Македонија
Арсовска од Аеродром: Заедно ќе ги менуваме работите да создадеме едно поубаво Скопје

Независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска, синоќа ги посети граѓаните на општина Аеродром и населбите Старо и Ново Лисиче, кои спаѓаат под оваа општина.
Арсовска во Старо и Ново Лисиче потенцира дека нема да има веќе заборавени места како што се овие две, а Скопје ќе се развива во град на сите граѓани и град на среќни луѓе.
„Горно и Долно Лисиче веќе нема да бидат заборавени населени места како што се во овие четири години. Тие заслужуваат да ги имаат истите услови на живеење, квалитетен и достоен како и секој граѓанин во Скопје. Ќе вложуваме во инфраструктура, во зелени површини, но и во младите што живеат овде. Скопје, конечно, ќе биде град на среќни граѓани“, истакна таа.
Таа при посетата на Аеродром разговара со голем број граѓани со цел да ги чуе нивните приоритети и какво Скопје сакаат тие за себе и за своите најблиски.
„Решенијата што секојдневно ги дискутирам со скопјани ја градат мојата визија за наше Скопје како град што ќе прерасне во урбана, чиста, модерна европска метропола. А општина Аеродром е урбано, модерно и современо место за живеење, кое треба да се негува, да се инвестира во него, пред сѐ, со проекти што ќе бидат со цел подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, а не обратно. На Скопје му се потребни нови зелени површини, бели дробови што ќе се справуваат со урбаното загадување. Сепак, граѓаните на оваа општина со кои сношти, но и во текот на изминатите неколку недели разговарам, се жалат на недостиг на зеленило, на лоша инфраструктура, недостиг на паркинг-места. Заедно со граѓаните ќе изнаоѓаме решенија за сите проблеми. Заедно со вас, скопјани, ќе ги менуваме работите, во Аеродром и Скопје да се нудат решенија, а не да се креираат нови проблеми за граѓаните“, изјави Арсовска по средбата со граѓаните во Аеродром.
Како конкретни проекти за оваа општина, Арсовска најави изградба на нова гимназија во општина Аеродром, ветувано, а неисполнето, изградба на нов спортски објект во средното училиште „Димитар Влахов“, мултимедијален центар за младите со простор за кино, театар и секаков вид сценски изведби. Покрај ова, Арсовска истакна дека општина Аеродром важеше за чиста и зелена општина обврзувајќи се на чистење на просторот кај „Вардариште“ и тој простор да прерасне во нов парк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Намалена видливост поради магла на Попова Шапка

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла 50-60 метри има на Попова Шапка, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За влез во Влада Алијанса нека ги спречи автобусите со млади од Тетово и Гостивар кои ја напуштаат Македонија, побара Мицкоски

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара Алијанса за Албанците да покаже програма за да може да се разбере нивната желба за влез во Владата. Нагласи дека програма за влез во Влада со реформи за подобар живот на граѓаните не слушнал од ниту една политичка партија ниту пак од политичарите од Алијанса за Албанците.
„Во ред, еве го смениле мислењето, не сакаат повеќе да бидат опозиција, сакаат да бидат власт. Не можам да ги оправдам, но ги разбирам. Ќе ги разберам до крај ако видам платформа со која ќе ги спречат автобусите од Гостивар и од Тетово на млади луѓе да ја напуштаат Македонија и да кажат ние со оваа политика ќе ги спречиме тие луѓе. Ќе ги повикаме да се вратат назад“, рече Мицкоски.
Од Алијанса за Албанците, како политичка партија со многу лекари, Мицкоски вели дека очекувал да понуди платформа во здравството со која ќе понудат услуги кои пациентите ги заслужуваат.
„Не нудат програма, а велат ќе влеземе во Влада. Се поставува прашањето за што ако не за фактот да им се придружат на овие кои го крадат македонскиот народ. Еве нека ми каже некој со кој друг аргумент тие може да го оправдаат нивниот влез во Владата ако не е ова. Не гледам програма“, рече лидерот Мицкоски.
Тој и денес повика час поскоро да се организираат предвремени парламентарни избори оти во спротивно вели дека ќе се зголеми бројот на автобуси кои ја напуштаат Македонија.
Македонија
Место да ја плукате и мразите Македонија, подобрете го стандардот, за 30 отсто е намален бројот на жители во Бугарија, порача Мицкоски

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ги повика македонските власти да престанат со аматеризмот кога се работи за македонско – бугарските односи и понуди помош и поддршка со застанување во прв ред, доколку одлучат да донесат одлука за заштита на македонските национални интереси.
Мицкоски вели дека и покрај сите отстапки, „свитканата кичма“ и се што оваа Влада попушти против интересите на народот, политичкиот аналфабетизам не довел до тоа да трпиме лавина критики и навреди од политичарите од северниот сосед со кои како некој намерно да сака да ја втурне државата во процес во кој ќе се политизира европската интеграција. Тој смета дека е крајно време да се престане од политички маргиналци да се создаваат политички херои па јавно упати пораки и до македонските власти до бугарските политичари.
„Мојата порака до македонските власти е да престанат со овој тип на аматеризам аналфабетизам и егзебиционизам и се што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ е тука да поддржи, да застане во првите редови. Мојата порака до бугарските политичари е да се посветат на подобрување на стандардот во нивната Бугарија наспроти тоа да градат кампања на тој кој повеќе ја мрази и кој повеќе плука по Македонија и по Македонците. Затоа што изминативе 30 години за 30 % е намален бројот на жители во Бугарија. Не случајно тие бегаат од Бугарија и покрај тоа што е земја членка на ЕУ, тие немаат доверба во политичарите што се таму. Гледаат дека наместо да работат за интересите на Бугарија работат за лични интереси и се богатат, нешто слично како што се случува и овдека, она што го работи Владата на ДУИ поддржана од СДСМ“, рече Мицкоски.
Тој смета дека политичарите треба да разберат дека треба да бидат слуги на народот, а не да работат само за своите лични потреби и да ги задоволуваат своите хедонистички потреби.