Македонија
Архитектите и проектантот на Универзалната сала не можат да ја убедат Арсовска дека објектот е безбеден
Пред десетина медиуми, зад разрушената Универзална сала, градоначалничката Данела Арсовска се испокара со претставници на Асоцијацијата на архитекти, но и со проектантот кој го донираше проектот за нејзино реновирање.
Никој не успеа да ја убеди дека објектот е безбеден, иако архитектот кажа дека има одобрување од ИЗИС, кое го имале и во Град Скопје. Првата караница почна со претседателка на собранието на Асоцијација на архитекти, Искра Јанковска Михајловска. Таа реагираше дека Арсовска не ја остава да се искаже и ги омаловажува архитектите.
„Ве молам дозволете ми да се докажам. Реакцијата не беше наменета против вас. Кога некој ќе каже дека нешто е небезбедно треба да дадете аргументи. Како архитекти се соочуваме со измени во градба. Постојат процедури со ревизии, одговорни лица, каде тие процедури се потврдуваат. Вие сте дојдени да се карате со мене. Ве замолуваме кога ќе излезете со информации дека објект е небезбеден, да кажете која институција потпишала и кој го кажал“, рече претседателка на собранието на Асоцијација на архитекти, Искра Јанковска Михајловска.
Навреден од Арсовска која кажа дека Универзална ќе им се урне на скопјани врз глава, Мишко Ралев, претседател на Асоцијација на архитекти, исто така реагираше.
„Градењето е племенита активност која треба да ги спојува луѓето, а спојниот материјал се архитектите. Затоа секоја намера, активност на градење, треба да биде поздравена и да биде со ‘амин’ на сите. Затоа како Асоцијација ние секогаш сме биле критични кон одредени постапки. Бараме струката да не биде омаловажуванa“, рече Мишко Ралев, претседател на Асоцијација на архитекти.
Градоначалничката Арсовска реагираше по двете изјави. Таа обвини за политизација, па остана на истиот став, дека Универзална не е безбеден објект.
„Вие политизирате. Сакам да нагласам сето ова во претходниве пет минути што беше прочитано, можете и самите да го земете со резерва, бидејќи Ралев е член од Извршниот одбор на СДСМ. Иницијалната каписла за се ова беше дека е стопирана изградба на Универзалната сала, а можеа да дојдат на состанок и да се разговара. Не се направиле анализи, не се видело дека треба дополнителни столбови, не се увидело дека е небезбедно. Ова е избрзано решение, без анализи, со цел да се покаже пред избори дека се прави нешто. На лице место нема соодветни анализи“, рече Арсовска.
Архитектот Бујар Муча по чиј проект ќе се реновира Универзалната сала, кажа дека проектот е безбеден. За обвинувањата од градоначалничката дека објектот ќе им падне на скопјани врз глава, тој рече дека тоа апсолутно не е точно. Арсовска со висок тон расговараше и со Муча и му најави дека ќе одговара затоа што излажал дека барал средба со неа. Архитектот возврати дека не барал средба со неа, туку со надлежните во Градот.
„Препроектиравме, имаме и ново мислење од ИЗИС. Така што, сѐ е исправно, Град Скопје има сѐ. Имам две позитивни ревизии, два позитивни извештаја од ИЗИС и позитивен извештај од професор на Градежен факултет. Срам ми е да го правам овој муабет овде. Да ме викневте еднаш, да се распрашавте…“, рече архитектот Муча, а Арсовска врати: „Вие бевте викнати. Нападите што почнаа дека стои изградбата на Универзална сала не се точни. Таа работи, според ревизиите. Ми пречи тоа што немало соодветна анализа дека работи што се планирани не можат да се постават. Ако се направела анализа на терен, ние немаше да имаме проблеми“.
