Култура
Роденденски концерт на Македонската филхармонија
Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи својот роденденски концерт со наслов „Вдахновение“. Филхармонијата е единствена институција во земјата, која го афирмира и го изведува симфониското музичко творештво. Преку редовните концерти постојано ја развива и ја промовира класичната музика приближувајќи ѝ ја оваа форма на музицирање публика од разни генерации. Оркестарот на Македонската филхармонија е формиран на 24 ноември 1944 година по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје. На улицата Крушовска бр. 27, во домот на композиторот Тодор Скаловски, биле поставени темелниците на најстарата институција од културата во државата, прва од таков вид во ослободена Македонија.
Роденденскиот концерт в четврток ќе го води диригентот Конрад ван Алфен (Холандија), а како солисти ќе настапат врвните инструменталисти Даниел Роланд, виолина (Англија/Холандија), и Маја Богдановиќ, виолончело (Србија). На програмата се Концерт за виолина и виолончело во А-мол, оп. 102 од Јоханес Брамс и Симфонијата бр. 2 во Е-мол, оп. 2 од Сергеј Рахманинов.
Германскиот композитор и виртуоз на пијано, Јоханес Брамс (1833 – 1897), кому Роберт Шуман ќе му помогне да се афирмира како автор, се смета за еден од претставниците на романтизмот иако структурата на неговите дела во најголем дел е класична. Наследството од Бетовен, за Брамс, претставувало светост, тој најдлабоко во себе ја чувал и негувал оваа традиција, а музиката на големиот германски композитор за него била највисоко музичко остварување од естетски и концептуален контекст. „Не знаете како е да се работи кога постојано ви одѕвонуваат неговите стапки зад сѐ што правите“, напишал Брамс алудирајќи на постојаното присуство на Бетовен во неговите мисли и опус. Концертот за виолина и виолончело во А-мол, опус 102, му го посветил на својот пријател Јозеф Јоаким со кого не биле во најдобри односи во периодот кога е напишан. Кога нивниот заеднички пријател Роберт Хаусман во 1887 година го замолил Брамс да напише концерт за него, композиторот видел можност да го врати пријателството со Јоаким. Неговите инстинкти биле точни. Клара Шуман во својот дневник забележала: „Концертот беше дело за помирување. Јоаким и Брамс повторно се пријатели“. Концертот е напишан во форма на пријатен дијалог меѓу солистите, со богата и рапсодична топлина и меланхолија типична за опусот на Брамс.

Рускиот композитор Сергеј Рахманинов (1873 – 1943) има посебно место во историјата на музиката. Пишуваше исклучително романтична музика иако живееше и создаваше до средината на 20 век. Тој продолжи таму кај што застана Чајковски збогатувајќи го мелодискиот идиом, типичен за музиката на 19 век, со индивидуализам и препознатливост.
По неуспехот на Првата симфонија, која критичарите ја оценија како фијаско, Рахманинов беше повлечен на дното од депресивно расположение и тогаш изјави: „По ѓаволите со сите! Не знам како да пишувам симфонии и немам никаква желба да ги пишувам“. Сепак, и покрај неуспехот на Првата и депресивната состојба, тој почнува да ја пишува Втората симфонија, неговото најголемо оркестарско дело, кое, за разлика од Првата, ќе доживее успех и целосна афирмација од критичарите.
Виолинистот Даниел Роланд е еден од водечките на светската музичка сцена. За него велат дека „звучи како ниеден друг виолинист и дека креира специфичен звук на инструментот на кој свири“ (Шарлот Гарднер, „Грамофон“), дека поседува „гламурозен тон“ (Ричард Бретби, „Грамофон“), „фасцинантен тон во кој има деликатни финеси“ (Тим Ешли, „Гардијан“)…
Роланд се етаблира на светската музичка сцена како изведувач со харизма и со авантуристички дух, кој изведува разновиден репертоар. Изведува музика од Бетовен, Брамс, Елгар, Корнголд, Прокофјев, Шнитке, а соработувал со водечки диригенти и солисти. Изведува и современа музика – концертите на Вакск, Линдберг, Глас, Сааријаго и Ван дер Аа. Роланд е и пасиониран камерен музичар, настапувал со Ајви Гитлис, Николас Даниел, Ана Федорова, Нино Гветадзе, Мајкл Колинс, Елвис Костело… Бил член и на квартетот „Бродски“, еден од водечките камерни состави во светот. Освен што редовно настапува на светските музички сцени, Роланд работи и како професор на Кралскиот колеџ во Лондон.
Роден е во Лондон, а со часови по виолина почнал кога неговите родители се преселиле во Холандија. Студирал со Јан Репко, Давина ван Вели, Херман Креберс, Виктор Либерман и Игор Ојстрах. Добитник е на првата награда на натпреварот „Оскар Бак“ во Концертгебау во Амстердам и на Брамсовата награда во Баден Баден. Неговата виолина е изработена од Лоренцо Сториони (Кремона, 1796).
Српската виолончелистка Маја Богдановиќ поседува неверојатно чувство за креирање боја и карактер на делата, надополнето со изведувачка зрелост и техничка сигурност. Богдановиќ е една од најдобрите виолончелисти на денешнината.
Како солистка настапила со швајцарскиот оркестар „Тонхале“, со Берлинскиот симфониски оркестар во салата на Берлинската филхармонија, со Токиската филхармонија, Државниот оркестар од Бремерхавен, со Словенечката, Белградската и со Македонската филхармонија, со Камерниот оркестар на Минхен, оркестарот „Св. Бартоломео“ од Лондон и многу други.
Има неколку музички изданија зад себе, а најновото е со виолинистот Даниел Роланд, кое вклучува светска изведба на дела од Пендерецки, Васкс, Солима и Нисимен. Критичарите го опишаа како „волшебна средба меѓу челото и виолината“. Иако има широк репертоар, Маја Богдановиќ на својата програма посебно место издвојува за современата музика. Премиерно извела дела од Софија Губадулина, Кшиштоф Пендерецки, Филип Сојерс, Бенџамин Јусупов и др.
Свири на инструмент изработен за неа од францускиот мајстор Франк Раватин. Живее во Амстердам со својот партнер Даниел Роланд и нивната ќерка Лили.
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент, кој прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што ја добил наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на Московското филхармониско здружение, во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години многубројни оркестри во светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холандија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Многубројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Во текот на изминатите години неговите соработки со Рускиот национален оркестар и со солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии, на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање, под раководство на Ери Клас и Роберто Бензи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

