Македонија
Веднаш по судењето Мијалков оди во затворот во Шутка

Судот донесе одлука првообвинетиот Сашо Мијалков да издржува ефективен, односно затворски притвор. Тој по судењето ќе биде спроведен во истражниот затвор во Шутка.
Одлуката е донесена поради сомневањата на Обвинителството дека тој може да се даде во бегство, доколку биде во куќен притвор, што е поблага мерка.
„Се уважува предлогот на Јавното обвинителство. Се укинува решението за куќен притвор. Спрема Сашо Мијалков се определува мерка притвор до правосилноста на пресудата, но најдолго 60 дена. Против Мијалков има и обвинителен предлог, па предвидено е по објавување на пресудата да биде изречена ваква мерка”, рече судечкиот совет.
Обвинителката Ленче Ристоска кажа дека тој може да избега и да има легален престој во Прага, каде што има и имот. Според неа, куќниот притвор не е доволна мерка за обезбедување присуство.
„Во конкретниот случај сметаме дека мерката куќен притвор за Мијалков не е доволна за обезбедување негово присуство, затоа бараме ефективен притвор. Во текот на вчерашниот ден обезбедени се известувања од МВР, согласно кои МВР нема технички можности/опрема за 24 часовен видео и електронски надзор на почитување на мерката притвор, што е еден од сегментите за куќен притвор. Од Обвинителството, потврдени се податоците дека Мијалков има регистрирана адреса и договор за престој во Прага и две возила на негово име, а особено, предлагам да се цени фактот дека тој е човек кој поседува приватни бизниси исто како и неговите членови на семејството. Тоа значи дека тој може да живее во бегство сосема комотно“, рече Ристоска.
Осудениот Мијалков два дена беше недостапен за полицијата, која во неделата го бараше да му врачи решение за куќен притвор поради опасност од бегство издадено од кривичниот суд.
Мерката беше побарана од Обвинителството, откако обвинителката Вилма Русковска доби информации дека тој ќе се даде во бегство.
По него беше распишана меѓународна потерница. Во вторникот Мијалков сам се појави пред Обвинителството, објаснувајќи дека имал висока температура па се изолирал поради сомневање дека е заразен од коронавирус.
Никој не објасни, каде што се изолирал Мијалков. Обвинителката Русковска кажа дека не му верува на објаснувањето кое го даде и неговиот адвокат Петар Василев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.