Македонија
Арсовска: Со поддршка на многубројни проекти овозможуваме социјална инклузија на сите лица со попреченост
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, денеска, во Музејот на македонската борба, учествуваше на настан за промоцијата на „Пријателски места за аутизам“, во организација на Македонското научно здружение за аутизам.

„Град Скопје континуирано работи и поддржува значајни проекти за подобрување на квалитетот на животот на лицата со аутистичен спектар и нивните семејства. Подржуваме проекти за развој на вештини за подготовка децата со аутизам за училиште, за спроведување сензорна терапија и третман на деца со аутизам од социјално ранливи групи, за ран третман како значаен фактор за подобра инклузија на деца со попреченост, како и за центар за рана интервенција. Проектите се значајни и вклучуваат примена на научни методи првенствено за едукација и развој, како и третман на деца со аутизам од социјално ранливи групи. На децата им се овозможуваат индивидуално дизајнирана најсовремена терапија за сензорна интеграција, со вклучен логопедски и дефектолошки третман, што има цел подобрување на квалитетот на живот на овие дечиња“, нагласи Арсовска во своето обраќање.
Концептот „Пријателски места за аутизам“ е создаден за да одговори на потребите на лицата од спектарот на аутизам. Тој е од областа на социјалната инклузија, има цел да обезбеди поголема пристапност за лицата и децата со аутизам во општеството.
На промоцијата на „Пријателски места за аутизам“, покрај членовите на Македонското научно здружение за аутизам, присуствуваа и директори и членови на стручните тимови при основните училишта, родители на деца со аутизам и установи, кои се пријателски места за лица со аутизам, како и организации од културата, социјалната заштита и здравствената заштита.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации, велат од ЗНАМ за СДСМ
СДСМ повторно се обидува да ја замени политиката со навреди, аргументите со етикети, а вистината со конструкции, реагираат од ЗНАМ откако претходно од СДСМ истакнаа дека Максим Димитриевски е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре.
„Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија е дел од оваа власт со достоинство, со принципи, со сопствена идеолошка и програмска матрица и сопствен пат делувајќи исклучиво во насока што ја ветивме пред граѓаните – чесна, одговорна и државничка политика. Кога од СДСМ се осмелуваат да зборуваат за тендери, првично нека се погледнат во огледало.
Години наназад токму тие ја претворија државата во партиска каса, институциите во сервис за свои луѓе, а правдата во селективен инструмент.
Денес, кога институциите почнуваат да функционираат без партиска директива, СДСМ панично бара алиби во измислени конструкции“, додаваат од таму.
Навредите за „кукавичко јајце“, „платеник“, „тендер коалиција“, според нив, се јазик на политичка немоќ.
Тоа, како што истакнуваат, е истиот тој наратив што ги оддалечи од граѓаните, од работниците од реалноста.
„Токму ваквото однесување и делување на СДСМ ја доведе економијата во состојба во која денес мора да се стабилизираат штетите од нивното владеење.
И наместо да понудат визија, тие сеат омраза. Наместо да бараат виновници во сите, освен во себе, нека соберат храброст и нека се соочат со сопствените постапки и грешки. Нека одговорат зошто по години власт зад себе оставија разочарани граѓани, нарушени институции и чувство дека државата служела на малкумина“.
Македонија
Се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, се работи на безбедна евакуација од погодените подрачја, соопшти МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.
Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови.
Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување.
Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Министерството, во директна комуникација со пријателски земји и партнери, како и преку дипломатско-конзуларните претставништва, ги презема сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.
Македонија
По пад од балкон загина 10-годишно момче во Тетово: родителите дознале од соседите
Денеска (03.03.2026) во 09:25 часот во СВР Тетово било пријавено дека во Клиничка болница Тетово било донесено починато 10-годишно момче од Тетово, информираат за „Макфакс“ од МВР.
Според пријавеното, детето кое било со здравствени проблеми паднало од тераса од станот во кој живеело во Тетово, а родителите за настанот биле известени од сосед, по што го однеле во болница.
Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

