Македонија
Алтернатива-Движење Беса-Демократско Движење: Измените во Кривичниот законик се прават за да се спаси Никола Груевски

Албанските партии, Алтернатива, Движење Беса и Демократско Движење сметаат дека измените во Кривичниот законик кои Владата ги предложи до Собранието се прават да се спаси Никола Груевски.
Тие на прес-конференција објаснија, како што велат, зошто „на владата и на парламентарното мнозинство на оваа Собрание му се брза за усвојување на измените на Кривичниот законик на Република Северна Македонија“.
„Иако описот на предлог-измените е составен со елоквентен јазик и со европски аргументи, тоа може да помине кај тие што не знаат да читаат правни текстови или кои не го сфаќаат измамата на владата и на оваа власт, но не и кај нас“, велат од трите партии.
„За да не ве здодевамe со правни детали, бидејќи за истите ќе се погрижиме да се изјасниме преку амандманите, она што денеска сакаме да го кажеме е дека основната причина поради која се прават овие измени во Кривичниот законик е што е можно побрзо во Скопје да се врати, без трн во ногата, Никола Груевски. Јавноста има право да знае, а премиерот Ковачевски и министерот за правда Лога имаат обврска да го објаснат ова, дека доколку помине овој предлог за измена на Кривичниот законик, а тие имаат мнозинство да го усвојат, потоа можат слободно да му извадат билет на Никола Груевски во еден правец од Будимпешта до Скопје и да го пречекаат со сите државни почести.
За информација на јавноста, Никола Груевски е осуден на две години затвор за предметот „Тенк“. За предметот „Титаник“ кој е во тек, со сегашниот Кривичен законик може да се осуди до десет години, а со новата измена може да се осуди до две или три години затвор. За предметот „ТНТ“ тој е осуден на 9 години затвор. За предметот „Насилство во Општина Центар“ е осуден на 1 година и 6 месеци затвор. Се уште нема пресуда за предметот „Феникс“, а предметот „Талир“ се вратил на почетокот на постапката. За предметот „27 април“ постапката за Груевски е прекината. За предметот „Талир 2“ е осуден на 6 години затвор, а моментално предметот е во Апелациониот суд. Предметот „Траекторија“ е веќе застарен, а за предметот „Плацеви на Водно“ е осуден на 7 години затвор.
Меѓутоа, со овие Предлог-измени во Кривичниот законик, што ги предлага власта на СДСМ-ДУИ-АА, сите овие казни што му се изречени на Груевски и тие што може да следат, паѓаат во вода. За сите предмети во кои е осуден или му се суди во отсуство, тој може да бара повторување на постапката, додека – а овие измени на Кривичниот законик – сите предмети во тој случај ќе бидат прогласени за застарени, па така на Груевски, евентуално, може да му се суди само за предметите „Тенк“ и „Насилство во Општина Центар“, кои не предвидуваат казна затвор од повеќе од три години, а со овие трикови и манипулации со правдата, како што знае само триото Ковачевски-Ахмети-Таравари, убедени сме дека ќе успеат да го спасат целосно, па дури и да му платат отштета и да го прогласат за херој“, соопштуваат Алтернатива, Движење Беса и Демократско Движење.
„Зошто власта толку брза да го донесе Кривичниот законик, една толку сериозна и важна тема, со толкава итност, па дури и да го стави во Комисијата за европски прашања на Арбер Адеми на ДУИ и под знамето на ЕУ, тоа тие треба да го објаснат. Како се поврзува спасувањето на Груевски со Европската Унија, ова може да го знае само триото Ковачевски-Ахмети-Таравари.
Освен ова, ние имаме длабоки и основани сомнежи дека измените на Кривичниот законик се предлагаат и затоа што високи експоненти на ДУИ, но и на СДСМ, знаат дека по следните избори ќе бидат во опозиција и затоа сакаат да создадат рамка за да не се гонат кривично. Од што се плашат, тие најдобро знаат, а ние ќе дознаеме дури откако ќе бидеме на власт, кога ќе имаме пристап до сите валкани трикови на оваа антинародна власт.
Она што се забележува е дека Предлог-измената на Кривичниот законик не е потпишана од министерот за правда, туку од неговиот заменик. Дали Алијансата за Алабнаците сака да си ги измие рацете како Пилат и да каже дека не е виновна за услугата што му ја прават на Груевски? Ние очекуваме и министерот за правда, како и лидерот на АА, да излезат и да изјаснат дали се согласуваат со овие измени на Кривичниот законик. Ако не се согласат, тогаш најмалку што можат да направат како партија е министерот Лога да си поднесе оставка, бидејќи знаеме дека тие веќе не можат да излезат од Влада.
Сешто се случува со уставните измени во Северна Македонија уште еднаш нè убедува зошто ова мнозинство и оваа Влада се плашат од нашиот предлог-амандман за уставно санкционирање на борбата против корупцијата, со цел тие предмети никогаш да не застарат. Во тој случај ниту Мијалков немаше да се спаси, ниту Груевски утре нема да се спаси, ниту пак другите по нив што ја преминале црвената линија.
Една власт која кокетира со Груевски, за какви било интереси, повеќе не ја заслужува довербата на граѓаните“, велат од Алтернатива, Движење Беса и Демократско Движење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.