Култура
Tеатарска претстава во чест на Горан Стефановски
Преку театарска претстава, посветена на Горан Стефановски, Актерска школа на Весна Петрушевска, КМК Продукција и Македонскиот народен театар ќе оддадат почит на еден од најзначајните и најизведувани македонски драмски автори воопшто.
Горан Стефановски е македонски драмски автор, универзитетски професор и академик. Претставник е на модерната македонска драматургија и автор е на сценарија за ТВ-серии, ТВ-филмови и драми. Драмските дијалози во неговите дела и по 30 години ја отсликуваат актуелната стварност во Северна Македонија.
„Горан е често име на нашите простори изведено од именката гора, но исто така со значение голем и силен. Таква е нашата љубов кон Горан, силна, огромна, истрајна и посветена. Можете лесно да паднете во неговата стапица на зборови. Децата од актерската школа лесно го разбираат и нивниот поттекст е прецизно точен. Јас сакам секое дете да знае барем по еден монолог на Горан. Така живее само онолку колку го зборуваме. Ние немаме друг Горан. Имаме само еден! Храбар, бескрајно талентиран, точен, шармантен и полн со љубов„– истакна Весна Петрушевска.
Горан Стефановски е изведуван на сите македонски сцени (Скопје, Битола, Штип, Струмица, Прилеп, Велес, Охрид, и др.), потоа во сите некогашни југословенски културни центри (Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Нови Сад, Ниш, Титоград (Подгорица), итн.), како и во големите театарски центри во светот: Париз, Будимпешта, Лондон, Софија, Москва, во повеќе градови во САД, во Брезно во Словачка, во Лоѓ во Полска, Антверпен во Белгија, Стокхолм итн.
Премиерата на театарската претстава ќе се одржи на 26 март, со почеток во 12 часот, во Македонскиот народен театар, на чија сцена ќе излезат учениците од актерската школа на Весна Петрушевска.
За првпат ќе се слушнат на сцена неговите генијални текстови од книгата „Стапица“. Таа книга ги содржи сите тајни на драмскиот занает и на приодот кон создавање и градење лик. Во вистинска смисла на зборот за еден актер предизвик, за малите актери мисловен и актерски предизвик и задача. Горан е нашиот идентитет, нашиот најдобар драмски писател. Театарот немаше да биде ист ако не постоеше Горан. Горан е љубов.- додаде Петрушевска.
Поради големиот интерес, двете изведби на 26 март се распродадени, додека, следната изведба е на 9 април, од 12:00 часот во Македонскиот народен театар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

