Македонија
(Видео) Арсовски: СДСМ и Заев сакаат да го прикријат криминалот на Јанева, зошто и тие се вмешани во „Рекет“

Замислете Катица Јанева побарала форензичко бришење на компјутерите во СЈО. Очигледно, после ваков скандал Катица Јанева има нешто да сокрие, а штом се уште молчат сите и обвинителството и власта, и не се наоѓа Катица Јанева на распит во обвинителството, тоа значи дека некој сака и нејзе да ја скрие и да го премолчи целиот овој скандал и инволвираноста на Катица Јанева во истиот скандал „Рекет“, на прес-конференција рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Власта, СДСМ и Зоран Заев сакаат да го прикријат криминалот на Катица Јанева. Тоа потврдува дека и Зоран Заев и Катица Јанева и Кики и Фрики и сите останати се вмешани во случајот „Рекет“. Затоа ниту СЈО може повеќе да продолжи со својата работа, ниту пак Катица Јанева да биде обвинител. Замешана е во скандал за рекетирање тежок милиони“ истакна Арсовски.
ВМРО-ДПМНЕ бара носење нов реформски закон според принципите на правото и правдата и Уставот. Најпрвин, како што рече Арсовски, бараат детална истрага за случајот „Рекет“, за да се види инволвираноста и на Катица Јанева и на другите обвинители и истражители на целото СЈО.
„Потоа согласно законите бараме враќање на сите обвинители и истражители на нивните матични работни места од каде што доаѓаат и дури потоа доколку ако ги исполнуваат критериумите да конкурираат во новото обвинителство за гонење висока корупција и криминал. Не дозволуваме со закон, скокање по неколку скалила на обвинителите.
Бараме сите предмети од процесите коишто се започнати на ниво на обвинение до 30.06.2017 година, истите да бидат превземени од државниот јавен обвинител и истите да се прераспределат согласно процесите и советите на експертската јавност, онаму каде тие дела истите припаѓаат, односно треба да припаѓаат според нивната тежина“додаде Арсовски.
ВМРО-ДПМНЕ предвидува финансиска независност за целокупното Јавно обвинителство и тоа од 0,8 до 1 процент од државниот буџет, кој што се гласа секоја година, да се одвојува за потребите на државното јавно обвинителство.
„Ова се суштинските реформи кои треба да ја донесат неселективната правда. Намерите на СДСМ и Зоран Заев, верувајте дека не се искрени. Тие само сакаат да се амнестираат и да се заштитат по падот на власта на СДСМ, како што гледаме во моментов дека ја амнестираат Катица Јанева, односно сите други инволвирани. Македонија мора да се рестартира и мора да тргне напред. И тоа веднаш!“ порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.