преку поврзување во живо со Монс и со другите градови од мрежата на Cafe Europa. Преку редовно организирање на поврзани активности до крајот на 2015 година, кафулето во Скопје ќе понуди платформа за претставување на локалните дизајнери и креативни артисти во другите партнерски градови и за иницирање на можности за соработка.
“Иницијативата “Café Europa” ќе им овозможи на македонските уметници во голема мера да ја зголемат нивната меѓународна видливост и со тоа воедно и ќе се адресира една многу важна потреба на нашата креативна заедница” – вели Маргарита Арсова, проектен менаџер на Skopje Café Europa од Младинскиот Културен Центар – Скопје. Според Васе Атанасоска, извршен директор на BRIDGES “Оваа соработка претставува почетна точка на многу други иницијативи со водечките културни центри од Европа, кои што ќе резултираат со многу корисни економски и културни можности, како за креативните уметници и компаниите од Република Македонија, така и за самиот град Скопје”.
Всушност, заедничка апликација за европски грант е веќе испратена од страна на МКЦ – Скопје, Монс и неколку други градови од мрежата на Cafe Europa, додека пак BRIDGES иницираше соработка со CULTURALLIA, Европска иницијатива под мотото “каде што културата се сретнува со бизнисот”, организирана во Белгија во текот на оваа година. И двете организиации, МКЦ – Скопје и BRIDGES, гледаат во интеграцијата на Скопје во проектот Cafe Europa, предводен од Монс 2015, во исто време голема можност за креативците од Скопје и веќе признание за нивниот квалитет и динамизам. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

