Македонија
Бојан Јовановски задржан на болничко лекување

Бојан Јовановски – Боки 13 итно задржан на болничко лекување. Состојбата на Боки 13 се влошила поради тоа што затвореникот во „Идризово“ не добивал терапија и третман за лекување, а требало да ја овозможи домскиот доктор Јулијана Ангелова. Ова е нотирано и во извештајот.
„ За жал, се остварија нашите стравувања по однос на влошувањето на здравствената состојба на Бојан Јовановски поради немање елементарни услови за примена на строг и задолжителен здравствен третман во затворската установа. Тој е денеска задржан во болница по извршениот контролен преглед. Причина за неговото задржување во хируршката клиника е влошување на здравствената состојба до степен на опасност од прокрварување од варикозните вени. Поради сериозноста на состојбата надлежните лекари специјалисти од областа донесоа одлука пациентот да биде итно задржан на болничко лекување“, вели адвокатот Туфегџиќ.
Состојбата на Боки 13 е животозагрозувачка, тврди адвокатот врз основа на болничките извештаи, од кои дел се потпишани и од цели колегиуми на болниците. Таков е последниот од направена гастроскопија, каде од еден, нотирани се четири нови улкуси.
„На овие факти, животозагрозувачкиот карактер на болеста и опасноста од отстранување на желудникот, влошување на здравствената состојба на Бојан Јовановски, во текот на постапката за прекин на издржување на казната затвор пред кривичниот суд, укажувавме постојано со медицинските извештаи од лекари специјалисти, конзилијарно мислење и медицинско мислење од стручен колегиум на хирушката клиника. За жал, судот подари верба на медицинскиот наод и мислење на домскиот лекар од КПУ Идризово во кој ваквите факти се квалификувани како хипотетички претпоставки“, додава адвоктот Туфегџиќ.
Боки 13 поднел и поплака и претставка против домскиот доктор Јулијана Ангелова, бидејќи смета дека иако однапред се знаело дека во установата нема услови за негово лекување, таа го тврдела спротивното.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).