Македонија
Богдановиќ: Се што е издадено за земјиштето спроти „Холидеј Ин“ е согласно законот
Се што е издадено од Општина Центар за земјиштето спроти „Холидеј Ин“ е согласно законските процедури, вели градоначалникот Саша Богдановиќ по објавата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) дека во издаден извод од планот не назначил дека планот е под мораториум и може да претрпи измени. Изводот кој бил побаран за решавање имотно – правни работи, бил употребен за продажба на државното земјиште.
„Се додека не се донесе нов урбанистички план на сила е постојниот и изводите се од него. Таков извод издадовме за земјиштето спроти ’Холидеј Ин’. Немаме обврска да ставиме назнака за мораториумот. Мораториумот не е тајна туку акт објавен во службено гласило, а освен тоа мораториумот се однесува за одлуки што ги носи Општината, како што се неиздавање на одобренија за градење. Наша законска обврска е кога некој ќе побара извод од план да му доставиме извод од важечкиот план“, вели градоначалникот Богдановиќ.
За издадениот извод од планот Богдановиќ вели дека имал неколку средби со антикорупционерите на кои детално им објаснил зошто е издаден извод без назнака за мораториум на планот. Изненаден укажувањето на ДКСК дека тој и Советот треба да треба да се придржуваат на стандардите и нормативите со кои се обезбедува зголемување на степенот на хуманоста на живеењето.
„Ние сме единствената Општина што донесе мораториум за градење токму за да се придржуваме на стандардите и нормативите со кои се обезбедува зголемување на степенот на хуманоста на живеењето. Постојано сум во битка со оние што сакаат да градат, со институциите со Владата. Уставниот суд еднаш ни поништи мораториум па работевме за да најдеме друг модус со друга одлука да се стопираат штетните планови“, објасни градоначалникот Богдановиќ.
Тој стои на ставот дека на земјиштето спроти „Холидеј Ин“ не треба да шеесеткатници без разлика чија е сопственоста. Планот трета година е во фаза на подготовка.
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) утврдила дека градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, пред продажбата на земјиштето кај хотелот „Холидеј ин“ издал извод од планот во кој не назначил дека планот е под мораториум и дека постои ризик да претрпи измени. Изводот од планот го издал поради наводно решавање на имотно-правни односи, но на истиот извод се повикало Министерството за транспорт и врски при продажбата на земјиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

