Македонија
(Видео) Бит-пазар непрооден по пожарот на мостот кај Транспортен, Арсовска пак се крие од скопјани
Ако не морате, не се ни обидувајте да го поминете Бит-пазар е советот што скопјани си го разменуваат веќе пет дена откако изгоре мостот „Беласица“ кај Транспортниот центар и беше затворен за сообраќај. Во метежот кај Бит-пазар се заглавува и по половина час. Возилата на моменти се поместуваат само по еден метар. Оние кои одат од Чаир кон Центар во колона се движат уште од крстосницата со Џон Кенеди, а оние кои од Центар одат кон Чаир почнуваат да стојат во место уште од крстосницата на булеварот Кочо Рацин со „11 Октомври“, кај Црвен Крст.
Мостот изгоре пред пет дена во кои градоначалничката на Скопје, во чија надлежност е мостот, ниту еднаш јавно не излезе да даде објаснување за штетите, да каже колку време мостот ќе биде затворен за сообраќај или да понуди алтернативно сообраќајно решение.
Таа денес не одговори на повиците од „Макфакс“, ниту пак нејзината служба за односи со јавност даде одговори на прашањата испратени на официјалното лице за контакт со медиуми.
За изгорениот мост се одважи јавно да зборува само Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи. Тој соопшти дека мостот ќе биде целосно затворен и за возила и за пешаци се додека не се утврди колкава штета направил огнот. Во име на Град Скопје кажа дека е формирана работна група која треба да ги утврди штетите.
Денес министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање рече дека МВР се уште не го комплетирало извештајот за пожарот на мостот кој го чекаат во Град Скопје.
„Извештаите кога ќе бидат готови ќе бидат доставени до надлежните институции, тоа што е работа на Министерството за внатрешни работи. Инаку испитувањата кои треба да бидат направени дали пожарот допринел за намалување на статиката на мостот не е обврска на МВР“, рече министерот Спасовски.
Додека МВР го подготвува извештајот, а градоначалничката Арсовска се крие од јавноста, граѓаните на социјалните мрежи и предлагаат да се прилагоди веќе изградениот мост „Михаjло Апостолски“ кој делот кај салата Јане Сандански го поврзува со Керамидница. Коментираат дека е подобро да возат по ад-хок решение и неасфалтирани улици отколку да заглават во метежот околу Бит-пазар и по еден час.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја делови од општините Илинден и Кисела Вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат делови од општините Илинден и Кисела Вода.
Од 08:30 – 09:30 часот, корисниците од улицата бр. 34 во населба Илинден, општина Илинден ќе немаат струја.
Без електрична енергија од 09:00 – 13:00 часот, ќе бидат корисниците од дел од улицата Востаничка во општина Кисела Вода.
Македонија
Управен оформи предмети за седумте тужби на „Европскиот фронт“ против решенијата на ДИК
Управниот суд оформи седум предмети за поднесените тужби од „Европскиот фронт“, кои се против одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) за одбивање на приговорите за парламентарните избори.
„Со оглед на роковите за постапување и одлучување, Управниот суд итно ги презема сите процесни дејствија согласно Изборниот законик“, се вели во соопштението.
- Решение бр.УП1 бр.10-21/2 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.87/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-21/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.88/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-15/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.89/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-17/2 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.90/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-17/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.91/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-6 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.92/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-19/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.93/2
Попладнево Управниот суд одржа јавна седница по тужбата на „Вреди“. Судот одлучи дека постапката се прекинува откако претставникот на коалицијата изјави дека тужбата ја повлекува во целост.