Македонија
(Видео) Алити од Алтернативата: Можна е коалиција со огнените од ДУИ
Разрешениот министер за информатичко општество од редовите на Алтернативата, Адмирим Алити, во интервју за „Макфакс“ не ја отфрла можноста за коалиција со т.н. огнена група на ДУИ.
На прашањето дали во блиска иднина е можно преструктуирање и окрупнување на албанската опозиција, Алити појаснува:
„Мислам дека теоретски може да има окрупнување со огнените“. Тој одговара под кои услови и кога би коалирале.
Анализирајќи го раздорот во ДУИ, Алити оценува дека тоа што партијата им го правела на Албанците со години, сега им се случува внатре во куќата.
„Ние се разликуваме од ДУИ. Кога сме кај вработувањата, ние како Алтернатива сакаме деполитизација на институциите и ако е професионалец, треба да се вработува, кај ДУИ тоа е – ако си ДУИ, можеш веднаш да се вработиш, ако не си ДУИ, не можеш. Сега имаме две ДУИ. И имаме случаи каде што во делот на вработувањата или во делот на дисциплинските постапки тие си ги прават едни на други. Тоа што им го направија како партија на другите, сега им се случува внатре во куќата“.
Поопширно за политичката поставеност на албанскиот политички кампус во интервјуто за „Макфакс“ со Адмирим Алити, потпретседател на Алтернативата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Преродба“ ќе поднесе декларација до бугарскиот парламент со осуда по изјавите Николоски
Крајнодесничарската партија „Преродба“ најави дека ќе поднесе предлог-декларација со суда за говор на омраза во бугарскиот парламент, а во врска со изјавите на вицепремиерот Александар Николоски кој ја нарече земјата „нецивилизиран домаќин“ по средбата меѓу Силјановска Давкова и Румен Радев на која го немаше македонското знаме.
„Имаме договор за добрососедство и тој отворено се прекршува. Сфаќаме дека ова е политика на намерно барање провокации, која Скопје ја игра изненадувачки добро. Треба да се реагира умерено и дипломатски, без да се навлегува во нивниот тон. Ќе поднесеме барање за вонредна седница на Народното собрание и ќе ја поднесеме декларацијата денеска“, изјави Костадин Костадинов, лидерот на „Преродба“.
Според него, во декларацијата треба да пишува дека Бугарија мора да ги информира своите партнери во Европската Унија за тоа што се случува од другата страна на границата – дека има саботажа против паневропските политики и една од нив е Коридорот 8.
„Кога сакате да бидете во заеднички европски дом, мора да ја почитувате политиката на овој заеднички европски дом. Еден од условите е да имате политика на добрососедство“, додаде тој.
Македонија
Адвокатот на таткото на Вања: Обвинението се темели на доказите кои ги прибавил Александар, тој е жртва
Адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегџиќ кажа дека денеска во воведните говори на Јавното обвинителство не слушнале која е поткрепата на обвинението за Александар Ѓорчевски и врз основа на кои докази го темели обвинението за стореното кривично дело.
„Само паушално наведува дека помагал. Немаме дејствија на извршување, немаме доказ и потполно беше апсурдно барањето на Јавното обвинителство за исклучување на јавноста, а јавниот обвинител во воведниот говор вели јавноста да ги добие долгоочекуваните одговори. Како јавноста доколку биде исклучена ќе ги добие долгоочекуваните одговори“, рече Туфегџиќ.
Адвокатот додаде дека таткото на Вања е жртва и оштетен во постапката.
„Александар е жртва, тој е оштетен во оваа постапка, тврдам дека секој родител на кој би му се случило вакво нешто би го презел апсолутно истото што го презел тој, би водел своја самостојна истрага. Сведоци сте дека обвинението се темели токму на доказите кои ги прибавил Александар и тоа со знаење и согласност на полициските службеници“, рече адвокатот и додаде дека „тврди дека ова не е водено онака како што треба, затоа го имаме тој резултат во однос на Александар“.
Македонија
Герасимовски: Во соработка со МВР расчистена е депонија во објект вселен од бездомници во Буњаковец
По налог на Општина Центар, расчистен е напуштениот објект на улица „Владимир Полежиновски“, зад ТЦ Буњаковец, во кој со месеци диво биле вселени бездомни лица и зависници. Акцијата е спроведена со асистенција на МВР, а по пријава на станарите од околните згради. Бездомниците се иселени, а руинираната куќа, претворена во депонија со смет и токсичен отпад, е исчистена и оградена со лимени табли за да се спречи повторно влегување на овие лица. На акцијата присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Жителите му се пожалија дека стравуваат за личната безбедност, но и за своето здравје поради ситуацијата во соседниот објект, кој е потенцијален извор на зарази.
„Инспекторите на Општина Центар и полицијата денеска одлично си ја завршија работата и мислам дека веќе нема место за загриженост. На сопствениците им наложивме да си го средат и исчистат објектот, а ние го расчистивме околниот јавен простор. Сопственикот го загради и влезот на куќата со цел да нема нови упади“, истакна Герасимовски во разговор со граѓаните.
Градоначалникот посочи дека ваквите пропаднати и напуштени куќи, во кои се собираат бездомници и се прават мини депонии не се само грда слика во центарот на градот, туку претставуваат и вистинска опасност за сите жители во околината.
Затоа ги замолуваме сопствениците да бидат совесни, а соседите навремено да пријавуваат за да можеме да реагираме“, порача Герасимовски.