Македонија
Бочварски: Преку 11 милиони евра инвестиции за нов навигациски систем во М-НАВ

Преку 11 милиони евра инвестираме во модернизација на навигацискиот систем во М-НАВ со цел да овозможиме поефикасно работење на Контролата на летање и за поефикасен авиосообраќај во земјата, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, при денешната посета на М-НАВ.
Бочварски, заедно со заменик-министерот Беким Реџепи и менаџерскиот тим на М-НАВ, направија обиколка на Контролата на летање и на Навигацискиот центар, каде што се запознаа со работата на институцијата.
„ Се наоѓаме на местото каде за првпат по 25 години започнуваат подготовки за изградба на нов објект за потребите на М-НАВ. Со инвестицијата од 11 милиони евра, освен за изградбата на новата зграда, ќе се набават нови радари, нова опрема за комуникација, нов АТМ-систем, со што ќе се зголемат капацитетите и ќе обезбедиме поефикасно и побезбедно одвивање на авиосообраќајот“ – изјави министерот Бочварски.
Тој истакна дека е задоволен што и покрај ковид-кризата успеале да ја обезбедат инвестицијата за модернизација на клучна институција како Македонска навигација.
Директорот на АД Македонска навигација, Хамиди, се заблагодари на Владата за инвестицијата која ја потенцираше како клучна, бидејќи, како што напомена, повеќе од 25 години никој не вложил во М-НАВ.
„Чест ни е што и покрај кризата од ковид-пандемијата, во 2021 година заедно со целиот тим во Македонска навигација ги подобривме финансиските показатели. Инвестицијата што ја добивме за изградба на новата зграда со вкупна површина од 1.200 метри квадратни и за набавка на нова опрема ќе придонесе за зголемување на нашите капацитети и за модернизација на институцијата. Продолжуваме како и до сега, бидејќи безбедноста при летањето е наш врвен приоритет“ – изјави извршниот директор на Македонска навигација, Хамиди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерство за одбрана: Ja поздравувамe одлуката на синдикатот за професионални војници да отстапи од штрајкот

Министерството за одбрана ја поздравува одлуката на Независниот синдикат да се повлече од штрајкот најавен за денеска, откако вчера министерката за одбрана Славјанка Петровска и сите 4 синдикати во одбраната меѓу кои и Независниот синдикат на професионални војници, постигнаа согласност за дополнителни измени на Законот во прилог на војниците, информираат од оваа институција.
„Новите измени за кои вчера со заедничко соопштение и согласност со сите синдикати, ја известивме јавноста предвидуваат предлози кои значајно ќе ги подобрат правата на нашите припадници, како што се усогласување со минималната плата, а тоа значи линеарно зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал, правото на остварување на пензија ќе биде со навршување на 40 години работен стаж, односно 38 за жените без оглед на возраста, а ќе се изврши и нова пресметка за активниот воен и цивилен персонал кој правото на пензија го стекнал од денот на формирање на Армијата во висина од 80% во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж“, е посочено во писменото известување.
Во однос на отпремнината како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, во износ од 1000 евра за секоја година помината во Армијата, од МО велат дека новиот предлог согласно барањето на Синдикатите е износот да биде две просечни плати но не помалку од 1000 евра, со што е оставен простор за повисок износ.
До предлагањето на измените на Законот на барање на Синдикатите, Министерството за одбрана се обврза да ја провери можноста правото за земање отпремнина да се прошири на професионалните војници со навршени 45 години кои се задржани како помошно технички персонал во Министерството, и да утврди дали условите за пензионирање на припадниците на Армијата може за важат за војниците распоредени по навршувањето на 45 години во други институции, појаснуваат од ресорното министерство.
„Дополнително, министерката Петровска, нагласи дека во рамките на реформата на Системот за управување со кризи и за Законот за критична инфраструктура ќе ја разгледа можноста професионалните војници со навршени 45 години да бидат преземени од тие институции доколку во системските решенија се отвори таква можност.
Истовремено, министерката Петровска презеде обврска да разговара со колегите на владината седница во среда, со цел да се надминат предизвиците околу трансферот на професионалните војници во другите институции. Дијалогот продолжува и понатаму со сите синдикати од областа на одбраната“, информираат од Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Шутаров: Арсовска незаконски постави Генерален секретар, Велковски да си поднесе оставка

