Македонија
(Видео) Антовски: Хаварија во РЕК „Битола“ поради неодговорноста и неспособноста на власта

Јавноста вчера беше информирана дека во РЕК „Битола“ се случила хаварија и дека во прекин е транспортот на јаглен од рудникот „Суводол“ до РЕК „Битола“ поради дождовите. Ова е само уште еден показател дека енергетиката не страда од природни непогоди, туку од непогодата наречена неодговорно и нестручно работење на власта. Тие постојано бараат изговори и виновници за своите неуспеси. Еднаш тоа е опозицијата, друг пат тоа е дождот, обвини Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јавноста треба да знае дека поради немање доволни количини јаглен, уште од 18 јули 2020 година РЕК ‘Битола’ работи само со еден блок, а според плановите од 15 јули, требаше да работат сите три блока. Најголемиот багер за ископ на јаглен повеќе од еден месец е надвор од функција бидејќи е потопен и заглавен во кал уште пред да се случат вчерашните поројни дождови. За сето ова ВМРО-ДПМНЕ неколкупати ја известуваше јавноста во април, мај и јуни. Додека ние ја известувавме јавноста дека најголемиот багер е потопен во вода уште од април, СДСМ се грижеше само како да го спроведе предизборниот поткуп на граѓаните за да може на незаконски начин да ги добие изборите и да не одговара за овие злодела на државниот имот. Исто така, и другите рударски постројки се во неизвесна состојба. Дополнително, поради лошиот квалитет на јагленот, се трошат огромни количини мазут, со што значително се зголемуваат трошоците за производство на електрична енергија. Со ова се загрозува енергетскиот систем во Македонија.
Патем, наместо санирање на ваквите состојби, ЕЛЕМ и РЕК „Битола“ набавуваат минерална вода во износ од 3 милиони денари за потоа без срам да бараат и поскапување на струјата во износ од 7,5 %. Додека власта на Заев е заинтересирана повеќе за тоа како да направи некој милионски скандалозен тендер, како непотистички да ги полни енергетските компании со скапо платени вработувања, како да набавува вода наместо механизација, до тогаш ќе ни се случуваат поскапувања на струјата и хаварии во нашите енергетски компании.
ВМРО-ДПМНЕ подолго време ја алармира јавноста за погубните политики на „шампионите“ во енергетскиот сектор, особено за состојбата во РЕК „Битола“.
Доколку и понатаму со РЕК „Битола“ продолжи да менаџира актуелното раководство на „Електрани на Македонија“, во претстојната грејна сезона ќе се соочиме со далеку подраматични и покомплексни состојби, кои може да предизвикаат и целосен колапс во производството на електрична енергија во комбинатот.
Исто така, ВМРО-ДПМНЕ како одговорен политички субјект кој работи посветено во интерес на граѓаните на Македонија ја информира македонската јавност дека една од причините за намалената добивка на ЕЛЕМ не се должи на пандемијата на коронавирусот, туку на неможноста да ги обезбеди потребните количини јаглен за производство на електрична енергија. Згора на сè, висината на цената по која АД ЕЛЕМ ѝ ја продава својата енергија на „ЕВН хоме“, празнењето на акумулациите на хидроцентралите, непотребните партиски вработувања со нестручен кадар, негрижата за објектите во РЕК „Битола“, кои во целост се во сопственост на граѓаните на Македонија, направија овој гигант да се соочува со колапс, а сето тоа резултира со поскапување на цената на електричната енергија.
Затоа им порачуваме: енергетиката не се гради преку ноќ, но може лесно да се уништи преку ноќ, а за жал, СДСМ е експерт во уништување!“, порача Антовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Не постои значителна штета“ – Обвинителството се откажа од обвинението за Максим Димитриевски

