Македонија
Велковски: Eкономската нестабилност и зголемените животни трошоци се дел од предизвиците со кои се соочуваат современите семејства

Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски се обрати на Меѓународната конференција на тема: „Предизвиците на современите семејства “, организирана од Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет, кој годинава го одбележува својот 10-годишен јубилеј.
Во своето обраќање, Велковски ја истакна потребата од проактивен пристап во третманот на семејството. Тој истакна дека Владата покажува силна политичка волја за решавање на прашањата поврзани со семејството, демографијата и младите, особено во контекст на миграцијата, глобализацијата и социјалните промени.
Велковски посочи дека економската нестабилност, зголемените животни трошоци и нестабилните услови на пазарот на трудот се само дел од предизвиците со кои се соочуваат современите семејства.
„Нашата задача како институции е да обезбедиме услови за економска поддршка, флексибилни работни услови и пристап до социјални права за родителите“, дополни Велковски.
Во контекст на промените во традиционалната семејна структура, Велковски информираше дека Владата ја презеде одговорноста за изработка на нов закон за семејство, кој ќе ги рефлектира современите текови и ќе ги нагласи правата и обврските на двајцата родители во интерес на децата.
Во однос на дигитализацијата и нејзиното влијание врз семејната интеракција, Велковски рече: „Tреба да се стремиме кон зачувување на традиционалните семејни вредности, кои се темел на нашето општество“.
Осврнувајќи се и на менталното здравје, тој подвлече дека стресот, депресијата и анксиозноста се сè почести, и како институции, имаat обврска да обезбедat соодветна поддршка и пристап до стручна помош за семејствата.
„Предизвиците со кои се соочува современото семејство се комплексни и бараат холистички пристап. Со економско зајакнување на семејствата, засилена социјална превенција и проширување на услугите во заедницата, како и унапредување на компетенциите на стручните лица за психо-социјална поддршка, можеме да создадеме општество во кое секое семејство ќе има услови да напредува и да придонесе за здрава и просперитетна нација“, заврши заменик министерот за социјална политика, демографија и млади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.