Култура
Започнува 56-то издание на фестивалот Охридско лето
Со концерт на познатата оперска дива Елина Гаранча од Латвија вечерва на Античкиот театар во Охрид ќе започне 56-то издание на фестивалот Охридско лето. Таа ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската опера и балет, со кој ќе диригира Ион Марин од Австрија.
Според најавите, во рамки на програмата на овогодинешното фестивалско издание ќе бидат застапени преку 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филмови од богатата кинематографска ризница на најстарата продуцентска куќа во нашата држава, „Вардар филм“.
По свеченото отворање на фестивалот, следуваат низа ексклузивни музички настани како што се концертите на виолинистите Максим Венгеров, Вадим Репин, Роман Симовиќ, пијанистите Фазил Сеј, Ана Винитскаја и концертот на легендарниот џез музичар Артуро Сандовал кој има освоено 10 Grammy награди, 6 Billboard награди и една Emmy награда.
Во рамки на програмата се и концертите на нашите македонски ѕвезди како Ана и Игор Дурловски и Љубиша и Маја Кировски, а како дел од програмата која е наменета за пошироката публика е настапот на перкашн ансамблот „СУДАР“ од Хрватска, кој што на уникатен начин вршат популаризација на ударните инструменти со иновативни проекти.
На 4-ти август по повод роденденот на фестивалот концерт ќе одржи охридскиот виртуоз на гитара Дамјан Пејчиноски со своето трио.
Во рамки на овогодинешната фестивалска програма за прв пат ќе биде организирана „Летна академија“ во Охрид во чии рамки младите музичари од Македонија ќе имаат можност да бидат дел од семинарите предводени од големите музички легенди.
Оваа година Драмскиот дел од фестивалот ќе биде посветен на 400 годишнината од смртта на Вилијам Шекспир. Најавено е гостување на театри и режисери од Македонија, Туција, Романија, Словенија и Русија.
Во рамки на програмата „Младо театарско Охридско лето“ која ги промовира младите театарски режисери и продукции од земјава и странство, оваа година ќе гостуваат Националнот театар од Букурешт и Народниот театар од Битола.
Затворањето на 56-то издание на фестивалот лето ќе биде со концертниот проект „На светов убавина“ од Горан Трајковски, во чии рамки ќе биде изведена театарска музика од последната декада. крај/мф
Извор: ohridnews.com
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба на Сашо Алушевски во Скопје: „На мајката земја – шума“ го истражува односот меѓу фотографијата и природата
В среда, 3 декември, од 18 часот, авторот Сашо Алушевски ќе постави изложба од циклусот „На мајката земја – шума“ во мобилната монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје.
Поставката „На мајката земја“ го истражува односот меѓу фотографијата и материјалната природа/реалност/нашите доживувања третирајќи ја фотографската слика како симулакрум – визуелен знак што не ја претставува природата директно, туку нејзините кодови и траги. Потпирајќи се врз Платоновата разлика меѓу идеја, имитација и сенка, изложбата укажува дека уметничката практика не може да го реплицира светот, туку само сопствените граници и јазикот.
Преку суптилна деконструкција на лисја, земја, камен и вода, сликите ја расплетуваат врската меѓу визуелното и физичкото. Материјата се претвора во знак, а фотографијата – иако фиксирана – упорно одбива да биде статична. Таа сведочи за својата ограниченост нудејќи простор во кој претставата и реалноста се разидуваат.
Овој јаз меѓу сликата и природата ја носи и главната порака: ниедна визуелна репрезентација не може да го замени директното, органско доживување на природата. Мирисот на мов, текстурата на кората, здивот на шумата – без соработка со идеалниот гледач – остануваат искуства што фотографијата само ги навестува, но не ги поседува.
Поставката ја преиспитува нашата перцепција: Дали сликите се надвор од нас – или во нас? Каде завршува сопствената проекција, а каде почнува реалното?
Во реализацијата се користени природни материјали и повеќе аналогни фотографски техники: цијанотипија, Ван Дајк, гумотипија и гумомаслена техника, колодиум, мордансаж и лумен-процеси.
Изложбата е реализирана со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Култура
Почнува 24. „Синедејс“ со репертоар од над 50 европски остварувања
Со слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември се одржува 24. „Синедејс“ – Фестивал на европски филм.
Осумте селекции, повеќе од 60 филма, кои ја одбележаа тековната европската филмска година и врвната работилница „Маркетинг на филм“ се фактографски белег на годинешниот „Синедејс“.
„Оваа година публика не ја водиме на филмско патување, туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, кому му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сѐ е богат со најновите и најнаградувани филмови. Свесни сме дека земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да може да виреат такви креативци, но и на таквата префинета публика должни сме да ѝ го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал, пред сé“, вели Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.
Два филма се на почетокот на фестивалот – „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата „Златна палма“ на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.
„Ова издание на ‘Синедејс’ ги носи и ‘Тајниот агент’ на Мендонса Фило, ‘Домот на младата мајка’ на браќата Дарден, и двата номинирани за ‘Златна палма’, ‘Татко мајка сестра брат’ на Џим Џармуш, кој е добитник на наградата ‘Златен лав’ во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како ‘Оче наш’ на Горан Станковиќ, ‘Ера’ на Парта Келменди, ‘Павиљон’ на Дино Мустафиќ… А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и ‘Македокс’ ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршок на годинава за МКЦ“, дополнува Арсова.
Селектор на програмата на 24. „Синедејс“ е Бернд Будер и годинава ќе ги гледаме филмовите структурирани во повеќе селекции: официјална селекција, гала-програма, МК во ЕУ, МК-премиери на кратки филмови, музички документарци, СЕЕ-програма, селекција на Дејвид Линч и „Македокс“.
Жири-комисијата во состав: Сара Климовска – актерка, Северна Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска, и Алеш Павлин – режисер. Словенија ќе одлучува за филмовите во официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија, и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора, за филмовите во СЕЕ-програмата.
На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на вечерите „Синемјузик“ имаме специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од програмата „Лајвјуроп“. Влезот за концертите е бесплатен.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во киното „Фросина“ и во Дансинг-салата „25 мај“.
Билетите за годишното издание на „Синедејс“ ќе бидат по цена од 200 денари за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Други финансиски покровители се Град Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европските филмски фестивали, како и мрежата „Лајвјуроп“.
Култура
Премиера во Африка и во Португалија на „Јон Вардар“
Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ неделава ќе ја има својата афричка и португалска премиера на два значајни меѓународни фестивали.
Првата проекција ќе се одржи на Zuma International Film Festival во Абуџа, главниот град на Нигерија, што ќе биде воедно и афричка премиера на филмот. Фестивалот е организиран од Нигериската филмска корпорација, а ова 15. издание се одржува под мотото: „Раскажувањето приказни и глобалното влијание: Филмот како моќно средство за економски развој“. Тематскиот фокус ја нагласува стратешката улога на кинематографијата во обликување на перцепциите, влијание врз глобалните општествени разговори и поттикнување културна размена.
„Јон Вардар против галаксијата“ пристигнува и на Азорските острови — филмот ќе се најде во изборот на 9. AnimaPIX во Португалија, каде што официјално ќе ја одбележи својата португалска премиера.
Анимапикс има репутација на фестивал кој го слави „детето во секој од нас“, со фокус на креативност, визуелна уметност и експериментални форми. Освен проекции, на фестивалот се одржуваат изложби и промоции на илустрирани книги, стрипови и други форми на визуелната уметност.
„Јон Вардар против галаксијата“ е прв долгометражен македонски анимиран филм. Досега беше прикажан на над 40 меѓународни фестивали и освои 5 награди. Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.