Кумановото обвинителство го повлече обвинението поднесено до Основниот суд Куманово, со кое беше опфатен градоначалникот, Максим Димитриевски.
Од Обвинителството велат дека одлуката ја донеле откако по изведувањето на сите докази, вклучително и исказите на вештите лица, било утврдено дека не постои значителна штета, што е клучен елемент за постоење на кривичното дело.
Првичното обвинение се темелело на материјално-финансиско вештачење кое укажувало на значителна имотна штета во висина од 3.307.869 денари нанесена на две оштетени фирми. Меѓутоа, по изведување на сите докази и исказите на вештите лица, било утврдено дека штетата наведена во обвинението не постои поради издаденото Одобрение за градење, објаснува Обвинителството.
Откако обвинителот на 30 јуни годинава се откажал од обвинението, Основниот суд Куманово на 1 јули донел пресуда со која обвинението се одбива.
Кумановското Основно јавно обвинителство во март минатата година поднесе обвинение против актуелниот градоначалник, Максим Димитриевски, за злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинението се засноваше на две кривични пријави поднесени од две локални фирми кои го пријавиле Димитриевски дека не им издал градежна дозвола, односно да платат комуналии за изградба на зграда според важечки детален урбанистички план. Со тоа, како што тврдеа тие, кумановскиот градоначалник им нанел штета од околу 55.000 евра.
Македонија
Ковачев: За темите за идентитетот и за јазикот нема место во извештајот, се отвора Пандорината кутија

Трите најголеми политички групи во Европскиот парламент го поддржаа предлогот да се отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од извештајот за Северна Македонија, потврдува бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев по пишувањата на бугарските медиуми.
Тој рече дека на барање на групата на Европската народна партија (ЕНП), трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – ЕНП, Социјалдемократите (С&Д) и Обнови ја Европа (Либералите) – синоќа се согласиле да ги отстранат сите референци на „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија.
Очекувањата се дека на пленарната седница следната недела мнозинството во Европскиот парламент ќе го поддржи овој амандман.
Ковачев истакна дека за темите за идентитетот и јазикот нема место во извештај за напредокот на земја-кандидат за членство во Европската Унија, бидејќи тие само водат кон поделби и отворање на „Пандорината кутија“.
Тој додаде дека целта на власта во Скопје е, пред локалните избори, да прикажат некаква „неверојатна триумфална победа“ над „источниот сосед“.
Ковачев рече дека Република Северна Македонија треба да го почитува потпишаниот договор со Бугарија и да ја деблокира работата на историската комисија, бидејќи тоа е местото каде треба да се дискутира за заедничката историја, како што е утврдено во договорот.
Тој изрази благодарност до сите колеги од сите политички групи во Европскиот парламент, особено до бугарските, за единствената позиција по ова прашање.
Премиерот Христијан Мицкоски, претходно денес го опиша бришењето на термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“, подеднакво лошо како и обидите да се стави придавката „модерен“ пред јазикот и идентитетот.
Рече и дека уште еднаш се покажало и се докажало на јавната сцена оти не се работи за само неколку стотини Бугари во Уставот, туку е многу, многу подлабоко. Тој побара да се извинат сите што досега убедуваа дека ако само се смени Уставот, нема да имаме проблеми.
Мицкоски рече и дека бришењето на македонскиот јазик и на идентитетот од извештајот е направено на талибански начин.
Извештајот треба да се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент на 8 јули, а бугарските европратеници очекуваат поддршка од мнозинството за овој амандман.
Владата во мај годинава како голема победа на македонската дипломатија го претстави спомнувањето на македонскиот јазик и на идентитетот на четири места во извештајот за напредокот на земјата. Уште една победа нашата Влада прогласи кога нацрт-извештајот помина на комисија без измени и покрај барањето на бугарските европратеници пред македонскиот идентитет и пред јазикот да стои зборот „сегашен“.
Македонија
ДУИ: Ова е аларм, се инсталира систем што ги избриша Албанците од јавните институции

Целосното исклучување на Албанците од 32 нови вработувања во Централниот регистар е јасен доказ за институционална дискриминација и исклучувачките политики на оваа влада, реагираат од ДУИ.
„Ова веќе не е статистика, ова е аларм. Се инсталира систем кој ги избрише Албанците од јавните институции. Тоа се случува секој ден, во секој сектор, и веќе не може да се толерира“.
ДУИ бара итна реакција од сите домашни и меѓународни институции. Тоа, како што велат, не е прашање на вработување, туку е прашање на еднаквост, мир и опстанок на мултиетничката држава.
Ваквата неправда, како што најавуваат, нема да помине во тишина.