Македонија
Битиќи: На мала врата се туркаат законски измени кои ќе им наштетат на земјоделците
„Кога Владата на СДСМ со законски мерки гарантираше обработливата земја да не може да се продаде како градежно земјиште, опозициските пратеници од ВМРО-ДПМНЕ блокираа и бурно реагираа, а сега истите тие носат катастрофални измени на законот со кои лесно ќе ги направат сите тие трансформации меѓу категориите државно земјоделско земјиште, создавајќи реална можност да станат нечија приватна сопственост. Но ве уверувам, дека последиците од овие измени, усогласени со некои закони од сегментот на градба и инфраструктура, но неусогласена со сите други ќе нанесе штета на земјоделците“, предупреди пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи на денешната расправа за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка, на расправата во Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Пратеникот Битиќи предупреди дека по скратена постапка се носат законски измени со кои суштински се менува начинот на кој ќе функционира Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и начинот на распределба на земјоделското земјиште.
„ Со измените се овозможува продолжувањето на концесии да може да се направи директно, што е суштински проблематично во владеењето на правото, се што е директно преговарање е проблематично за мене“, рече Битиќи.
Во дискусијата пратеникот од СДСМ Битиќи предупреди дека со предложените измени ќе се изврши концентрација на моќ во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во делот на распределба на државно земјиште.
„Навидум изгледа дека кратењето на една позиција во Владата, вицепремиер за економија, и менувањето на еден член не менува ништо. Но од друга страна, со тој член се зголемуваат ингеренциите на министерството за земјоделство, се концентрира моќ и тоа ќе одлучува за сè во државата. Елиминирањето на можноста за договарање во начинот како се распределува земјоделското земјиште не беше направено од претходната влада, туку од неколку влади наназад, и тоа поради заштита од концентрација на моќ. И за жал, што правиме ние сега, се враќаме дваесет години наназад, кај што ќе имаме можност тројца од иста институција, од иста канцеларија, да седнат и да кажат дека некој им се „допаѓа“, па ќе му се додели земјиште. Концентрацијата на моќ е болната точка на овие измени“, рече Битиќи и појасни дека носењето на суштински измени треба да оди во редовна процедура за да има дијалог, за на крајот на денот да се елиминираат сите евентуални дилеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова-Орбан: изразена надеж за фер процес на пристапување во ЕУ што ќе го почитува дигнитетот на македонските граѓани
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку оствари средба со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.
На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, како на политички, така и на економски план, и за македонските аспирации за членство во Европската Унија.
На средбата беше констатирано дека Унгарија останува силен поддржувач на македонските евроинтеграции и во тој контекст претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност за поддршката што Унгарија ја дава во повеќе области, вклучувајќи ги европските аспирации на нашата држава, како и фактот што прашањето за проширувањето е високо на агендата на тековното унгарско претседателство со Европската Унија.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава не гледаме алтернатива за интеграцијата и полноправното членство во ЕУ и изрази надеж за фер процес на пристапување во ЕУ што ќе го почитува дигнитетот на македонските граѓани.
Македонија
Почина неврохирургот проф. д-р Владимир Мирчевски
Денеска почина проф. д-р Владимир Мирчевски, светски признат неврохирург и еден од водечките експерти во својата област.
Од Асоцијација на специјализанти и млади лекари посочија дека смртта на проф. Мирчевски е огромна загуба за целиот здравствен систем.
„Утрово не напушти д-р Владимир Мирчевски, редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје и долгогодишен специјалист неврохирург, раководител на одделот за детска неврохирургија. Смртта на проф. Мирчевски е огромна загуба за целиот здравствен систем, земајќи ја предвид неговата професионалност и огромно искуство во полето на медицината. Беше специјалист на Лионската школа по неврохирургија, член на Американскиот конгрес на неврохирурзи како и редовен професор на Медицинскиот факултет-Скопје. Изразуваме сочувство до фамилијата и најблиските. Нека почива во мир“, напишаа од Асоцијацијата на социјалните мрежи.
