Македонија
(Видео) Андоновски: Молк од Заев за негирањето на македонскиот јазик

Страшен скандал ја тресе европската интеграција на Македонија, истакна на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски.
„Како резултат на коленичењето на Зоран Заев пред соседите, прифаќајќи секакви условувања, Македонија е и блокирана на евроинтегративниот пат и национално понижена пред целокупната европска јавност. Во видеото јасно се гледа дека државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш, зборува за македонскиот јазик како дел од бугарскиот, нарекувајќи го ‘северномакедонски’. ‘Северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик’. Ова е точната фраза што ја искористила оваа политичарка пред бугарските медиуми. Ова ли е заштитата на македонскиот јазик и идентитет за кој зборува Зоран Заев последните две години. Овие ли се ‘бетонираните’“ позиции“?, праша Андоновски.
„Сега веќе секому е јасно дека на Македонија ѝ се случува класична распродажба на сите национални интереси и обележја. А виновникот е Зоран Заев“, вели Андоновски.
Од партијата на Андоновски прашуваат дали ставот дека македонскиот јазик е северномакедонски е дел од португалскиот предлог што Заев го прифаќа?
„Дали португалскиот механизам кој беше целосно прифатлив за Заев значи дека владата се обврзала да прифати срамна парадигма – дека македонскиот јазик бил некогаш дел од бугарскиот јазик? Дали португалскиот предлог кој е одличен за Заев вклучува и став дека во ЕУ не се внесуваат билатерални недоразбирања и тие треба да бидат решени пред нова земја да се приклучи на Унијата? Дали со однесувањето на Заев сега цела Европска Унија останува на страната на Бугарија? Дали се случува она за кое предупредувавме – дека постојат земји од ЕУ кои тивко ја поддржуваат Бугарија?“, се прашањата која ВМРО-ДПМНЕ како партија ги упатува на адреса на власта.
Според Андоновски, ова, како што вели, претставува досега неповторен скандал за македонската дипломатија. „Понижување од најдрзок вид. И никој од власта не реагира на срамните негаторски изјави за македонскиот јазик. Нема протестна нота од Бујар Османи, нема реакција кон амбасадата на Португалија, нема одбрана на македонските национални интереси, нема ниту изјава за заштита на која било од социјалните мрежи. Целосен молк“.
Андоновски додава дека македонскиот јазик и народ се под силен удар. А тоа според неговите оценки е резултат на распродажбата на македонскиот идентитет од лекомислени политичари кои најмногу се занимаваат со полнење на сопствените џебови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.