Македонија
(Видео) Вера Иванова доби условна казна за „Диамед“ и центрите за дијализа, се бара и конфискација на над три милиони евра
Вера Иванова е прогласена за виновна за случајот „Диамед“ поврзан со центрите за дијализа. Судијата Илија Трпков смета дека обвинетата Иванова учествувала на повикот за добивање на лиценца за дијализа и ја добила, но не за вршење на дејност туку за да ја зголеми вредноста на нејзината фирма. Иванова доби условна казна, а судот бара и конфискација на износ во вредност од 3.275.000 евра од Иванова, а останатите средства ќе се конфискуваат од правно лице.
„Обвинетата сторила кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување и кривично дело перење пари. Судот за одделните кривични дела утврди казна, и тоа за делото злоупотреба на службена положба и овластување – казна затвор од 1 година и 3 месеци. За кривичното дело перење пари и утврдува казна затвор од 1 година и 3 месеци. За двете кривични дела, се утврдува единствена казна затвор од две години која нема да се изврши ако обвинетата во рок од пет години сметано од денот на правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело“, кажа судијата Трпков.
Според Трпков, судот ги имал во предвид сите околности за случајот кога ја изрекувал казната. Трпков смета дека обвинетата била коректна на судењето, како и отежителните околности и наброја дел од нив: „степенот на кривична одговорност, зачестеноста на овој вид кривични дела, околностите под кои е сторено“.
„Судот во името на граѓаните на Република Македонија ја донесе пресудата. Обвинетата Вера Иванова е виновна бидејќи како одговорно лице, искористувајќи ги службените овластувања, и покрај тоа што немала намера да врши дејност дијализа, туку да ја зголеми цената на правното лице и да го продаде, а свесно за себе да прибави имотна корист, ја искористила состојбата што Министерството за здравство, дозволило во отворен повик за договор за лиценца да учествува не само здравствени установи и работници туку и трговски друштва“, образложи Трпков.
Кривичниот суд тврди дека се ценети сите докази, како на Обвинителството така и тие кои се приложени од обвинетата.
„Судот ги ценеше сите докази. За јавното обвинителство и одбраната беше неспорно дека Вера Иванова ја основала ПЗУ ‘Диамед Македонија’ врз основа на отворен повик од Министерството за здравство. Неспорно е дека е склучен договор за лиценца за дијализа. Исто така од доказите произлезе дека во текот на 2015 година започнале преговори за продажба на уделот на ‘Метрополитен’ на шведската фирма. Обвинетата имаше обид да претстави дека нејзините намери биле да профункционира системот на дијализа. Но за судот останаа нејасни мотивите за веднаш да го продаде правниот субјект. Обвинетата сакаше да претстави пред судот обвинетата не прекршила никаква одредба, а трансакцијата дека е нормална“, кажа судијата Илија Трпков.
Обвинителниот акт против Вера Иванова беше поднесен пред две години. Во обвинението стоеше дека цел на Иванова било да добие монопол на пазарот со 20-годишна лиценца и повеќекратно зголемување на вредноста на нејзиниот удел наместо вршењето дијализа.
Ивановска, како управителка на „Метрополитен“ искористувајќи ги овластувањата, во 2013 година искористила прилика, како трговско друштво, да учествува во постапка за добивање 20-годишна лиценца за дијализа, а сто тоа да обезбеди и монопол на пазарот за оваа дејност со што повеќекратно го зголемила уделот.
Потоа ја основала здравствената установа „Диамед“ каде основач е трговското друштво „Метрополитен“ и во 2014 склучила договор со Министерството за здравство за вршење дијализа. Во 2015 година Ивановска, со цел да го продаде монополот, почнала преговори со шведската компанија „Дијаверум“. За да ја избегне обврската за согласност од Министерството за здравство за пренос на уделот, Ивановска уделот го пренела од „Диамед“ на „Метрополитен“ и во 2018 година склучила договор со шведски „Дијаверум“ за продажба. Со тоа уделот на „Метрополитан“ од 3.750 евра го зголемила на 11.560.000 евра, за колку што го продала на „Дијаверум“.
Обвинителството, при поднесување на обвинението, извести дека утврдило дека Иванова, како управител и сопственик, парите до кои дошла со злоупотреба на службена должност ги пуштила во оптек. 3.275.000 евра завршиле на сметка отворена на нејзино име во банка во Македонија и износ од 8.281.000 евра, на сметка што гласи на правното лице чиј краен сопственик е таа, во банка во Монако. За овие средства Обвинителството побара замрзнување на крајот на 2018 година, кога почна истрагата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

