Култура
Со големата завршна прослава на главната вечер Таксират го затвори 17. издание
Со одржувањето на главната вечер, во понеделник, во Метрополис Арена во Скопје беше официјално затворено 17. издание на Таксират Фестивал кој помина со одлична забава и во неверојатно позитивна атмосфера.
Завршната прослава на Таксират 17 ја отвори групата Sabaton, а фестивалот го одбележаа и настапите на Laibach, La Pegatina, 2Cellos, С.А.Ф. & Тони Китановски Little Big Band и Modestep.
Со долгоочекуваниот прв настап пред македонската публика, Sabaton ја отвори главната вечер на Таксират и ја загреа веќе многубројната публика со својот моќен и масивен звук, но и атрактивниот изглед на сцената.
Атмосферата веќе беше одлична, а по нивниот настап, Метрополис Арена татнеше во звукот на маестралните и единствени Laibach и нивниот перфектен перформанс кој покрај музиката, беше надополнет и со визуелни детали и видео проекции.
Следни беа шпанците La Pegatina кои ја разиграа публиката со својот енергичен ритам и жесток настап, а таа секако ќе го памети нивниот харизматичен концерт. И тие, членовите на групата воодушевени од атмосферата, по нивниот сет, додека сцената се подготвуваше за следниот изведувач, се симнаа со своите инструменти меѓу публиката и заедно, еуфорично ја продолжија забавата.
Со последните тактови од нивната музика, забавата во арената се движеше кон својот врв, а следниот изведувач кој ја освои бината на Таксират 17 беше светската атракција 2Cellos. За време на нивниот одличен настап и избор на нумери, сѐ се спои во магична синергија на хрватското дуо и публиката составена од илјадниците луѓе со различни возрасти, вкусови, стилови.
Посебно најавеното изненадување или повеќе привилегија на Таксират беше настапот на легендите на македонскиот хип хоп С.А.Ф. со Тони Китановски Little Big Band, чиј настап постојано беше проследен со овации од публиката која прв пат имаше прилика да го чуе култниот албум „Сафизам“ изведен во придружба на бенд. Препознатливата хип хоп жестина на С.А.Ф. и префинетите џез линии на меастро Тони Китановски пробиваа низ звучниците во одличен спој!
Крајот на вечерта беше означен со енергичниот дабстеп на извонредната лондонска група Modestep чиј диџеј состав ја презема сцената во Метрополис Арена за полноќниот дел од забавата – сѐ до раните утрински часови.
Само главната вечер на Таксират успеа да привлече околу 7.000 посетители со кои заедно го прославивме затворањето на 17. едиција на фестивалот. Оваа година Таксират фестивал подготви многу дополнителни активности и настани на кои публиката имаше ретка прилика да се забавува. Атрактивните имиња и дополнителната програма совршено ја надополнуваа музичката понуда која се одвиваше изминативе 10 дена на три различни локации. Во некои од овие денови истовремено се одржуваа и по три различни настани, а секој од публиката на Таксират можеше да го пронајде своето омилено место и настан за забава или уживање.
17. издание на Таксират пречека скоро 60 изведувачи од над 26 земји во Европа, актуелни ѕвезди и оние кои допрва ќе блеснат на музичката сцена, а сите тие во рамки на: меѓународната ПИН музичка конференција, Лузер фест, концертот на Рундек карго трио, настанот за пензионери Ретро матине, стендап шоуто Ѓурологија, настаните Taksirat volunteers day и 20 години те сакам, концертот на 2Cellos и главната вечер на Таксират 17!
Одлична музика, многу забава и прекрасно дружење. Овие 10 дена нам ни се чинеше дека целиот град пулсира како едно, како Таксират. Повеќе од 18.000 посетители ги посетија десетте дена на Таксират фестивал во потрага за добра забава и незаборавни спомени, а судејќи по насмеаните лица и еуфоријата која го освојуваше просторот – секако успеаја во намерата.
Таксират повторно покажа дека може да се направи уште еден чекор напред во квалитетот и квантитетот на фестивалската понуда кај нас. Се покажа дека и публиката живее со фестивалот, чиј интерес оваа година го потврдија и трите целосно распродадени настани со недели пред нивното одржување.
