Македонија
(Видео) Активистката Моника Ристеска осудена на две години условна казна
Активистката Моника Ристеска денеска на првото судско рочиште беше осудена на две години условна казна за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Ристеска призна вина, посочи дека се кае и вети нема повторно да го стори кривичното дело или друго кривично. Условната казна од 2 години затвор ќе ѝ се изрече доколку во наредните 5 години таа стори друго кривично дело.
„Се чуствувам виновна за делото што ми се става на товар. Точно е она што е наведено во обвинителниот акт. Во перидот од 2017-2018 година неовластено држев и продавав марихуана и хашиш смола, на начин како што е наведено во обвинението. Премногу се каам за тоа што го направив. Се заколнувам и ветувам дека никогаш нема да го направам истото и да сторам вакво кривично дело. Се каам од дното на моето срце и душа за делата што сум ги сторила. Најмногу сакам да се извинам на државните институции, а најмногу на судот, на ЈО, на полицијата, на моето семејство и сите мои мили сограѓани кои се почувствувале трогнати поради моите непромислени вулгарни постапки“, изјави Ристеска.
На активистката за легализација на марихуаната, Моника Ристеска, во октомври ѝ беше определена мерка притвор во траење од 30 дена, а таа на денешното рочиште посочи дека деновите во затворот „Скопје“ за неа биле тешка лекција која ја променила како личност.
„Притворот во затворот ‘Скопје’ за мене беше тешка лекција која целосно и темелно ме промени како личност. Мојот разум се избистри и ги сфатив моите грешки. Сфатив дека тоа што го правев беше нескладно со мојата возраст и интелект, но и образование. Сфатив дека мојата најголема желба е да продолжам со нормален живот како порано, да оформам семејство, да се вработам, да го завршам вториот фактултет. И бидејќи се сметам за хуманитарец и личност која сака да помага на луѓето, интелектуалец, сметам дека многу можам да придонесам на нашата заедница и општество. Вината ја признавам доброволно, сама, не присилена од никого“, посочи Ристеска за време на рочиштето.
Нејзиниот адвокат Јанаки Митровски за време на рочиштето посочи дека тој смета дека 63 ноќи во затворот во Шуто Оризари воспитно влијаеле врз обвинетата, каде размислила како ќе се санкционира ако не престане со нејзиното девијантно однесување.
„Никој не завршил со штетни последици по здравјето од нејзиното однесување. Обвинетата има две дијагнози, личност со битно намалена пресметливост, а во минатото кога девијантно се однесувала имала раскинати врски со семејството. Предлагам на судот да изрече алтернативна мерка, условна осуда и задолжително психијатриско лекување на слобода за обвинетата да го коригира своето однесување и воспостави својата врска со семејството, чија поддршка ѝ е потребна“, вели нејзиниот адвокат.
Јавното обвинителство покрена обвинение оти осудената во текот на минатата и оваа година со умисла извршила дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на истото дело. Притоа, Ристеска неовластено кај себе држела, преработувала и продавала марихуана и хашиш смола.
На денешното рочиште јавниот обвинител Јован Серафимовски рече дека со оглед дека Ристеска во целост го признала кривичното дело, јавниот обвинител нема да се осврне на материјалите и вербалните факти.
„Предлагам обвинетата да биде прогласена за виновна и да ѝ изрече санкција предвинена со член 39 од КЗ, со која воспитно ќе се влијае. ЈО потенцира дека презентирањето на своето видување на настаните укажа најискрено каење коешто беше презентирано со емотивен набој и кој укажа дека обвинетата како млада високообразована личност згрешила и дека во иднина нема да се повтори. ЈО го прифаќа искреното презентирање на своето видување, па предлага на судот да обврне особено внимание на санкцијата поради овие околности“, посочи обвинителот Серафимовски.
Сите страни се откажаа од правото на жалба и од овој момент е на слобода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Поплавени дворови и земјоделски површини, одрони на повеќе патни правци
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти најнови информации за последиците од обилните врнежи на територијата на Македонија – состојба заклучно со 09:00 часот.
Кочани и Штип
Кај Оризарска река во село Грдовци има излевање. Водостопанство Брегалница интервенира со багер гасеничар. Механизацијата е сѐ уште на терен. Од понеделник ќе започне чистење на речното корито на Оризарска река од Грдовци кон Оризари со цел да се спречат идни несакани последици.
Сообраќајот на патниот правец Кочани Грдовци е нормализиран.
На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони и Македонијапат интервенира за нивно расчистување.
Битола
Во населбата Стрчин КЈП Нискоградба интервенира со механизација за расчистување на нанос од чакал и земја.
Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини без опасност по објектите.
Во селата Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини и ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река.
Елешка река е излеана и има поплавени земјоделски површини.
Нивото на водата во реките е во опаѓање.
Ресен
Поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка.
Нивото на Голема река е намалено од 2,20 метри на 1,40 метри.
Ангажирани се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер Ресен кои вршат обиколка и проценка на состојбата на терен. Состојбата е нормализирана.
Крушево
Поради поројните врнежи водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути.
Нивото на Црна река кај село Бучин е покачено но водата на местата каде што беше излеана е повлечена.
Екипи од ЈП Комуна, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежни служби интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки.
Демир Хисар
Локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река. Надлежните служби ја обезбедуваат локацијата.
Прилеп
Во селото Лажани пријавена е штета кај еден жител поради поплавен двор и приземни простории и оштетување на тутунот.
Во селото Пешталево исто така имало поплавувања поради неисчистени канали.
Во двете села интервенираше градежна механизација за расчистување на каналите.
Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен но СВР Тетово го има забрането сообраќајот од безбедносни причини.
Патот кон село Жерма и кон село Бродец е прооден.
Состојбата во село Стримница Општина Желино се следи континуирано од надлежните служби.
Македонија
Заладување и снег низ цела Македонија
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и снег во пониските предели, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег. Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите на целата територија ќе преминат во снег.
Пообилни снежни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри, додека во останатите места се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 3 до 8 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе се движи од минимални -2 до максимални 4 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, утре се очекуваат локални снежни врнежи и засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица, утринските температури на одделни места ќе се спуштат и под -10 степени Целзиусови, додека дневните ќе останат под нулата.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.

