Македонија
(Видео) Алиу: Ќе поднесам денеска оставка, ако некој ми каже во очи дека овие закони се поврзани лично со моето име

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу денеска на прес-конференција кажа дека не е точно дека ќе поднесе оставка, иако имало шпекулации во јавноста дека министерот, како што вели ќе се откаже од тој предизвик.
„Тоа доаѓа од луѓе кои не ме познаваат доволно добро или можеби луѓе кои тоа го посакуваат. Јас сум се нафатил на овој ангажман и тоа со гордост да им служам на моите сограѓани и спремен сум додека сум министер да придонесам во остварување на визијата, подобра држава за нашите граѓани и деца“, рече Алиу.
„Кога станувате министер се предлагате од политичка партија. Јас сум министер од Алијанса на Албанците. Ако некој ми каже во очи дека овие закони се поврзани лично со моето име ќе донесам денеска и сега оставка. Досега ми е кажано дека овие закони не се во постапка заради причини во кои не верувам, ако тоа се докаже јас ќе донесам оставка пред мојата политичка партија, ќе барам таа да биде усвоена и после тоа ќе поднесам до Владата“, кажа министерот.
„Станува пракса законите да поминат на Влада, а потоа да заглавуваат во Собрание. Сите закони се со ЕУ знаменце, сите се по скратена постапка, не гледам причина зашто законите да не бидат во процес. Јас ќе стојам до крај законите да се донесат“, додаде министерот.
„Не може да има систем ако тој систем зависи од волјата или условувањето од индивидуи. Или работите ќе течат јасно, по однапред поставена процедура и чекори или системот ќе се гуши во кал. Или македонскиот систем ќе се реформира како што треба или ќе пропадне во крпениците коишто ги правиме. Пакетот закони кои МИОА ги предлага треба да се донесат час поскоро бидејќи тоа е од клучен интерес за граѓаните. Кога станува збор за нивниот интерес, треба да се случи час поскоро. Ваков став треба да имаат сите пратеници и сите политички партии во нашата држава. Реформата на јавната администрација е неопходен процес тесно поврзан со европската интеграција на државата“, рече Алиу.
Тој кажа дека не ги знае причините зошто се заглавени законите.
„Да ги знаев причините немаше да има потреба да направам прес, ќе седнев со колегите и во Влада и во Собрание ќе разговарав“, одговори министерот.
Станува збор за три закони за реформа на јавната администрација, два за дигитализација и законот за медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.