Култура
Здружението на ликовни критичари ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“
Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија по втор пат ја доделува наградата „Ладислав Баришиќ“ за Предлог истражувачки проект од областа на ликовната критика.
На отворениот повик распишан од 17-ти март до 1-ви мај оваа година се пријавиле шест проекти, а овогодишен добитник на наградата е истражувачкиот предлог насловен „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“на авторите Ивана Васева и Филип Јовановски.
„Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“ е истражувачки проект кој се обидува да испита одреден аспект/карактеристика од македонската историја на уметноста во 20 век – поконкретно во втората половина на 20-ти век започнувајќи од 1945 година, но и да навлезе во најновата уметничка продукција во земјава – а тоа е идејата на колективното здружување на полето на уметничката продукција во различни уметнички групи со идеја да ја види моќта, потенцијалот и оттаму политичката релевантност на ваквите практики. Ова истражување запрашува дали колективното дејствување во уметноста отвора можности и размислувања кои не го таргетираат и поттикнуваат само уметничкиот развој и ескпериментирањето, со идеја за взаемен поттик и поддршка туку дали кај нас постојат здружувања кои можат да придонесат кон политичка промена преку уметничко дејствување и дали постојат уметнички колективи кои се стремат да креираат нови релации меѓу луѓето и нови односи во одредениот систем, кои ќе се разликуваат од претходните.
Трочлено стручно жири во состав Искра Гешоска(теоретичарка на културата), Лазо Плавевски(историчар на уметноста, ликовен критичар и куратор) и Јане Чаловски(ликовен уметник, куратор и пиблицист), по разгледувањето на доставените предлози за награден го одбра проектот на Васева и Јовановски заради третманот на две клучни нешта за нашиот социо-културен контекст кои не се доволно обработени, а се важни не само за современите визуелни практики туку за уметничките практики воопшто, a тоа се: бинарната корелација уметност – политика, односно уметноста како политичко артикулирање на светот, а со тоа како ризоматско ширење низ порите на творечката и општествената динамика, и присуството на здружувањата/колективите како суштинска појава во македонскат современа уметност.
Дополнителната важност на проектот „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“е што ќе се истражува мотивираноста е ефектите на уметничкиот колектив како микросоцијална, неинституционална заедница чијшто припадници остваруваат заедничка идеолошка, уметничка, методолошка и политичка вредност, која почива врз конститутивните елементи на критичката рефлексија. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасков
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасков.
-Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасков почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!, наведуваат од Драмски театар.
Манасков е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.

