Македонија
Адвокатот на Боки 13 очекува да паднат и оставки: Никој не е толку црн за да го доведете во животозагрозувачка состојба

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Бојан Јовановски-Боки 13, за „Макфакс“ посочува дека очекува оставка од неколку лица што во изминатиот период одлучувале по однос на барањето за прекин на казната. Туфегџиќ посочува дека токму тие што одлучувале и го оставиле Боки 13 во „Идризово“ со влошено здравје треба да сносат одговорност. Осудениот денеска е хоспитализиран и во болница, каде што треба да му биде извршена операција.
„Реално, лично очекувам морален чин на оставка од неколку лица што постапувале и одлучувале во изминатиот период бидејќи ниту еден осуденик не е до толку црн за со своето постапување дополнително да го казнувате и да го доведете во животозагрозувачка состојба, а сето тоа можело да се одбегне“, вели Туфегџиќ за „Макфакс“.
Тој додава дека докторите и тој како адвокат алармирале дека може да се избегнат овие последици ако Боки 13 бил третиран во согласност со насоките од докторите.
„На овие последици врз животот и здравјето на осуденото лице во изминатите 7 месеци предупредуваа лекарите специјалисти од областа и јас како бранител. Укажуваа како и на кој начин да се одбегнат тешките последици врз животот и здравјето на лицето и сите укажувања се составен дел од списите на предметите водени во Основниот кривичен суд Скопје и Управата за извршување на санкциите.
Во конкретниот случај надлежните органи што постапувале однапред знаеле за здравствената состојба, биле свесни за настапувањето на последиците, кои извесно може да настанат, па оттаму оправдано е барањето за одговорност упатено од семејството“, додава Туфегџиќ.
Утринава, правниот тим на Боки 13 посочи дека тој е хоспитализиран во болница. По правење на проверките, тој ќе биде и опериран, соопштија тие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајна несреќа на патниот правец Кавадарци – Прилеп, сообраќајот во прекин

АМСМ информира дека сообраќајот на патниот правец Кавадарци – Прилеп е во прекин.
Од таму велат дека прекинот е поради сообраќајна незгода.
Прекинот ќе трае до завршување на увидот.
Македонија
СВР Битола апелира до граѓаните да не палат стрништа и земјоделски површини

Битолската полиција апелира до граѓаните на подрачјето Битола да не се пали оган на отворен простор откако деновиве настанаа неколку пожари како последица од намерно запалени стрништа.
-Апелираме да не се пали оган на отворен простор, да не се палат стрништа, земјоделски површини, отпад и друг горлив материјал и да не се фрлаат отпушоци од цигари и догорчиња. Доколку граѓаните забележат пожар на отворен простор најбрзо што може да го пријават во надлежните институции, апелираат од СВР Битола.
Македонија
Претседателот Пендаровски во Њујорк оствари средба со Јури Ким и Џим O’Брајан од американскиот Стејт Департмент

Претседателот Стево Пендаровски во Њујорк, на маргините на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, оствари средба со Јури Ким, заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија и Џим O’Брајан, раководител на канцеларијата за координација на санкции при американскиот Стејт Департмент.
На средбата се разговараше за текот и за актуелните состојби поврзани со европските интеграции на нашата држава, за реформскиот напредок, како и за политичките состојби во земјава и во регионот. Соговорниците се согласија дека е потребно да се одржи фокусот на реформите, како и подготвеноста за водење на преговорите со Европската Унија.
На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија, при што претседателот Пендаровски се заблагодари на американската поддршка за членството на Северна Македонија во ЕУ како стратешка определба на македонското општество.