Огромна благодарност до сите посетители, пријатели, партнери на фестивалот и сите кои на било кој начин беа дел од реализацијата на ова издание на најголемиот и единствен од овој профил музички фестивал во Македонија. Зад нас е уште еден од најважните културни и музички настани во Македонија. Заврши 17. Таксират Фестивал./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Култура
Прилепскиот дувачки оркестар повторно активен по 10 години
По десет години пауза, повторно започна со работа еден од најпрепознатливите музички симболи на градот – Прилепскиот дувачки оркестар. Возобновувањето на оркестарот се реализира со почетна логистичка и финансиска поддршка од Општина Прилеп, во согласност со можностите и програмските активности на новооформениот состав.
Првиот јавен настап на возобновениот Прилепски дувачки оркестар ќе биде во рамки на карневалот „Прочка 2026“, додека програмата на оркестарот ќе се темели на оригиналност и разновидност.
Дејан Проданоски, градоначалникот на Општина Прилеп, присуствуваше на првата проба на возобновениот оркестар и истакна дека Прилеп континуирано инвестира во културата и во зачувувањето на локалниот културен идентитет. Притоа, тој истакна големо задоволство на фактот што по десетгодишен прекин, Градскиот дувачки оркестар повторно е активен и ќе биде составен од млади, професионални и талентирани музичари од Прилеп, кои продолжуваат традиција подолга од еден век.
Прилепскиот дувачки оркестар привремено ќе ги одржува своите проби во просториите на ООУ „Блаже Конески“, а во моментов брои 14 академски образовани млади музичари од Прилеп. Како дел од идни активности, во репертоарот на оркестарот се вбројуваат учество на градските празници, свечености и културни манифестации.
Градот Прилеп, со повеќе прекини низ годините, последен пат имал активен градски дувачки оркестар до 2015 година, иако традицијата на вакви оркестри е децениска. Првиот прилепски дувачки оркестар бил формиран во 1924 година, а во 1930 година бил основан првиот поголем оркестар од околу 20 членови, составен од лимено-дувачки инструменти, формиран од железничарите и железницата, под диригентство на Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче.
Во подоцнежниот период, со одредени прекини, градскиот дувачки оркестар функционирал сè до 2015 година, при што значаен придонес во развојот и зачувувањето на оваа традиција дал Илија Јанчулески, кој со генерации музичари ја одржувал оваа културна вредност.
Култура
Холандија му врати на Египет украдена скулптура стара 3.500 години
Холандија во четвртокот му врати на Египет скулптура стара 3.500 години, откако украдениот артефакт повторно се појави на холандски саем за уметност во 2022 година.
Истрагата на холандската полиција и инспекторатот за културно наследство минатата година потврди дека скулптурата била украдена и незаконски изнесена од Египет, најверојатно за време на немирите на Арапската пролет во 2011 година, по што се појавила на меѓународниот пазар на уметност.
Експертите веруваат дека артефактот, камена глава која првично била дел од статуа, потекнува од Луксор во јужен Египет. Таа прикажува висок функционер од времето на владеењето на фараонот Тутмос III, кој владеел од 1479 до 1425 година пред нашата ера.
Скулптурата била запленета во 2022 година на саем за уметност во Мастрихт. Галеријата за трговија со уметност „Сикомор Еншнт Арт“, која го стекнала делото, но имала сомнежи за неговото потекло, доброволно го предала по спроведената истрага.
„Нашата политика е да го вратиме она што не ни припаѓа и секогаш да го вратиме на законската културна заедница или на земјата на која ѝ припаѓа“, изјави холандскиот министер за култура Гуке Моес, предавајќи го артефактот на египетскиот амбасадор.
Египетскиот амбасадор Емад Хана изјави дека неговата земја систематски ги следи артефактите што се појавуваат на изложби или аукции.
„Тоа ни значи многу кога станува збор за туризмот и економијата, бидејќи на крајот на денот, кога туристите доаѓаат во Египет за да ги видат тие предмети, тоа дефинитивно прави разлика“, рече Хана.
Плановите на Египет за изложување на скулптурата засега не се познати.

