Македонија
(Видео) Бачев: Имам документи дека тајните служби на МВР ја прислушуваат Амбасадата на Русија и нашата партија
Претседателот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев, тврди дека тајните служби од МВР ги следеле комуникациите во Амбасадата на Русија и дел од лицата кои се вклучени во работата на партијата Единствена Македонија.
Причината за следењето на комуникациите, според Бачев, е поради тоа што неговата партија се залагала за стратешки сојуз со Русија и членство на Македонија во Евроазиската економска унија. Бачев не сакаше да го покаже текстот на документот бидејќи истиот, според него, бил државна тајна.
„Зоран Заев најави дека нема да се злоупотребуваат тајните служби, истото го кажа и Спасовски. Тајната полиција ги следи политичките противници. Тајните служби ја следат Единствена Македонија бидејќи се залага за сојузништво со Русија. За тоа има и документ каде се заведени оперативни обработки на конкретни лица од раководството на Единствена Македонија“, рече Бачев.
Тој порача дека се следи и дипломатскиот кор на Амбасадата на Русија во Скопје, што, како што вели Бечев, е спротивно на дипломатските конвенции и самото по себе е дипломатски скандал бидејќи Виенската конвенција за дипломатски односи забранува вакви активности на домашните служби. Според Бачев, овие дејствија биле спротивни со Уставот бидејќи истиот гарантира дека Македонија може да членува во меѓународните организации, но не пишува во кои. Тој вели дека Власта е купена од странски центар, од каде е контролирана.
„Со документот се известува министерот за внатрешни работи, а оттаму, се известуваат и премиерот, претседателот на Владата, Собранието, државата. Со оперативно и технички дејствија, кои ги користи тајните служби, кон нас се применуваат три средства, тоа се следење на телефонските линии, фотографирање и тајно видеодокументирање. Можете да правите сè, но нема да дозволиме да ни го убиете духот бидејќи ако го направите тоа, тогаш ќе ни го убиете името. Ова е битка за Македонија. Новата легална власт со чело на Единствена Македонија веќе доаѓа“, додаде Бачев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Израелската амбасадорка ја поздрави реакцијата на властите по обидот за палење на синагогата
Израелската амбасадорка во земјава, Вивијан Аисен, ја поздрави реакцијата на македонските власти по обидот за опожарување на објект на Еврејската заедница и синагогата во Скопје.
„Ви благодарам, министре. Брзите и решителни акции на македонските власти за истрага и повикување на одговорност на одговорните за овој гнасен антисемитски чин се од суштинско значење за спречување на потенцијални идни инциденти“, напиша Аисен на „Икс“.
Thank you, Minister. The swift and decisive actions of the Macedonian authorities to investigate and hold accountable those responsible for this despicable antisemitic act are essential to preventing potential future incidents. https://t.co/WSwTrDr9IU
— Vivian Aisen 🇮🇱 (@VivianAisen) April 13, 2026
Претходно, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го осуди обидот за палење, оценувајќи го како „апсолутно неприфатлив“.
„Нема место за вакви дела во Македонија“, порача Муцунски, додавајќи дека е во тек истрага и дека сторителите ќе сносат одговорност.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека на улицата „Апостол Гусларот“ биле пронајдени канистер за гориво и траги од горење во двор од верски објект, по што полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Еврејска заедница во Македонија го осуди инцидентот, оценувајќи го како напад врз темелните вредности на општеството и предупреди на зголемен говор на омраза и нетолеранција.
Од заедницата апелираа за целосно расветлување на случајот и обединета осуда од институциите, верските лидери и граѓаните.
Македонија
Унгарија не смее да биде прибежиште за криминалци, рече Маѓар и го спомена и Груевски кој таму доби азил
Новоизбраниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, ја критикуваше одлуката на владата на Виктор Орбан да им одобри азил на полските политичари Збигњев Жиобро и Марцин Романовски, кои се товарат за злоупотреба на службената должност.
Тој порача дека Унгарија не смее да биде прибежиште за лица обвинети или осудени за криминал, при што го спомена и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
„И тоа не важи само за нив, туку и за г. Никола Груевски, поранешниот премиер на Северна Македонија“, изјави Маѓар.
Македонија
Променливо време со врнежи до четврток, најобилни на исток
Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека попладне и во текот на ноќта во јужните и западните делови се очекуваат локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието и засилен ветер од југоисточен правец, со брзина над 60 километри на час.
Минималната температура ќе се движи од 4 до 10 степени, а максималната ќе достигне меѓу 17 и 22 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, а попладне променливо облачно. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Температурата ќе се движи од минимални 8 до максимални 21 степен.
Во наредните денови, до четврток, времето ќе биде променливо облачно со услови за локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во четврток во источните делови, каде ќе има и услови за ретки грмежи.
Во петок ќе преовладува облачно време, додека во сабота ќе биде сончево со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Во недела претпладне ќе биде сончево, а попладне повторно ќе има услови за дожд, особено во западните делови.