Покрај неработата како главна одлика во првите 6 месеци на новата градска администрација на ВМРО-ДПМНЕ, сведоци сме и на непочитување на законските пропис и норми. Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ незаконски го именуваат за Секретар на Градот Скопје, Ѓоко Велковски кој што истовремено е и член на Советот на Општина Чаир, непосредно избран од страна на граѓаните на последните Локални Избори, посочи на денешната прес-конференција, Гордан Шутаров, советник во Советот на Град Скопје.
Тоа значи, како што рече Шутаров, дека Велковски зема и две плати, една од 50.000 денари како секретар и уште една од околу 18.000 денари како Советник.
„Ова не е само неетички, туку е и спротивно на чл.44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси , каде во ставот 2 се вели: Функцијата претседател на државата, претседател на Владата, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието, Владата или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга ! Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупција да постапи за непочитување на законите, прописите и правилата за неспоивост на функции“, истакна Шутаров.
Повика, како што рече, секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски да си даде оставка од позицијата секретар на Град Скопје, да не ја чека Државната комисија за спречување корупција.
Македонија
(Видео) Ковачки: СДСМ молчи за јавниот срам за средбата на Џафери со чеченски политичари блиски до Путин

Власта на СДСМ и ДУИ декларативно е за НАТО, а остварува контакти и средби со лица блиски до режимот во Кремљ, истакна на денешната прес-конференција, Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа е, како што оцени, лицемерие пред граѓаните, а бламажа на меѓународна сцена и пред стратешките партнери.
„Скандалот со делегацијата која ја примил Талат Џафери во Македонското Собрание во која биле дел чеченски политичари, поранешни пратеници во руската Дума отвораат низа на прашања, кои за жал остануваат неодговорени. Молчи Талат Џафери, молчи СДСМ, молчи Ковачевски, молчи Владата, молчи претседателот Пендаровски, молчат надлежните безбедносни институции. Зарем е нормално во Парламент на земја членка на НАТО, средба да имаат претседател на Парламентот и лице каков што е Абдул-Вајед Нијазов, поранешен пратеник во Думата и основач на здружението „Муслиманите во поддршка на Претседателот Путин“. Ова лице е со потенцијален безбедносен ризик и затоа се потребни одговори како, зошто и кој дозволил таква средба, за што се разговарало на таа средба и дали воопшто Џафери ги известил безбедносните служби за оваа средба“, потенцира Ковачки.
Одговори и одговорност, како што истакна, должат и коалициските партнери СДСМ, кои не треба да се кријат туку да одговорат дали и тие партиципирале на средбите и знаеле за намерите да се гради споменик на Ахмат Кадиров во Тетово, лик кој ги основал воените структури популарно наречени Кадировци.
„Ова ја компромитира Македонија и ја нарушува довербата пред нашите стратешки партнери. Очекуваме Талат Џафери и коалицијата предводена од СДСМ да дадат одговори, но и Ковачевски, кој веројатно пак ќе се правда дека не видел или не чул, исто како што се правдаше за примитивното и вулгарно однесување на Талат Џафери кога ги пцуеше и навредуваше вработените во Собранието“, наведе Ковачки.
За доброто на институцијата Претседател на Собранието, но и за имиџот на Македонија, оценува дека најдобро е Талат Џафери да си поднесе оставка, а прв кој треба тоа да го иницира е Димитар Ковачевски како претседател на СДСМ.
„Но народот вели врана на врана очи не вади, па така својата дружба Талат и Ковачевски не сакаат да си ја расипат, по цена на јавен срам на институциите и на Македонија како држава“, беше истакнато на прес-конференцијата од страна на пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.