Македонија
Арсовска до ВМРО-ДПМНЕ: Толку им е незгодно што не смеат да му писнат на нивниот соработник Висар Ганиу, затоа секојдневно ме напаѓаат
Градоначалничката на град Скопје секојдневно е мета на напади од страна на ВМРО-ДПМНЕ кои со жив штит го бранат Висар Ганиу иако за истиот над 3000 страни цврсти докази за злосторничко здружување, фалсификати, перење пари и злоупотреба на службена должност и овластување се доставени до јавното обвинителство, соопштија од Град Скопје.
Арсовска се огласи преку статус на оцијалните мрежи.
„Толку им е незгодно што не смеат да му писнат на нивниот соработник Висар Ганиу, затоа секојдневно ме напаѓаат, бидејќи народот гледа и реагира дека не постапуваат против криминалот.
Денес му напишале 3 реченици на еден во штаб да ги прочита против мене, а Изет Меџити на Канал 5 го викнале на поправно интервју бидејќи на претходното излажа дека сум го тепала командант Барути. Да видиме вечер што ќе измисли. Подгответе се за нежно интервју без вистинските прашања.
Најголемата опасност за јакиве лидери е една жена сама, наспроти сите нив. Бидејќи сега “се разбудив”, да прашам додека “спиев” да не ги уапсија криминалците од ДУИ и Заев“, пишува Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Разгледан клучниот План за праведна транзиција за 2026: Фокус на имплементација и координација
Денеска се одржа состанок на Советот за праведна транзиција, на кој беше разгледан Годишниот план за имплементација на праведната транзиција за 2026 година.
На состанокот беше нагласено дека Планот за 2026 е клучен документ за насочување на активностите во процесот на праведна транзиција и за исполнување на обврските на државата во рамки на Реформската агенда и Планот за раст, при што Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го координира неговото финализирање.
Фокусот на дискусијата беше ставен на тоа Планот да биде оперативен и имплементациски, со јасно дефинирани активности и проекти, одговорни институции, временска рамка, потребни ресурси и механизам за следење на напредокот.
Министерката Божиновска истакна дека “успешната имплементација во 2026 година бара силна меѓуинституционална координација, јасни улоги и активна вклученост на сите релевантни институции, со редовно известување за напредокот преку Советот и работните групи”.
По денешната дискусија и усогласување, Планот ќе биде подготвен за понатамошно формално усвојување, со цел државата да влезе во 2026 година со јасна насока, приоритети и засилен фокус на спроведување и резултати во рамките на зелената транзиција.
Македонија
Собранието донираше средства за училиштата „Златан Сремец“ – Скопје, „Иднина“ – Скопје и „Лирија“ – Тетово
Во рамките на новогодишните празници, во име на Собранието, претседателот Африм Гаши, денеска, донираше средства за училиштата „Златан Сремец“ – Скопје, „Иднина“ – Скопје и „Лирија“ – Тетово.
„Оваа симболична акција е израз на нашата институционална посветеност кон децата кои заслужуваат континуирана поддршка и најдобри можни услови за развој и образование. “- рече Гаши.
Тој изрази надеж дека оваа донација ќе придонесе за подобрување на образовната средина и ќе донесе мотивација и надеж кај учениците и образовниот кадар.
По тој повод, на учениците, наставниците и родителите им беа упатени искрени честитки за среќни новогодишни празници.
Македонија
Влада: Донесена е одлуката за прогласување на кризна состојба во траење од 7 дена поради неможноста за набавка на мазут
Владата на денешната редовна владина седница, на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука.
„Како што информиравме во текот на претходните денови, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството“, велат од Владата.
Задолжителните резерви на нафтен дериват ќе се отстапат без надоместок, а АД ЕСМ за трошењето на нафтениот дериват мазут има обврска да доставува извештај со Владата и до Министерство за финансии.

