Култура
Tри години снимање во екстремни услови му донесе на „Силјан“ нова номинација
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, откупен за глобална дистрибуција од National Geographic Documentary Films, продолжува да го зацврстува својот меѓународен успех. Филмот, во режија и продукција на Тамара Котевска заедно со директорот на фотографија и продуцентот Жан Дакар (Jean Dakar), доби уште едно од најзначајните признанија во документарниот свет, номинација за PGA Awards (Producers Guild of America) во категоријата Outstanding Producer of Documentary Motion Pictures.
Ова признание има особена тежина затоа што PGA наградува автори кои преземаат повеќе функции во создавањето на филмот и се изложуваат на големи и често надчовечки напори за да реализираат автентично документарно дело. Во документарниот свет, каде авторите често се и режисери и продуценти и сниматели и истражувачи и теренски координатори, ваквото признание е потврда за нивната целосна посветеност.
Последниве два месеца низ светските премиери и Q&A сесии стана јасно што стои зад создавањето на „Приказната за Силјан“. Филмот е резултат на три години снимање во екстремни услови, живот на терен, спиење на депонии во прилагодено комбе за живеење (trailer), денови и ноќи поминати со протагонистите и локалните заедници, долги периоди на чекање на штрковите и нивните миграции и работа без формален буџет или традиционална продукциска инфраструктура. Во тој процес Producers Guild of America ја препозна издржливоста, креативната храброст и пожртвуваноста на Тамара Котевска и Жан Дакар (Jean Dakar), кои ја носеа тежината на филмот во секоја негова фаза. Тие се пример за филм создаден во целост од авторите или total filmmaking, каде креативната визија, продукциската организација и физичката работа се спојуваат во единствен авторски потпис.
„Оваа номинација за награда можат вистински да ја разберат само оние кои навистина го живеат филмот. За нас ова признание е за сите денови, ноќи, жртви и години посветени на оваа приказна, за животот на терен, за довербата што ни ја дадоа протагонистите и за моментите кога камерата престана да биде камера и стана дел од светот што го снимавме,“ велат Тамара Котевска и Жан Дакар во заедничка изјава.
Процесот на снимање не бил само технички предизвик, туку и длабоко човечко вкоренување во средината што ја документираат. Со месеци поминати со протагонистите, следејќи го нивниот живот и ретката врска со белите штркови, камерата постепено престанала да биде забележлива. И луѓето и штрковите природно се навикнале на нејзиното присуство, прифаќајќи ја како дел од секојдневието. Овој ненаметлив пристап, изграден врз доверба, време и човечка близина, е препознатливиот печат што Котевска и Дакар го оставаат во своите документарни филмови, овозможувајќи приказните да се развиваат органски и искрено.
Филмот веќе се вброи меѓу најрелевантните документарни остварувања на годината по освоените две награди на IDA Documentary Awards за најдобар документарен филм и најдобра камера, како и по премиерите на најголемите светски фестивали, меѓу кои Венеција и Торонто, и бројните проекции низ САД, Канада и наскоро во Британија. Откупот од National Geographic Documentary Films дополнително го засилува неговото глобално присуство и поддршка во тековната оскаровска кампања.
PGA Awards се исто така еден од најсилните индикатори во трката за Оскар, а нивните номинирани и добитници редовно се појавуваат и во финалниот избор за највисоката филмска награда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”

