Македонија
Бугарска фондација тврди дека четири куршуми влегле во канцеларијата на клубот во Охрид
Четири куршуми завршиле во просториите на бугарскиот клуб со контроверзно име „Цар Борис III“ во Охрид.
Ова се непотврдени информации кои ги споделија од бугарската фондација „Македонија“. Тие бараат итно апсење на сторителот, а во спротивно, сметаат дека Бугарија треба да прекине со снабдување на Македонија со струја и гас.
„Стрелецот против бугарскиот клуб во Охрид пукал додека светеле светлата во просторијата, односно бил јасно свесен дека може да убие луѓе. 4 куршуми влегле во собата!!! Скопје итно да го уапси напаѓачот или последиците да бидат банкрот на македонската економија, бидејќи ќе ги прекинеме струјата и гасот за Северна Македонија!“, стои во објавата на фондацијата споделена на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Засега од МВР не ги коментираат овие информации. Нема потврда дали навистина имало истрели од огнено оружје, дали е намерно пукано, како и дали е откриен сторителот.
МНР уште синоќа го осуди инцидентот, а бугарското МНР ја повика на разговор македонската амбасадорка. Оттука соопштија дека за случајот го известиле и Брисел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денес извод на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба се вадат со неколку клика
За извод од матична книга на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба граѓаните од денес не мораат воопшто да се појават на шалтер на Управата за водење матични книги. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски извести дека постапката за овие документи е целосно дигитализирана.
„Што се однесува до услугите од Управата за водење матични книги од денес и тие се целосно мигрирани на националниот портал uslugi.gov.mk што ќе го забрза нивното користење и се целосно дигитални, за разлика од претходно. Тоа значи дека извод од матична книга на родени, од матична книга на венчани, умрени и новата услуга потврда за слободна брачна состојба од денеска се целосно достапни на порталот и со неколку клика граѓаните можат да ги добијат и тие услуги. Тоа ќе значи поголема ефикасност на Управата за водење матични книги и поголема контрола од нас како ресорно Министерство на темпото на издавање на овие документи“, рече министерот Андоновски.
Тој заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денес промовираше четири нови услуги на порталот uslugi.gov.mk. За правните лица, за првпат е овозможена електронска услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, целосно дигитална и достапна во секое време. Физичките лица, пак, електорнски можат да извадат потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес и потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.
Македонија
Левица поднесе амандмани за измените на Кривичниот законик
Левица поднесе амандмани кон Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик предложен од пратеници од ДПМНЕ, насочени кон заострување на казнената политика за делата за злоупотреба на службената положба и овластувања и за несовесно работење во службата.
„Иако ДПМНЕ овие измени сака да ги претстави како санација на штетните измени на Кривичниот законик од 2023 за кои тие обезбедија кворум и врз основа на кои измени застареа над 80 предмети и се амнестираа нивни функционери – фактички, малициозно, манипулативно тие ја ублажуваат казнената политика и го олабавуваат обемот од претходниот Кривичен законик. Дополнително, како што укажавме и претходно, со предложениот текст од ДПМНЕ, се создава правна рамка што овозможува побрзо застарување, поблаги санкции и реална можност за условни казни за најтешките форми на корупција“, велат од партијата.
Додаваат дека поднесените амандмани се во насока на укажувањата на Уставниот суд и потребата од заострување на казнената политика за кривичните дела сторени од страна на службени и одговорни лица кои вршат јавни функции, имајќи предвид дека искуството ни покажува дека истите често се склони кон злоупотреби за време на вршење на својот мандат.
„Имено, наместо предложената екстензивна одредба која намерно предвидува дупки во злоупотребата на службената положба при вршењето на јавни набавки, Левица предложи зголемување на казната и враќање на старата одредба која едноставно го опфаќа секој елемент од злоупотребата при овој процес, а предложи и прибавената имотна корист при злоупотребите на позицијата да биде одземена. За делото „Несовесно работење во службата“, покрај заострувањето на казните, Левица амандмански предложи и министрите, директорите, односно службените лица од органите на државната управа да одговараат, што не е предвидено во измените предложени од пратениците од ДПМНЕ. Кон ова, во амандманот се предлага казнување и доколку делото е сторено од небрежност“, велат од партијата и ги повикаа пратениците на утрешната комисиска седница да ги поддржат амандманите.
Македонија
ФЗОМ воведе нови онлајн услуги за граѓаните: „Повеќе нема непотребно чекање на шалтери“
Министерството за дигитална трансформација и Фондот за здравствено осигурување објавија воведување нови електронски услуги од областа на здравственото осигурување и техничко поврзување на ФЗОМ со Централниот регистар на население (ЦРН), со што се поедноставуваат постапките и се намалува административниот товар за граѓаните и бизнисите.
На денешната прес-конференција, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека целта на Министерството е јасна: „јавните услуги да бидат достапни, поврзани и ориентирани кон потребите на граѓаните и бизнисите.“
Министерот нагласи дека станува збор за услуги кои директно го поедноставуваат пристапот до важни документи, го намалуваат административниот товар и го елиминираат непотребното чекање и физичко присуство на шалтери.
За правните лица, за прв пат е овозможена електронска услуга за:
Издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување (целосно дигитално, достапно во секое време).
За физичките лица, воведени се следните е-услуги:
Потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување,
Потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес,
Потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.
„Овие услуги се само почеток на системска дигитална трансформација, а не изолирани технички решенија,“ порача министерот Андоновски.
Посебен акцент беше ставен на воведувањето на единствената најава.
„Корисниците на порталот на Фондот за здравствено осигурување автоматски се воведуваат во системот за единствена најава – SSO,“ рече Андоновски, додавајќи дека граѓаните добиваат можност со еден кориснички профил непречено да се движат и користат услуги на различни институционални портали, без повторно најавување и без дополнителни административни бариери.
Од денес, ФЗОМ е и технички поврзан со ЦРН, што овозможува автоматско преземање релевантни податоци за граѓаните. Министерот истакна дека преку ова поврзување, ФЗОМ во рамки на речиси 40 управни и деловни постапки користи податоци од ЦРН како единствен референтен извор со што се намалуваат грешките и потребата од рачно внесување податоци.
Ова поврзување, меѓу другото, се применува во постапки како: пријава и одјава на здравствено осигурување, утврдување својство на осигурено лице, боледување, бременост и раѓање, лекување во странство, двојазични обрасци, рефундации, потврди и други права и обврски во надлежност на ФЗОМ.

