Македонија
Бујар Османи се сретна со неговиот грчки колега Никос Дендиас
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на работната посета на Атина се сретна со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас.
„Сметам дека испраќаме убава порака со мојата прва средба како министер за надворешни работи овде, во Атина, што е одраз на исклучително успешниот напредок на односите меѓу двете земји во изминатиот период. Справувањето со пандемијата Ковид-19 покажа дека соработката меѓу соседите е апсолутно неопходна и претставува огромен бенефит за граѓаните во двете земји. Сакам да ве уверам дека добрососедските односи претставуваат еден од врвните приоритети на надворешната политика на новата Влада и ние цврсто сме решени сериозно да се посветиме во насока на продлабочување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција, не само со имплементација на преземените обврски, туку и со конкретни форми на соработка, водени од заедничката визија за стабилен и просперитетен регион, интегриран во ЕУ“, истакна Османи.
За време на разговорот Османи ја потенцираше улогата на експертските комисии за билатералните односи за кои изрази уверување дека ќе се обезбедат услови за нивна непречена работа и покрај предизвиците од пандемијата.
На средбата беше потенцирано дека Северна Македонија се наоѓа пред една значајна фаза во напредокот во интеграцијата во Европската Унија, која до крајот на оваа година се очекува да биде надградена со одржување на Меѓувладината конференција и формалното започнување на пристапните преговори со Унијата, за што Дендиас изрази уверување за несебична поддршка на овој процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тренчевска: ДПМНЕ одби амандман на СДСМ за изградба на пречистителна станица за отпадни води
СДСМ поднесе амандман со кој бара да се обезбедат средства за изградба на пречистителна станица за отпадни води во општина Кавадарци, рече пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска на денешната комисија за финансирање на буџет.
Таа образложи дека со овој проект трајно ќе се реши проблемот со отпадните води во општината и ќе се подигнат дополнително стандардите за живот и за заштита на животната средина.
-Пречистителната станица треба да се изгради за да се исполни основната цел, односно, прочистување на отпадните води во градот и истата би била лоцирана после село Марена на излезот од Кавадарци, рече Тренчевска.
Македонија
Герасимовски: Против насилството врз жените, за безбедна средина
Општина Центар активно се вклучува во иницијативите за подигнување на свеста и спречување на насилството врз жените и девојчињата. По повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, градоначалникот Герасимовски ја истакна важноста од давање поддршка за жртвите и превенција во справувањето со овој сериозен проблем.
„Покрај психичкото и физичкото насилство врз жените кое е секојдневно, особено загрижува растечкиот тренд на онлајн насилство. Општина Центар ќе продолжи да создава поддржувачка средина, да ги поттикнува жртвите да го пријавуваат насилството, ќе ја засили соработката со институциите и стручните служби и ќе организира активности за едукација на младите за опасностите од дигиталнaта агресија“, истакна Герасимовски, посочувајќи ги последните истражувања според кои речиси 70 проценти од жените во земјава биле изложени на ваков вид вознемирување.
Општина Центар преку соработка со Националниот совет за родова рамноправност овозможува бесплатни советодавни услуги од психолог, правник и социјален работник за граѓаните кои претрпеле насилство или биле било како злоупотребени. Овие услуги се обезбедуваат од страна на стручни тимови од различни области со цел да им се понуди соодветна помош и поддршка на сите на кои им е потребна.
Македонија
Пожар во Адвокатската комора на Македонија: непознато лице насилно влегло и го предизвикало истиот
Адвокатската комора на Република Северна Македонија најостро го осудува насилниот напад кој се случи ноќеска, на 25 ноември 2024 година, околу 3:30 часот по полноќ, кога непознато лице насилно влегло во Комората и предизвикало пожар.
Пожарот, како што соопштија од комората брзо бил изгаснат од противпожарните екипи, но била предизвикана значителна материјална штета.
„Најважно е што, благодарение на брзата реакција на надлежните, нема човечки жртви. Овој акт на насилство не само што претставува сериозна закана за безбедноста на вработените во институцијата, туку и на граѓаните кои живеат во непосредната близина на деловниот простор на Комората. Нападот врз Адвокатската комора не е само напад врз еден правен субјект, туку е напад врз целокупната адвокатура и правниот систем во Република Северна Македонија. Поради ова ја изразуваме нашата најдлабока осуда за ваквото насилство и нагласуваме дека ваквиот напад е апсолутно неприфатлив. Овој чин на насилство и вандализам е сериозна закана за јавната безбедност и правниот поредок во земјата, и не може да се оправда под никакви околности“, се нагласува во официјалното соопштение.
Ги повикуваат надлежните органи да дејствуваат брзо и ефективно за да се идентификуваат и приведат одговорните за овој напад.
Ваквиот напад, според нив, не смее да остане неказнет, а одговорните мора да се соочат со последиците од своите дејствија и да бидат најстрого казнети.
Комората, како што е истакнато во информацијата, останува посветена на заштитата на правата на адвокатите, граѓаните, како и на создавање на опкружување во кое сите институции ќе можат да работат без страв и загриженост, а притоа правото и правдата ќе останат неприкосновени.