Погребот ќе се изврши во среда 13.11.2024 година, а посмртните останки ќе бидат изложени во 13:00 часот во капела бр.1 на Градските гробишта Бутел во Скопје.
Македонија
Тошковски на 7. министерска конференција од Будимпештанскиот процес: Земјите треба да бидат целосно јасни во својата миграциска политика
Министерот за внатрешни работи е во посета на Будимпешта каде учествува на 7 Министерска конференција во рамки на Будимпештанскиот процес. Министерот Тошковски се обрати во рамки на сесијата на која министрите го усвоија Планот за акција на Будимпештанскиот процес 2025-2030 кој во себе содржи шест приоритетни цели како спречување на нерегуларна миграција и борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе и зајакнување на соработката во областа на граничното управување и зајакнување на постоечките политики и патишта за легална миграција и мобилност.
Министерот Тошковски во своето обраќање потенцираше дека земјите треба да бидат целосно јасни во својата миграциска политика – или ќе имаат отворени граници без никакви рестрикции или ќе стават јасно до знаење кои се условите за престој во нивните земји.
„Јас лично сум во првите редови на поборниците за регионална, мултилатерална, па и интерконтинентална соработка во секоја област. Македонија – за среќа или несреќа – спаѓа во земјите каде што илегалните мигранти, па дури и оние кои поднеле барање односно изјава за намера за поднесување азил, ја напуштаат територијата на земјата во првата дадена прилика. Миграцијата е европски предизвик кој бара европски одговор. Оваа изјава ја слушаме се почесто и за волја на вистината, успех е што стигнавме и до неа. Беа потребни – еве веќе – десетина години за да се соочиме со фактот дека еден ист предизвик односно неговото справување бара заеднички и униформиран одговор. Пактот за азил и миграција е патот напред и за земјите членки на Унијата, но и за нас, аспирантите кои – кога тогаш – ќе мораме да го спроведуваме или да го осигуриме неговото спроведување.“, потенцираше министерот Тошковски.
Тошковски на крај изрази надеж и сигурност дека Будимпештанскиот процес ќе продолжи да расте со заземен пристап заснован на почитување на човековите права, со заштита на ранливите лица и спречување на расизам, дискриминација и ксенофобија, а нерегуларната миграција ќе биде една тема од минатото и ќе зборуваме во контекст на успехот што сме го постигнале во нејзино сузбивање.
Mинистерот Тошковски оствари билатерална средба со државниот секретар на Државниот секретаријат за миграција на Швајцарија Кристин Шранер Бургенер. На средбата беше разгледана досегашната успешна соработка помеѓу МВР и министерството за правда и полиција на Швајцација, во борбата против илегалната миграција и криминалот со криумчарење на лица. Врз основа на потпишаниот Меморандум за разбирање меѓу Швајцарскиот федерален совет и нашата влада за воспоставување на партнерство за миграција се разговараше за идните чекори во регулирање на аспекти како реадмисија на државјани, лица без државјанство и државјани на трети земји.
Втора билатерална средба министерот Тошковски оствари со министерот за внатрешни работи на Пакистан, Сајед Мохсин Раза Накви која историски е прва средба на министри за внатрешни работи на Пакистан и Македонија и прва средба со министер на земја на потекло на мигранти.
На средбата министрите изразија надеж за плодна соработка и ги договорија следните чекори за потпишување на договор за реадмисија што е посебно важно бидејќи Пакистан е земја на потекло на миграцијата. На покана на министерот Накви се очекува во следниот период наша делегација да го посети Пакистан со цел институционално регулирање на борбата со нелегалната миграција.
Исто така на маргините на конференцијата Тошковски имаше разговор и со турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на која беше договорена средба која би се одржала во Анкара во текот на месец декември, во насока на зајакнување на досегашната успешна соработка.