Македонија
(Видео) Велешаните што му помогнаа на Трамп сега може да бидат искористени во домашната политика, предупреди американски експерт за дезинформации

Во пресрет на двојните избори во Македонија в година, Емерсон Брукинг, експерт за дезинформации, терористичка комуникација и политика на интернет, кој ја водеше и иницијативата за обезбедување интегритет на изборите во САД во 2020 година, предупредува дека велешката група што му помогна на Доналд Трамп да биде избран за претседател во 2016 година може да биде употребена и кај нас. Дезинформациите, според Брукинг, се ендемски за време на изборите насекаде во светот и не е прашање дали ќе се појават, туку колку ќе ги има ќе ги има и кои се актерите зад нив.
„Мислам дека Македонците што им помагаа на кампањите за дезинформации поврзани со Трамп во 2015 создадоа тело на експертиза што сега може да се користи во домашната македонска политика. Меѓутоа, исто така важно е да се знае дека тие Македонци не биле идеолошки водени. Виделе можност да заработат многу пари од лековерни Американци. Иако она што тие го правеа беше погрешно, јас исто така малку сочувствувам со нив бидејќи тие видоа можност и ја зграпчија. Но, секако, тоа не е начин на кој треба да се дејствува во демократско општество, особено кога тоа е вашата земја. Предизвиците кога ќе го создадете телото на експертиза, како што е случајот со Македонија, е дека тие експерти ќе го користат својот талент и на друго место за да направат брза реакција. Затоа мислам дека тоа е еден од предизвиците со кои се соочува Македонија, но секако тука не е само Македонија“, рече Брукинг и нагласи дека особено треба да се внимава на дезинформациите претставени како легитимен политички израз во секоја земја.
На минатонеделната годишна конференција за дезинформации во Краков, Полска, „ЕУ дисинфо лаб“, тој ја претстави 2024 како изборна година во многу земји кога транспарентноста и објективноста ќе бидат поважни од кога било и изирањето страна не значи избирање факти.
Годишната конференција за дезинформации ги сумира во пет столба најчестите дезинформации појавени изминатата година. Најголем е столбот за дезинформации во здравството, а следуваат миграцијата, индустриската недоверба, војната во Украина и дезинформации поврзани со климата.
Видео: Љубомир Домазетов
Монтажа: Влатко Желчески
Овој текст новинската агенција „Макфакс“ го изработи во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.