Македонија
(Видео) Антовски: Граѓаните ќе плаќаат поскапа струја од септември, затоа што Заеви ги испразниле касите на ЕЛЕМ и МЕПСО

Поради неодговорните и неспособни политики на СДСМ, но и криминалните тендери во РЕК Битола, преку кои милиони завршија на сметки на приватни фирми, од септември следува поскапување на цената на струјата, изјави Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„ СДСМ го изманипулира народот во предизборието и неколкукратно ги одложуваше одлуките на Регулаторната комисија за енергетика, за истата да донесе одлука по изборите, дека од септември ќе следува зголемување на цената на струјата.
Ваквото покачување е резултат на загубите на ЕЛЕМ и МЕПСО. Што, пак, од друга страна е показател на нестручниот и недомаќински начин на управување со овие државни претпријатија.
Кога ВМРО-ДПМНЕ ја предаде власта на СДСМ, АД ЕЛЕМ имаше депозит од 1.5 милијарди денари, за сега да зборуваат дека се во загуба и дека поради тоа граѓаните треба да плаќаат поскапа струја. Срамота! Не само што не го зачуваа тоа што им беше оставено, туку и книжат загуби, кои од септември ќе треба да ги плаќаат граѓаните.
Граѓаните не се должни да плаќаат поскапа струја за Зоран и Вице Заев да можат да делат тендери во РЕК Битола и да вработуваат партиски војници во АД ЕЛЕМ и МЕПСО, каде само пред избори вдомија над илјада лица блиски до нив.
Апелираме да запре недомаќинскиот однос на СДСМ со државните претпријатија и имотот на граѓаните на Република Македонија. Регулаторната комисија за енергетика пред да пристапи кон покачување на цената на струјата треба да знае дека граѓаните се најмногу погодени од корона-кризата.
И затоа, пред да одлучат за покачување на цената на струјата, што треба да го полни буџетот на ЕЛЕМ и МЕПСО, за повторно да има пари за матни тендери, потребно ќе биде да направат добра анализа за работењето на менаџерските раководни тимови на сите енергетски компании. На тој начин, наместо да бараат од народот да го надомести она што компаниите не успеаја да го заштедат во време на корона-криза, треба само правилно да ги анализираат трошоците на сите енергетски компании, а не безрезервно да им ги оправдуваат.
Наместо Регулаторот да ги оправдува трошоците на компаниите, потребно е да им наложи на нивните раководни структури да направат подлабоки резови и оптимализација на работењето во услови на ваква криза“, вели Антовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.