Македонија
Астрит Исени ја презеде функцијата заменик-министер во Министерството за внатрешни работи
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Astrit-Iseni-1.jpg)
Астрит Исени и официјално ја презеде функцијата заменик-министер во Министерството за внатрешни работи.
Со преземање на функцијата заменик-министерот ја изрази својата длабока и максимална посветеност во својата работа и неговиот придонес во одржување на јавниот ред и мир, со цел нашите граѓани да се чувствуваат заштитени и безбедни, се истакнува во соопштението.
,,Чест ми е што ја преземам оваа важна одговорност и ветувам дека ќе работам за доброто на нашите граѓани“, нагласи Исени.
„Мојот придонес како заменик-министер ќе биде важен во подобрувањето и унапредувањето на услугите што ги нуди Министерството за внатрешни работи, одржувањето на јавниот ред и мир, блиската соработка со другите институции и со сите релевантни европски и меѓународни организации поврзани со безбедносни прашања“.
Заменик-министерот ја изрази својата решеност ефикасно да ги исполни своите должности во соработка со соработниците, како и со сите заинтересирани страни за постигнување заеднички цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Почина познатиот гинеколог и акушер проф. д-р Јован Јуруковски
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/5-10.jpg)
Денеска почина проф. д-р Јован Јуруковски, истакнат гинеколог и акушер, чие влијание во медицината и образованието ќе остане запаметено.
Проф. д-р Јуруковски беше редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што служеше како продекан и шеф на Катедрата за гинекологија и акушерство. Долги години беше и директор на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје, каде што неговите напори доведоа до воведување на современи медицински стандарди и критериуми. Со својата стручност и визија, тој ги постави темелите за развојот на оваа гранка на медицината во Македонија. Проф. д-р Јуруковски беше автор на многу статии од неговата област, како на домашно така и на интернационално ниво, вклучувајќи и истражувања објавени во Оксфорд, Англија, каде што го поминал дел од своето школување и добил понуда за професорска позиција.
Покрај неговата академска и клиничка кариера, проф. д-р Јуруковски беше основач на ПЗУ Јуруковски, приватна здравствена установа која нуди висококвалитетни гинеколошки и акушерски услуги. Неговата посветеност на медицината и образованието го постави како еден од водечките стручњаци во оваа област.
Но, покрај тоа што беше извонреден лекар и професор, тој беше и исклучителен човек – верен пријател, посветен сопруг, грижлив татко и дедо. Со својата добрина, скромност и топлина, остави неизбришливи спомени кај сите што имаа чест да го познаваат.
Останува споменот за еден човек кој несебично го посвети својот живот на медицината и на благосостојбата на другите. Нека почива во мир.
Македонија
Нарко бос од Македонија уапсен во Швајцарија откако си направил нов македонски идентитет
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/4-11.jpg)
30-годишен Македонец, осомничен дека е водач на нарко-мафија бил уапсен на аеродромот во Женева на 29-ти јануари, по што бил екстрадиран во Австрија, објави швајцарскиот портал Blick.ch.
Тој организирал шверц на најмалку четири килограми хероин и 1,5 килограми кристал мет. Јавното обвинителство во Линц го смета за клучен член на регионалната мрежа за дистрибуција на дрога.
Македонскиот нарко бос чиј идентитет не е објавен, долетал од Приштина и имал нови документи бидејќи во Македонија си го сменил името.
Македонецот важи за водечки член на нарко-мафија ширум Европа. Тој се бара со потерница на ЕУ од 2022 година.
Македонија
Груевски: Заев гради кула од 82 ката во Дубаи вредна над 600 милиони евра
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/nikola-gruevski.jpg)
Поранешниот премиер Никола Груевски вели дека Зоран Заев инвестира во изградба на кула со 82 ката во Дубаи, вредна над 600 милиони евра, со средства стекнати преку масовен рекет и злоупотреба на власта. Според Груевски, голем дел од парите биле пренесени со приватен авион и депонирани на банкарска сметка во Дубаи. Тој исто така тврди дека Заев подготвува нова инвестиција во друга азиска држава.
Поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук објави дека најголемиот дел од средствата за инвестиција во кула со 82 ката во Дубаи, вредна над 600 милиони евра, се проневерени и пренесени во оваа држава преку приватен авион, каде што биле депонирани на банкарска сметка.
Груевски обвинува дека парите за оваа инвестиција се заработени преку масовен рекет и злоупотреба на власта, особено во периодот на владеењето на Зоран Заев.
„Тој веројатно во моментот е многу горд на себе во овие денови, кога според информациите, започнува изградба на кула од 82 ката во Дубаи, инвестиција од над 600 милиони евра. Најголем дел од парите за оваа инвестиција се проневерени преку масовниот рекет, како никогаш во постоењето на Македонија, и со злоупотребата на власта за време на неговото владеење“, напиша Груевски.
Според него, проневерените средства биле пренесени во кеш со приватен авион и депонирани на банкарска сметка во Дубаи.
Груевски тврди дека Заев подготвува нова голема инвестиција во друга азиска држава, охрабрен од тоа што, според него, успеал да си обезбеди неказнивост за сите потенцијални обвиненија.
„Охрабрен од помислата дека ги решил сите прашања за негова неказнивост по сите можни основи, тој веќе подготвува нова голема инвестиција во една друга земја во Азија“, додава Груевски.