„Вие рековте ќе падне објектот. Не знаете каква штета направивте. Јас ранам деца, други лица ранат деца од оваа фирма, наштетивте“, рече Муча, па прашан дали ќе падне Универзална на глава на скопјани, одговори: „Вие мислите дека ќе падне? Не, се разбира“, а Арсовска го повика тоа да го потпише за да сносни евентуална одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани, поранешниот генерален директор во МЕПСО и МЖ е кандидат за министер за европски прашања на Алтернатива
Орхан Муртезани е кандидатот од Алтернатива за министер за евроинтеграции, додека Љуљзим Алиу е предложен за заменик министер за образование, а Сафије Садики Шаини за заменик министерка за односи меѓу заедниците, информира Алтернатива.
Муртезани е поранешен генерален директор во МЕПСО и во Македонски Железници – Транспорт, како и актуелен секретар за односи со јавноста и портпарол на Алтернатива.
На оваа средба се разговарало и за кандидатот за заменик министер за образование и наука, при што исто така едногласно било одлучено да биде проф. д-р. Лулзим Алиу, универзитетски професор и продекан на Педагошкиот факултет, поранешен заменик министер за образование, а моментално секретар на Секретаријатот за стратегиски политики во Алтернатива.
„Бидејќи Алтернатива презеде одговорност и за заменик-министерот во Министерството за етнички заедници, за ова име Централното претседателство едногласно одлучи кандидат на Алтернатива за оваа функција да биде Сафије Садики Шаини – универзитетски професор, поранешен пратеник и потпретседателка на Алтернатива“, стои во соопштението.
На средбата се разговарало и за оставката на поранешниот претседател на Алтернатива, Африм Гаши, кој е избран на функцијата Претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
„Судејќи дека во интерес на партиското претставување е партијата да има претседател со полн легитимитет, Централното претседателство на Алтернативата одлучи да му предложи на Централното собрание да донесе одлука за организирање на вонреден конгрес за избор на новиот претседател на Алтернатива“, соопштија од партијата.
Македонија
Лифт потиснал и заробил куче, го спасија пожарникари од Прилеп
Центарот за управување со кризи информира за несекојдневна ситуација во Прилеп каде пожарникари спасиле куче заглавено во лифт.
„Пожарникарите од ТППЕ Прилеп, покрај гасењето на пожарите во населени места и на отворено имале имале уште една помала техничка интервенција за безбедно извлекување на куче коешто било потиснато и заробено од лифт во ООУ ‘Кочо Рацин’. Интервенирано е со едно возило и двајца пожарникари“, велат од Центарот за управување со кризи.
Македонија
Филипче: Младите бараат нешто ново, не бараат ригидна партиска структура
„Сметам дека оваа организациска поставеност на партијата го дала својот максимум во некои минати времиња. Луѓето бараат нешто ново. Младите бараат нешто ново, не бараат ригидна партиска структура во којашто ќе слушнат наредба во која не учествувале. Сакаат да дадат свој придонес. А ќе дадат свој придонес кога ќе може да комуницираат на соодветен начин и соодветно ќе бидат вклучени и вреднувани“, истакна Венко Филипче на првата од осумте партиски трибини во рамки на кампањата на СДСМ за избор на претседател.
Тој рече дека е овој модел на организација мора да се менува со цел да се прилагоди на потребите и начините на комуникација на луѓето во денешно време, но и да се обезбеди поголема и постојана вклученост на членовите.
Филипче смета дека е потребно основата на политиките и одлуките да доаѓаат од најниско кон највисоко ниво, каде на база на реалните потреби на граѓаните понатаму ќе обликуваат решенијата.
„Најголемиот проблем со којшто се соочивме изминатиот период и кое луѓето најдиректно ни го кажуваат е дека имале затворени врати. Едноставно не можеле да си ги кажат ни барањата, ни потребите и идеите. И што прават луѓето? Нормално се повлекуваат. Така да ако се отвори партијата, ако се симне структурата кон општинските организации каде што ќе се градат политиките и после тоа дојдат до централното ниво каде што понатаму ќе се дообликуваат е вистинскиот пристап. Само така ќе можеме да кажеме дека сме креирале политики согласно реалните потреби на луѓето“, рече Филипче.